1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон: Европа мора да се подготви за војна ако сака мир

ЖА / агенции
15 март 2024

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди на последиците за Европа во случај на руска победа во Украина. „Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе падне на нула“, изјави Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон Фотографија: Ludovic Marin/AP Photo/picture alliance

Во оваа војна „е загрозена безбедноста на Европа“, додаде тој. Европа мора да се подготви за војна ако сака мир. Макрон смета дека Русија на претседателот Владимир Путин е противник кој нема да запре во Украина.

Макрон го повтори својот став да не се поставуваат црвени линии во однос на рускиот претседател Владимир Путин. „Не смееме да бидеме слаби“, рече Макрон. Тој уште еднаш индиректно го критикуваше германскиот канцелар Олаф Шолц, кој и понатаму ја отфрла можноста за испорака на крстосувачки ракети Таурус. Оние кои сега поставуваат ограничувања за помошта за Украина,  „не избираат мир, туку пораз“, рече Макрон.

„Поставивме премногу граници со зборови“, рече Макрон. „Пред две години рековме дека никогаш нема да испратиме тенкови. Потоа го направивме тоа. Пред две години рековме дека никогаш нема да испратиме ракети со среден дострел. Потоа сепак го направивме тоа“, објасни тој. Ова ги релативира дефинитивните изјави „дадени  од некои во Европа“, рече тој, без да наведува имиња.

„Никогаш нема да тргнеме во офанзива или нема да преземеме иницијатива. Франција е сила на мирот“, нагласи Макрон. „Но, ако ситуацијата се влоши, ние мора да бидеме подготвени за Русија никогаш да не победи“, додаде тој.

Како нуклеарна сила, Франција има и „посебна одговорност никогаш да не бара ескалација, ниту вербално ниту на дело“. Нуклеарното оружје „не е инструмент на закана, туку е безбедност“, подвлече Макрон.

Францускиот претседател минатиот месец предизвика контроверзии со изјавата дека не може да ја исклучи можноста за  распоредување западни копнени трупи во Украина  во иднина. Многу шефови на држави или влади се оградија од неговата изјава, додека други, особено во Источна Европа, изразија поддршка. Макрон сега ја повтори својата позиција, но нагласи дека испраќањето копнени трупи не е неопходно во сегашните услови. „Денес не сме во оваа ситуација“, рече Макрон. Но додаде: „Сите овие опции се можни.“

Макрон ја истакна подготвеноста на Франција да преземе заеднички долг за да продолжи да ја поддржува Украина. „Не исклучувам дека ќе донесеме дополнителни одлуки за финансирање на Украина“, рече тој, алудирајќи на предлогот на естонската премиерка Каја Калас.

Францускиот претседател денеска пристигнува во Берлин, каде првично ќе има  билатерална средба со канцеларот Шолц,  а потоа и заедничка со полскиот премиер Доналд Туск. Главна тема на разговорите е помошта за Украина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми