1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон и Зеленски ѝ ја честитаа победата на Сиљановска

ДТЗ
10 мај 2024

Франција останува на страната на Македонија за нејзината европска иднина. Украина очекува зајакнување на соработката за враќање на мирот и стабилноста во Европа.

Емануел Макрон
Макрон и Зеленски и ја честитаа победата на СиљановскаФотографија: Gonzalo Fuentes/AFP/Getty Images

Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ ја честитаа победата на Гордана Сиљановска-Давкова на претседателските избори коишто се одржаа на 8 мај. По изборите на коишто убедлива двојна победа извојува ВМРО-ДПМНЕ, според Макрон, се отвора нова страница во Северна Македонија. 

Нова страница 

„Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска-Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за претседател“, напиша Макрон во објавата на неговата Фејсбук страница.

Тој додава дека Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.

Сиљановска-Давкова, во објава на Фејсбук се заблагодари на честитката на францускиот претседател. „Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа вели дека за време на нејзиниот мандат ќе работи на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена. 

Гордана Сиљановска-Давкова вели дека за време на нејзиниот мандат ќе работи на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната разменаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Силно партнерство“ 

Честитки пристигнаа и од претседателот на Украина, Володимир Зеленски. „Ѝ честитам на Гордана Сиљановска-Давкова за убедливата победа на изборите. Ѝ посакувам успешна и плодна работа на нејзината позиција. Го цениме нашето силно партнерство и сме му благодарни на Скопје што ја поддржува Украина во спротивставувањето на руската агресија“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

Тој изрази надеж за натамошно зајакнување на билатералната соработка за враќање на мирот и стабилноста во Европа.

Украина очекува зајакнување на соработката за враќање на мирот и стабилноста во ЕвропаФотографија: picture alliance/dpa/Ukrainian Presidential Press Office via AP

Унгарскиот претседател Тамаш Суљок во неговата честитка изрази надеж за соработка и зајакнување на билатерални односи меѓу двете земји. 

Честитки и искрени желби за успешно исполнување на високата задача, на првата избрана жена за претседател на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова ѝ упати и поранешниот албански претседател Илир Мета, кој сега е лидер на Партијата на слободата.

„Убеден сум дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе даде нов поттик на билатералните односи во поглед на перспективата на заедничка интеграција и што поскоро во Европската Унија“, напиша Мета на Фејсбук.

Во Северна Македонија на 8 мај се одржаа парламентарни избори и втор круг од претседателските избори.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми