1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон отфрли влада на левичарскиот сојуз во Франција

ЕМФ / афп
27 август 2024

Нема крај на неизвесноста околу новата влада во Франција. Претседателот Емануел Макрон отфрли коалициска влада на левичарскиот сојуз Нов народен фронт.

Франција Емануел Макрон
Емануел Макрон ја отфрли владата на левичарскиот сојуз Нов народен фронтФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Повеќе од еден месец по оставката на францускиот кабинет, претседателот Емануел Макрон го отфрли формирањето влада од страна на левичарскиот сојуз Нов народен фронт. Другите партии во Националното собрание „веднаш ќе изразат недоверба“ на таква влада, се вели во соопштението на Елисејската палата. Затоа, „институционалната стабилност на нашата земја бара да не се избере оваа опција“.

Според соопштението, Макрон ги повикал сите политички одговорни лица „да се соочат со моментот и да покажат чувство за одговорност“. Тој најави нови консултации и ги повика социјалистите, зелените и комунистите „да работат заедно со другите политички сили“. Макрон не ја именуваше левичарско популистичката партија Непокорна Франција (ЛФИ), која формира левичарски сојуз со трите именувани партии.

Новиот народен фронт излезе како најсилен по парламентарните избори што се одржаа во јули. Сепак, претседателскиот табор, конзервативците и десничарските популисти, едногласно ја отфрлаат програмата на левичарскиот сојуз како „опасна“.

Макрон водеше разговори со политичките партии од крајот на минатата недела. Кандидатката на левичарскиот сојуз за шеф на владата, Луси Касте, имаше прием кај Макрон во петокот (23.08). По средбата таа изјави дека сојузот на леви популисти, социјалисти, зелени и комунисти е подготвен да „бара компромиси сè додека нема апсолутно мнозинство“.

Кандидатката на левичарскиот сојуз за шеф на владата, Луси Касте, имаше прием кај Макрон во петокот (23.08)Фотографија: Ludovic Marin/AFP/dpa/picture alliance

По отфрлањето влада на левичарскиот сојуз од страна на Макрон, координаторот на ЛФИ, Мануел Бомпар, во изјава за телевизијата БФМТВ го осуди „целосно неприфатливиот, антидемократски акт на насилство“. Лидерот на партијата Жан-Лук Меланшон на онлајн платформата Х оцени дека Макрон создал „исклучително сериозна ситуација“ и дека ќе биде поднесен „предлог за отповикување од функцијата“.

Комунистичкиот лидер Фабиен Русел повика на протести. „Во следните неколку дена ќе треба да се мобилизираме пред префектурите и во центрите на градовите“, рече Русел. „Ќе мора да има голема народна мобилизација.“

Традиционално, најголемиот политички табор во Националното собрание предлага кандидат за премиер. Претседателот може да назначи кого сака, но упатен е на тоа премиерот да добие мнозинство во Националното собрание за владините законски предлози.

По консултациите со левичарскиот сојуз, десницата и претседателскиот камп во петокот, Макрон ги продолжи напорите со вчерашната (26.08) ретка средба со десничарската популистка Марин Ле Пен од Националниот собир (РН). По состанокот, Ле Пен и лидерот на партијата РН, Жордан Бардела, го повторија своето отфрлање на „веројатната влада на Новиот народен фронт“.

Левичарскиот популист Меланшон во петокот сигнализираше подготвеност за компромис, укажувајќи дека неговата партија ЛФИ ќе се откаже од министерски позиции во владата. Ле Пен за изјавата на Меланшон вчера рече: „Тоа не менува ништо“. По разговорот со Макрон, таа повика на вонредна седница на парламентот во септември за да може Националното собрание да одржи гласање за недоверба „ако е потребно“. Левичарска влада отфрлаат и водечки политичари од претседателскиот камп и конзервативни политичари.

Поради Олимписките игри во Париз, Макрон првично ја задржа владата на премиерот Габриел АталФотографија: Vincent Voegtlin/dpa/MAXPPP/dpa/MAXPPP/picture alliance

Макрон распиша нови парламентарни избори откако РН имаше јасно водство на европските избори. На парламентарните избори на почетокот на јули, десничарските популисти паднаа на трето место поради тактичко повлекување на другите кандидати. Но, владиниот табор исто така го загуби релативното мнозинство, а левичарскиот сојуз беше изненадувачки во водство. Ниту еден од трите табори нема одржливо мнозинство во Националното собрание.

Поради Олимписките игри во Париз, кои завршија на 11 август, Макрон првично ја задржа владата на премиерот Габриел Атал. Сега времето е од суштинско значење, бидејќи Франција до октомври треба да го претстави нацрт-буџетот за 2025 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми