1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон – „вазал“ на сопствените контрадикции

14 април 2023

Посетата на Макрон на Кина и неговите контроверзни изјави со доза на ургетност го наметнуваат прашањето за Вашингтон: дали соработката САД-ЕУ е ограничена само на Eвропа или пак треба да се прошири и во Индо-Пацификот?

Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Divide et impera! Раздели, па владеј – гласи старото мото кое Цезар ќе го усоврши по освојувањето на Галија, со цел политички да се потчини и командува поразениот непријател. Подели ги Галите и ќе владееш со Галија!

2000 години подоцна, наследниците на Галите, модерните Французи, претставени од самобендисаниот Макрон, паднаа во истата стапица, но овој пат од страна на Кинезите. Затоа што стратегијата на Ши Џинпинг беше токму таа, да ја игнорира и третира како декоративен орнамент Урсула фон дер Лејен, додека му постели црвен тепих на Макрон во неговата „европска“ мисија во Пекинг. Џинпинг успеа да ја подели Европа и да ја придобие Франција.

Всушност проблемот исплива при враќањето на Емануел Макрон од Пекинг, кога во интервју за Politico и Les Echos, ќе изјави дека Европа не треба слепо да ја следи политиката на САД кога е во прашање Кина и да не биде вазал на Вашингтон, додека на ЕУ и препорача да развие автономна позиција во однос на Тајван. А токму кинескиот лидер со години зборува како Европа мора да развие стратешка автономија, нормално, со цел да ги држи разделени двата брега на Атлантикот. Макрон загриза токму на темата која за Пекинг претставува стратешка предност.

Елисејската палата и ентуражот на Макрон беа приморани во соопштение да ја прецизираат позицијата на претседателот: „Никаква еквидистанца на Франција помеѓу САД и Кина. САД се наши сојузници, споделуваме заеднички вредности, додека Кина е партнер, конкурент и стратешки ривал со кој сакаме да создадеме заедничка агенда со цел да ги намалиме тензиите и да се соочиме со главните глобални и меѓународни прашања“.

Но, бељата веќе беше направена, затоа што интервјуто во Германија одекна како бомба, разгорувајќи го бесот и на мнозинството и на опозицијата. Дополнително, ризикува да ископа уште поголем ров во и онака веќе комплицираните односи помеѓу Берлин и Париз. Или пак да отвори нов внатрешен судир во владата на Шолц: Зелените и СПД веќе со месеци се расправаат околу позицијата кон Кина. „Макрон личи како да го загубил разумот“, ќе каже Норберт Ротген, експерт за надворешни работи во германската опозициска Христијанско-демократска партија (ЦДУ). „Додека САД, а не Германија и Франција, главно ја помагаат Украина, бранејќи ја Европа, Макрон претендира да им го заврти грбот. И додека Кина прави обиди за напад на Тајван, Макрон претендира зближување со Кина“. 

Претседателите на Франција и на Кина, Емануел Макрон и Ши Џинпинг за време на средбата во Пекинг на 6 април 2023 годинаФотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Нилс Шмид, портпарол за надворешни работи на СДП, објасни дека за Берлин мисијата на Макрон во Кина е неуспешна. „Кинезите ја игнорираа Фон дер Лејен и тој тоа го дозволи. Идејата беше да ја претстави Европа и да се нагласи дека не постои национална политика, туку европска политика кон Кина. Наместо тоа, Макрон им даде можност на Кинезите да покажат дека воопшто не ми е гајле за Европа и дека се фокусираат на билатерални односи“.

Жесток беше и претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, кој предвидува ризик од ерозија на кредибилитетот на Макрон: „Доколку претендира суверенитет за Европа додека потпишува секакви договори со Кина“. Вебер мисли на 20-те бизнис зделки кои Макрон ги потпиша во Пекинг и дека Пекинг тоа ќе го награди со нарачки за француската економија, оддавајќи чувство на „business as usual“ во време на војна и комплицирани геополитички состојби.

Изјавите на Макрон се проблематични сами по себе, проблематични се поради темпизмот, но особено се проблематични во однос на Тајван. Проблематичниот пасус на Макрон гласи: „Најлошо би било ние Европејците да мислиме дека треба само да го следиме и да се адаптираме на американскиот ритам и да бидеме нивни „followers" околу тајванското прашање“. Ваквите фрази звучат како намалување на европската волја и капацитет за возвраќање во однос на кинеските постапки кон Тајпеј - прашање кое е од меѓународен интерес. Макрон на тој начин испраќа порака дека не сите кризи се глобални кризи, нешто што е во конфликт со чувството и значењето кое ЕУ сака да го наметне во однос на руската војна во Украина.

Макрон со право збори за поголема автономија и суверенитет на Европа, за еден мултиполарен свет, но потоа го загадува сопствениот наратив со билатерални дилови и себични национални интереси, со испраќање на порака дека на Европа не е и важно што ќе се случи со Тајван. Амбицијата на Макрон е разбирлива и споделива, но таа не може да биде култивирана надвор од традиционалните сојузништва на Европа и ЕУ, да се развива со трети страни, или пак, со попуштање кон денешните и утрешни системски ривали. САД и Европа се носечкиот столб на Западот и на атлантизмот и иако често се заборава, тој сојуз е пред се вредносен, а потоа и воен, политички и економски. Минатото, а и актуелната реалност ни кажуваат дека Европа има потреба од САД и обратно, дека врските се нераскинливи, што од минатите искуства, што од идните предизвици.

Францускиот претседател Емануел Макрон говори пред студентите на универзитетот во кинескиот град Гвангжу на 7 април 2023 годинаФотографија: LUDOVIC MARIN/AFP/Getty Images

Само преку таквиот сојуз и преку способноста Европа да биде вистински политички субјект, континентот ќе може да се соочи со предизвиците на хоризонтот, кои, да бидеме реални, никој сам не може да ги издржи. Се наоѓаме пред еден епохален, коперникански геополитички пресврт и поделбата на Западот, макар и реторички издавајќи ја заедничката кауза, или создавајќи чувство на несогласие и недостаток од заедничка визија помеѓу САД и Унијата, може да биде погубно за сите, особено за Европа.

Конечно, ако Макрон навистина се залага за европска стратешка автономија и суверенитет, за заедничка одбрана, тогаш реториката може уште утре да ја претвори во политика, со тоа што на ЕУ ќе и го предаде постојаното членство на Франција во Советот за безбедност на ООН.

Повеќе од авторот: Шатл-дипломатијата на Макрон

Посетата на Макрон на Кина и неговите контроверзни изјави со доза на ургетност го наметнуваат прашањето за Вашингтон: дали соработката САД-ЕУ е ограничена само на Стариот континент или пак треба да се прошири и во Индо-Пацификот? Дотаму, што републиканскиот сенатор Марк Рубио го покани Вашингтон да ги преиспита своите приоритети. „Ако Макрон збори во име на цела Европа и ако нивната позиција е дека сега нема да одберат на чија страна се помеѓу САД и Кина околу Тајван, тогаш можеби и ние не треба да се определиме и да ги оставиме сами да се соочат со Украина(читај Русија)".

Но, протагонизмот на Макрон не и наштети само на ЕУ или сојузништвото со САД, туку ја стави во небрано и француската стратегија во Индо-Пацификот. Таму Франција има територии и официјален Париз секогаш тврдел дека за нив и за Брисел тој дел од светот ги задира глобалните интереси, па оттука, и Париз и Брисел имаат право да седнат на регионални маси како легитимни меѓународни актери. Реалноста ни говори дека случајот Тајван влијае на меѓународните динамики, дека прашањето не е само внатрешно кинеско, како што државата/партијата од Пекинг сака да го претстави. Тајван никогаш не бил дел од НР Кина и нејзината влада не е инсталирана, туку одбрана на слободни и демократски избори. И тука е костецот на проблемот, дека Европа не може да се подели на теми поврзани со човековите права и приципите на самоопределба на народите.

Но, впрочем, Европа, благодарение и на Франција, таа своја демократска и вредносна дефиниција ја заборави во однос на Македонија, прво менувајќи ја методологијата на преговорите, потоа преку срамниот и недостоинствен француски предлог. И тогаш превладеа себичниот француски интерес. Европа не ги одбрани своите вредности и принципи во срцето на Европа, како ли ќе ги одбрани во други делови од светот?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми