„Барам прошка и им се извинувам на сите граѓани кои ми го дадоа својот глас“. Така рече советничката од Кочани Кристина Атанасова – Арсова поднесувајќи оставка од општинскиот совет. Не успеала, вели, да реализира многу од ветеното, бидејќи тоа не било важно за градоначалникот и раководството кои, наместо за јавниот интерес, се грижеле само за лични привилегии.
„Имав храброст и визија за сите граѓани на Кочани, но бев сама бидејќи во ниту еден момент тие работи не беа погодни за раководството на мојот општински комитет. Бидејќи тие истите водени од своите суети, понесени од моќта на функциите кои за првпат во животот им се случија, тргнаа по патот на сопствените амбиции, заборавајќи ја доктрината на нашата политичка партија“, тажно констатираше Кристина. За неа, како што рече, тоа е страшно недостојно и понижувачки и за сите кои ја гласале и се извини за тоа.
Уф, каков моќен говор. Македонските граѓани го дочекаа првото искрено политичко извинување во 34-годишната историја на државата. Советничката од Кочани е зрак на надеж дека општеството е готово за промени, меѓутоа само ако вистинските луѓе дојдат на вистински места.
Ова е прва изјава во 34-годишната бурна историја на Македонија во која со тегоба, срам и понизност се изговорува магичниот збор „извини“. Не дека немало извинувања од политичка говорница и претходно. На пример некогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски се извини затоа што го кандидирал Борис Трајковски за претседател. Минатиот декември, пак, премиерот Христијан Мицкоски им се извини на жителите на Арачиново за изјава на министерот за социјална политика Фатмир Лимани кој јавно се конфронтираше со нивниот градоначалник. Екс министерката Гордана Јанкулоска во 2018 се извини, како што рече, на сите оние на кои им била нанесена неправда во времето на нивното владеење.
Извинувањето е прифатено
Веројатно има и други примери за извинување, но ниту наведените ниту било кои други звучеа спонтано и искрено. Сите беа дадени промислено, за некоја друга потреба, главно партиска или политичка, или со цел за собирање на симпатии во јавноста. Сѐ до понеделникот (14.04.) кога во Кочани од говорницата беше изговорено она тивко „се извинувам“.
Според реакциите кои потекоа во јавноста, може да се каже дека извинувањето е широко прифатено. А дали ќе биде и простено, тоа не знаеме. Оставката е дочекана како признание за лична одговорност за неуспехот на една политика во која Кристина учествуваше, веруваше, и се бореше граѓаните да ја прифатат и да и дадат поддршка. Колкава е големината на чинот на нејзината оставка и образложението што го даде притоа, говори и фактот дека таа е една од клучните личности на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. Извесно време беше и портпарол на локалниот општински комитет, а беше и истурен лик за време на изборите таму.
Таа на пример, агитирајќи своевремено за еден од градоначалниците кој е сега во групата осомничени, Ратко Димитровски, го пофали дека „работи најдобро што знае за својот град“ и затоа таа ќе го даде својот глас за него. „За човекот што направи многу а ќе направи уште повеќе“, велеше тогаш Кристина за Ратко Димитровски.
На последните локални избори 2021 таа пак, беше носителка на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш порача дека гарантира за одговорноста што ја преземаат со своите сопартијци за справување со сите современи ризици. Покрај стандардните флоскули за „чесност“ и за „транспарентност“ таа исто така ги повика граѓаните и да не се плашат „да го разнишаат престолот“ на тогашната „ненародна власт“ и да излезат да гласаат за Љупчо Папазов за градоначалник. „Тоа е човекот со визија за подобро и поуспешно Кочани“, велеше Кристина Атанасова - Арсова.
А тоа всушност беше човекот кој подоцна како градски татко ќе падне од престолот под налетот на една незамислива трагедија на која и кумуваа јавашлакот, корупцијата, незаинтересираноста и грубата партизација на сите пори од градот.
Партиската дисциплина попушта
Три и пол години подоцна Папазов е и еден од осомничените виновници за пожарот во дискотеката и единствениот кој под жестокиот притисок на јавноста даде оставка од функцијата градоначалник. Но притоа тој ниту збор не кажа за својата одговорност како прв човек на градот и општината. Дури рече и дека според законот, немал никакви надлежности во овој случај.
Спротивно на него Кристина Атанасова – Арсова храбро проговори за (не)одговорноста на оние што ги влечат конците. И во градот Кочани во државата. Кристина, која е инаку актерка по професија, и самата се најде во вителот на трагедијата со кочанската дискотека која однесе 61 млади животи. Повредено е нејзиното дете, на кое рече дека ќе му се посвети и ќе му помага во долготрајното лекување кое ќе следи. Таа имаше стотина легитимни причини да остане на советничкото место, а само една да замине: чувството за лична одговорност и чувството дека има личен удел во трагедијата во Кочани. Таа го избра второто. Тоа несомнено ја става на врвот на моралната вертикала која сите ја посакуваме, но која секојдневно се руши под налетот на амбициите, битката до истребување помеѓу партиите и летаргијата во која одамна влезе нашето општество.
Во владата и во партијата на власт овој неочекуван потег на Атанасова – Арсова ќе остане запаметен и по неуспехот да ја одржат партиската дисциплина по ужасот во Кочани. Никогаш нема да дознаеме дали можеби имало и други личности кои сакале да заминат но биле задржани. Впрочем имавме примери за „оставки“ во минатото кои станаа македонски специјалитет наречен „дадена а неприфатена оставка“. Ако воопшто може да се зборува за светли моменти по темното зазорување во Кочани, настапот на советничката е токму тоа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.