1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеПолска

Малолетна, силувана, бремена - скандал кој ја тресе Полска

Јацек Лепјарц
2 февруари 2023

Двајца лекари одбиле да направат прекин на бременоста кај жртва на силување. Тоа ја поттикна кавгата околу рестриктивните закони за абортус во Полска. Феминистки бараат либерализација, хардлајнерите уште построги казни.

Протести против заострениот закон за абортус во Краков, јануари 2021 година
Протести против заострениот закон за абортус во Краков, јануари 2021 годинаФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Случајот со едно 14-годишно девојче кое било жртва на силување, ги разбранува јавноста и политиката во Полска. Девојчето со ментална попреченост од североисточниот дел на Полска било силувано од сопствениот чичко и како последица на тоа останало бремено. Нејзината тетка која ја забележала бременоста, притискала да се изврши абортус.

Иако девојчето имало и потврда од обвинителство дека е жртва на кривично дело, која што е основа за легален прекин на бременоста, две болници во Подлаското војводство, што се наоѓа во близина на границата со Белорусија, одбиле да го спроведат зафатот. Регионот важи за упориште на десноконзервативната и од 2015 година владеачка Партија на правото и правдата (ПиС).

Клаузула против правото на абортус

„Лекарите го образложиле одбивањето да го спроведат зафатот со клаузулата за приговор на совеста”, пишува неделникот „Политика“. Рестриктивниот полски Закон за абортус предвидува дека доктори може да одбијат да направат зафат за прекин на бременоста доколку чинот е спротивен на нивните верски убедувања. Така било и во овој случај. Одбивањето од страна на болницата било драстично: „Одете си од овде”, им рекле на роднините. „Не знаеме каде да одиме”, рекле девојчето и нејзината тетка. Одговорот од болницата: „Тоа не е наша работа”.

Но, сепак не е сѐ толку едноставно. Според законските прописи, лекар кој одбива да направи таков зафат мора да наведе друг лекар кој може да ја преземе работата. Клаузулата за совеста е скроена за индивидуи и не важи за целата болница. Но, според весникот „Политика“, таа околност била игнорирана.

Последен спас, како и во многу други случаи, била Фондацијата за жени и за планирање на семејството Федера и тоа било од најголема итност: „Се ближеше 12-тата недела, моравме брзо да дејствуваме”, изјави неделава првата жена на фондацијата, Кристина Кацпура во интервју со весникот „Газета Виборча“. „Абортусот беше успешно извршен во Варшава.“

Активистката не сакаше за медиумите да сподели детали околу девојчето. „Семејството живее во мало место и не сака таа да стане мета на напади”, објасни Кацпура. Наместо тоа, таа ги повика властите да ја проверат ситуацијата во сите болници во регионот. Таа критикуваше дека лекарската професија е станата „политичка” и додаде дека „наместо да се грижи за здравјето на пациентите, докторот се крие зад клаузула за приговор на совеста и зад законот”.

Активистки демонстрираа во октомври 2022 година пред суд каде една жена е обвинета за помагање при абортусФотографија: Monika Sieradzka/DW

Министерот за здравство најавува истрага

Во меѓувреме во дебатата се вклучи и министерот за здравство Адам Нидзилски. „Ужасени сме од овој случај и нашата реакција е недвосмислена”, рече тој пред новинарите во понеделникот (30.01.2023). „Однесувањето на докторите е неприфатливо”, додаде тој. Нидзилски најави дека ќе го испита случајот.

Групи на женски активистки и опозицијата повторно громогласно бараат либерализација на полскиот Закон за абортус, кој речиси и не дозволува прекин на бременост.

Клаузулата за приговор на совеста, на која многу доктори се повикуваат за да избегнат можно кривично гонење, е „варварска и нечовечна” и мора да биде укината, оцени Катарзина Котула од либералната партија Вјосна. Политичарката Барбара Новацка од левичарската Граѓанска коалиција најави нацрт закон на опозицијата за укинување на клаузулата во полското собрание.

Заострен Законот за абортус

Уставниот суд на Полска во 2020 година пресуди дека абортирањетона фетуси со тешки абнормалности е противуставно и со тоа го отвори патот за заострување на и онака острите норми за прекин на бременоста. Во моментов абортусот е легален само во случај кога бременоста е последица на силување, или ако е во опасност животот на мајката. Во праксата ниту овие две околности не се почитуваат секогаш, при што се посочува на верските убедувања. При илегален абортус, на лекарите им се закануваат до три години затвор.

Противниците на абортусот се залагаат за спроведување на забраната за прекин на бременоста со користење и на вакви мотивиФотографија: Monika Sieradzka/DW

По заострувањето на Законот за абортуси, бројот на официјално спроведени прекини на бремености падна од 1076 во 2020 година на само 107 една година подоцна. Според Федера, надвор од системот се прават околу 150 илјади зафати на годишно ниво. „Ниту еден рестриктивен систем не може да спречи жена да абортира кога таа е решена на тој чекор. Прашањето е само дали тоа ќе го направи во безбедни или помалку безбедни услови“, вели активистката за човекови права Кацпура.

Според податоци на Европскиот парламент од 6. ноември 2022 година, од заострувањето на законот до сега најмалку шест жени во Полска починале поради неспроведен зафат за прекин на бременоста.

- повеќе: Право на абортус: ќе го следи ли Хрватска примерот на Полска?

Хардлајнери од полското движење Про-лајф не се задоволни ниту со актуелната верзија на законот. Нивната шефица Каја Годек сака да забрани секакви информации околу можноста за абортирање. Нацрт закон кој го потпишале 150 илјади лица, предвидува две години затворска казна за составувањето и ширењето на таков информативен материјал. Насловот на документот е: „Абортусот е убиство”.

#dw_BalkanBooster: Што мислат младите за абортусот

01:41

This browser does not support the video element.

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми