1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Манифест за Трамп 2: Враќање на силата!

28 јуни 2024

Америка мора повторно да ја демонстрира својата сила со цел да го поврати својот кредибилитет и да ги стабилизира меѓународните ривалства. Пишува Ивор Мицковски

Доналд Трамп, поранешен и кандидат за иден претседател на САДФотографија: Gerald Herbert/AP/picture alliance

Паралелно со  првата дебата помеѓу Трамп и Бајден,  дебата која никогаш порано не се одржала вака рано во летото и каде двајцата ривали сеуште не се официјални кандидати за претседател на своите партии, ќе го разгледаме републиканскиот манифест за надворешната политика на Трамп 2, објавен во редовите на „Foreign Affairs“.

Главната порака на текстот чиј наслов гласи: „Враќање на мирот преку сила“ е дека Америка мора повторно да се врати да заплашува. Во однос на Кина се предлага натпреварот да се врати на идеолошко поле, елиминирајќи го елементот на соработка. Потребно е да се изврши максимален притисок врз Иран, без притоа да се имаат очекувања за решавање на израелско-палестинскиот конфликт. Зајакнување на нуклеарното и конвенционалното вооружување, почитувајќи го федералниот буџет кој не треба да оди во дефицит. Силно намалување на анти-сојузничката реторика.

Ова се главните поенти на авторот на манифестот Роберт О'Брајен, четвртиот и последен советник за национална безбедност на Трамп, авторитетен глас од магичниот круг на моќта на екс-претседателот, како своевидна најава за кои би биле целите во надворешната политика на  евентуалната втора администрација на Доналд Трамп.

Надворешната политика како и многу други политички ветувања е тешка за предвидување, уште потешка за остварување. Затоа што зависи од внатрешните процеси во земјата, но и од надворешните динамики кои не секогаш се под контрола на Америка. Доволно е да се земе предвид заложбата на Бајден дека кон Русија ќе гради „стабилни и предвидливи односи“, а потоа сите видовме дека се случи инвазија и војна.

Сепак, авторот на текстот е релевантен извор и неговата идна улога во новата администрација на Трамп би била од прва категорија, каде се кандидира да биде иден државен секретар или министер за одбрана. О'Брајен притоа е еден од ретките традиционални републиканци кој преживеа под Трамп, воедно како доволно способен да не биде омразен ниту од естаблишментот на американската надворешна политика, ниту пак од сопствениот шеф, кој претендира тотална и апсолутна лојалност.

„Мир преку сила“

Тоа што особено изненадува во најавите на О'Брајен, настрана тактичките разлики, е повикот за стратешки континуитет со пристапот на Бајден, и демонстрацијата за научените грешки кои не би требало да се повторат, како (мал)третирањето на сојузниците.

Авторот почнува со фразата „Si vis pacem, para bellum“, односно „Ако сакаш мир, подготви се за војна“, концепт измислен од римскиот император Адријан, потоа вешто позајмен од Џорџ Вашингтон и Теди Рузвелт кој ќе го надогради со аксиомата: „Говори нежно и понеси голем стап“. Како посовремен претседателски кандидат кој таа порака ќе ја преточи во политика се споменува и Роналд Реган кога кон крајот на 80-тите ќе вети „мир преку сила“ и ќе остане доследен на своето ветување. Последниот американски претседател кој ќе ја употреби истата логика ќе биде токму Трамп за време на својот мандат, наметнувајќи се како мировник преку употреба на сила.

Трамп би можел да ја интензивира војната во УКраина со цел да седне со поповолни услови на преговарачка маса и би ја држел отворена дипломатската вратаФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Преведено во прости зборови, авторот се залага за тоа дека Америка мора повторно да ја демонстрира својата сила со цел да го поврати својот кредибилитет и да ги стабилизира меѓународните ривалства. Станува збор за позиција која е речиси едногласно прифатена во републиканските кругови на надворешна политика и војската, чие размислување е дека никој повеќе не се плаши од Америка, дека политиката на Бајден е премногу предвидлива и дека непријателите тоа го искористуваат и ја ослабнуваат земјата.

Една од главните разлики и најжестоки критики кои му се упатуваат на сметка на Бајден е дека неговата политика кон Кина е премногу мека и дека не може да се базира на „компетитивна соработка“.  Америка на Трамп  е убедена дека не може да соживува со Народната Република. Тука се насетува републиканската идеја да се принуди азискиот непријател на договор под услови диктирани од Вашингтон. Некои од идеите како тоа да се постигне се во доменот на фантазијата, како поставувањето на целиот корпус на маринците во Индо-Пацификот или пак вооружување на Виетнам во стилот на Израел. 

Но, поентата на надворешната политика на Трамп кон Кина е доста експлицитна: силно и нескриено воздржување и дистанцирање на Кина, преку водење на идеолошка војна и делегитимација на Комунистичката партија. Односно, враќање на заканите за „regime change“, рецепт кој би се употребил и кон останатите ривали, нешто што Бајден во последните години престана да го спроведува. Со други зборови, враќање на логиката од Студената војна која беше употребена со цел да се ослабне советската економија.

Политика на максимален притисок

Во однос на Иран, Трамп би продолжил една политика на најголем дисконтинуитет од онаа на Обама и Бајден или како што ја нарекува авторот: политика на максимален притисок. Тоа би значело крај на преговорите за нуклеарната енергија, целосно применување на санкции, масовно воздушно-поморско распоредување низ целиот Залив. Републиканците се убедени дека израелско-палестинскиот конфликт е само симптом, а не причина за блискоисточната нестабилност. Вистинскиот извор на сите проблеми е „револуционерниот и теократски режим“ на Иран. За таа цел Техеран треба фронтално да се соочи, што е во линија со континуираната и никогаш неисчезната длабока омраза која републиканските кругови и војската ја негуваат кон Иран.

Во однос на Украина,  О'Брајен појаснува дека во Западот постои погрешна перцепција за намерите на Трамп и тврдењата дека веднаш би ја прекинал помошта за Киев. Авторот објаснува дека Трамп би можел  да ја интензивира војната  со цел да седне со поповолни услови на преговарачка маса и дека би ја држел отворена дипломатската врата. Тоа што О'Брајен не објаснува, барем не јавно, е како би се интензивирала војната без директно вмешување на САД  или НАТО.  Тоа што пак делува дека му е кристално јасно е кој треба да плати за воените трошоци. Тоа би било Европа, која притоа треба да овозможи директен и моментален влез на Украина во ЕУ. 

И ако дотука ги наведовме некои од тактичките разлики во надворешната политика на Трамп со онаа на Бајден, изненадува стратешкиот континутет, за кој се залага авторот. Со цел да соочиме со „растечката оска на антиамерикански автократии“, нужни се „силни сојузништва со земјите од слободниот свет“. Ова звучи како да зборува Бајден. Иако советникот на Трамп јасно ги критикува неуспесите на меѓународниот либерализам и глобализацијата кој со децении го практикуваат демократите на штета на економските интереси и безбедноста на САД, сепак, реториката за „новата оска на злото“ и потребата од сојузници, комплетно се совпаѓа со актуелната политика на Бајден.

Стратешки континуитет

Заклучокот од тоа е дека Трамп 2 би се одалечил од надворешната политика на Бајден само во средствата, но не и во целите. А една од главните цели е дека и Трамп, како и Бајден, ќе мора да се соочи со повеќе ривали и непријатели во исто време. Само со една разлика, со евентуалното доаѓање на Трамп, во администрацијата ќе има многу повеќе авантуристи, кои можеби ќе бидат во потрага по спектакуларни и брзи решенија, нешто што не е баш препорачливо кога се игра стратешки натпревар со повеќе противници на долги патеки.

Клучен аспект од манифестот на републиканците е омекнувањето на тонот со сојузниците.  О'Брајен мошне вокално се обидува да го коригира пристапот со нападите врз сојузниците на Америка, можеби најголемата грешка од првиот мандат на Трамп. Третирајќи ги сојузниците со истите инструменти наменети за противниците, како економската војна, сериозно ја загрози способноста на САД да влијае или да ја наметнува својата волја кон своите сателити. „America first is not America alone” е новата мантра на републиканците кои бараат обединување на силите со сите влади и сите народи, наведува авторот. Републиканците и Трамп се комплетно свесни дека актуелната поделба и поларизација во американското општество, доведоа до големо нерасположение кај американската популација да се жртвува за другите и за својот империјален статус. Оттука, Америка знае дека мора да се потпре на туѓите ресурси во отсуство на сопствените.

Републиканците и Трамп преку овој манифест навестуваат одреден американски ривајвл, но доброто е што се свесни дека и таквата „преродба“ мора да биде во линија со одреден континуитет на политиките. Тоа е можеби и првиот чекор кон внатрешно помирување, грдење самодоверба и проектирање на „посилна“ надворешна политика.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми