1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Маршот на Пригожин го разголи Царот

30 јуни 2023

Пригожин и неговите трупи во само 24 часа успеаја да покажат каде лежи силата и дека Царот е гол, но не произведоа никаква политика или политичка цел. Пишува Ивор Мицковски

Рускиот претседател Владимир Путин - бунтот на Пригожин ги покажа границите на апсолутната моќФотографија: Sputnik/Sergei Guneev/Pool via REUTERS

На моменти маршот кон Москва на Пригожин наликуваше на почеток на граѓанска војна, на пуч, или уште пострашно, на потенцијална нуклеарна апокалипса. Вооружениот бунт, откажан во последен момент, беше план смислен подолго време, но спроведен од сосема погрешни луѓе и без јасна политичка цел, освен можеби да се поттурне, ако не и собори Путин.

Методот на Пригожин, каде со месеци се расправаше со воените старешини, па дури и ги обвини за завера против него и бригадата Вагнер, за потоа да тргне во „марш за правдата“ со намера да ги доведе „нештата во ред“ во срцето на Русија, потсетува на легионерите од антички Рим. Во вековите на долгата криза на Империјата, легионерите честопати знаеле да ги следат своите немирни команданти во марш кон престолнината со цел да ја „исчистат“ и „да се борат против корумпираните“, или да го вратат Рим на „славата од нејзиното потекло“.

Но, Пригожин кој го користеше токму тој историски наратив, реши да не го прејде Рубиконот. Можеби затоа што му текнало и на една друга историска лекција, која потекнува токму од Русија. Ниеден „војник“ никогаш не дошол на власт во Русија. Дури ни маршалот Жуков, победникот од Берлин, не се обидел на такво нешто, иако ја имаше можноста при смртта на Сталин. Камоли на тоа да се обиде еден криминалец и касап како Пригожин, скромниот и пиров победник од Бахмут. Пригожин одлично ја познавал оваа лекција, па оттука јасно е дека негова цел никогаш не ни било да го освои Кремљ,туку да се спаси себеси, своите црни бизниси низ светот, да задржи нешто автономија за своите Вагнерци, и, како што рековме, малку да го поттурне Путин, за некој друг во иднина да го собори.

Како Евгениј Пригожин стана милијардер?

01:57

This browser does not support the video element.

Како што Путин беше автентично изненаден од предавството, така и Пригожин не беше подготвен на реакцијата на Путин, а уште помалку спремен да влезе во униформата и улогата на „револуционерот“. Ни самиот Пригожин не очекувал дека со толкава леснотија ќе се приближи до Москва, каде еднаш ако пристигнеше, ќе немаше друга опција освен да го „освои Кремљ“, свесен дека и најверојатно попатно ќе биде уништен во процесот. На Пригожин му станува јасно дека има претерано, дека ја поминал границата и дека победата не е така сигурна. Така најверојатно се почуствувал додека марширал накај Москва, додека во исто време барал да стапи во контакт со Кремљ и лично со Путин.

На крај попушта и се повлекува, во златен или рѓосан кафез во Минск, како Тројански коњ за во иднина на Западот, или можеби со судбина како онаа на Навални. Нема никакви гаранции дека ќе преживее, впрочем, Путин е поранешен човек на КГБ и порано или подоцна ќе пронајде начин како да се освети, се разбира, ако и самиот го дочека тој ден.

Суровата борба за превласт

Се на се, доаѓаме до заклучокот дека повеќе од вистински пуч, бевме сведоци на политичка употреба на бунтот, исценирана во една херојска и драматуршка обланда, зад која всушност се одвива суровата борба за превласт. И тука сме на втората руска историска лекција. Во Москва генералите никогаш не прават пуч, туку само посредуваат или арбитрираат од сенка во критичните моменти. Затоа и актуелната лекција од квази-пучот на Пригожин е дека без политика не се прави пуч. 

Ни самиот Пригожин не очекувал дека со толкава леснотија ќе се приближи до МоскваФотографија: Press service of "Concord"/REUTERS

Секој воен план за соборување на постоечкиот ред и поредок ја става својата сила во корист на одреден политички план и дизајн кој за таа цел и ја повикува, како објаснување и оправдување за промената на власт која сака да ја реализира. Тој политички дизајн и план мора да има свој политички живот во рамките на постоечкото. Во случајот со Пригожин бевме сведоци на една обратна и досега невидена шема, каде воената сила пробува да добие автономија, да излезе од колосекот на системот, без притоа да пронајде своја политичка насока, по што се растура, затоа што нема изводлива цел кон која да се насочи.

Оттука Пригожин и неговите трупи во само 24 часа успеаја да покажат каде лежи силата и дека Царот е гол, но не произведоа никаква политика или политичка цел. Во таа смисла е добро што навреме сфатија и не паднаа во грешката да се замислуваат претенденти за тронот, наследници на власта или кандидати за наследство.

Нивната цел беше далеку попримитивна или аполитичка, односно, да ја нагласат сопствената автономија, одбивајќи да се потчинат на одлуката на Шојгу и на владината бирократија од 1 јули да станат дел од државната армија. Делувајќи на тој начин, загрижени само за своето опстојување и големите бизнис и финансиски интереси, всушност се претворија во комплементарен неполитички чинител, кој самостојно не е во состојба да предложи проект или визија за земјата. Но, чинител кој во иднина можеби би имал сила да му помогне на некој друг со политички план и амбиција да седне на масата каде ќе се одлучува иднината на Русија.

Се` е возможно

Дали ќе биде така не знаеме, но знаеме што ни откри или покажа овој аполитички бунт. Ни покажа дека железната тупаница на моќта на Путин е зарѓана. Овој бунт можеби беше неуспешен, но условите кои доведоа до него се и понатаму актуелни. Некои други сили, од многуте во игра во руското криминално и режимско владеење, ќе си ги направат своите калкулации и ќе си ги проценат своите шанси. Предусловите за идна граѓанска војна во Русија се посилни од кога било, и којзнае, таа можеби веќе е почната без да ни е јасен процесот. Пучот против Горбачов во 1991 година пропадна после три дена, но шест месеци подоцна пропадна СССР и во Кремљ влезе нов владетел. Во случајов погрешно е да се нагаѓа со временски претпоставки, Путин може да падне за година, две или три, но се кажува дека падот е неизбежен. 

Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Судирите како актуелниот во Русија се најчесто хаотични. Почнуваат со епизоди на политичка побуна, преоѓаат во бунт и потоа во отворен воен судир. Завршуваат со поразените изедени од помрачината, наместо да потпишат некаква формална капитулација. Оваа стихијна руска граѓанска војна, тешко дека ќе премине во територијален конфликт, како што беше случајот после Бољшевичката револуција во 1917-та. Ова е борба помеѓу гангстери, криминалци и касапи, борба на кланови, жедни да го зачуваат своето богатство или да го украдат она на своите ривали.

Путин беше предизвикан и пред светотја покажа сета своја ранливост. Армијата се покажа како несигурна и неодлучна. Вагнер покажа дека силата е на продажба за најповолниот понудувач, под услов ако може да докаже уште подесен национализам и да обезбеди авторитарен континуитет. Така е тоа во животот, Путин се покажа како посилен од либералните и демократските сили во земјата, но како што секогаш следува, делува како да ќе настрада од десничарите и националистите кои никогаш не успеа да ги стави под контрола. Напротив, неговата сулуда војна само ги изнесе на површина и им обезбеди политичка платформа. Можеби за некое време ќе се најде и подобар понудувач од Путин.

Тоа не беше Пригожин. Пригожин повеќе наликуваше на козак во селска буна против бојарите, кој евентуално може и да загине од Кремљ. Но, беше човекот кој ја соголи немоќта на царот и кој со квази-бунт ја откри нестабилноста произведена од војната во апсолутната моќ на Путин. А кога апсолутната моќ е нестабилна, тогаш се` е возможно. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми