1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Маск: Без кратење на трошоците, САД се соочуваат со банкрот

ЕМФ / дпа
12 февруари 2025

Американскиот милијардер и советник на американскиот претседател Трамп, Илон Маск, оцени дека без кратење на буџетот земјата, поради дефицитот, „оди кон банкрот“.

САД, Вашингтон 2025 | Американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск со неговиот син X Æ A-Xii во Овалната соба
Американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск со неговиот син X Æ A-Xii во Овалната собаФотографија: Alex Brandon/AP/dpa/picture alliance

Технолошкиот милијардер Илон Маск, кој моментално го „тресе“ американскиот владин апарат, на настап во Белата куќа беше конфронтиран со неговите лажни изјави за трошењето на американската влада. „Некои од работите што ги кажувам ќе бидат неточни и треба да се коригираат“, изјави Маск. Тој беше задолжен од американскиот претседател Доналд Трамп да ги прегледа и намали владините трошоци. И двајцата со денови тврдат дека покрај залудно потрошени милијарди долари, откриена е и измама. Сепак, досега не се објавени докази за тоа.

Другата Газа

Како пример за непотребно трошење откриено од страна на одделот на Маск за владина ефикасност (ДОГЕ), Белата куќа наведе наводна пратка кондоми во вредност од 50 милиони долари до Појасот Газа. Маск шпекулираше дека парите завршиле кај исламистичкиот Хамас. Трамп еднаш дури зборуваше за испорака на кондоми од 100 милиони долари во Појасот Газа. Меѓутоа, за време на заедничкото појавување со Трамп во Овалната соба, на Маск му беше укажано од новинар дека кондомите биле доставени во провинцијата Газа во Мозамбик како дел од американската развојна помош за борба против ширењето на ХИВ. Маск во врска со тоа рече: „Добро, тоа не е толку лошо - но сепак (...), зошто го правиме тоа?“

Тоа беше прв настап на Маск по неколку месеци на кој новинарите можеа да му поставуваат прашања. Технолошкиот милијардер обично комуницира само преку неговата онлајн платформа Х, каде што може да игнорира критични прашања. Сега тој призна: „Ќе направиме грешки“. Но, тие брзо ќе се поправат, уверен е Маск.

Синот на Маск го украде шоуто

На официјалниот настан, четиригодишниот син на Маск, по име X Æ A-Xii (прекар: X), се шеташе наоколу, правеше гримаси, го чепкаше носот пред камерата и на крајот седна на рамената на својот татко. Неколку пати изгледаше како да ги имитира гестовите на Маск.

Маск беше прашан и за уверувањето на Белата куќа дека тој лично ќе обрне внимание на можни конфликти на интереси во неговата работа. Маск, кој според проценките е најбогат човек на светот, меѓу другото, раководи со производителот на електрични автомобили Тесла и вселенската компанија SpaceX, која лансира ракети во вселената и во име на американската влада. Значи, тој има деловни интереси во пристапот кон институциите како што е Министерството за одбрана, чии трошоци треба да ги следи. Маск на тоа одговори дека тој сепак не е оној којшто потпишува договор, туку се тоа „луѓето во SpaceX“.

Фотографија: Dado Ruvic/Illustration/REUTERS

Технолошкиот милијардер ветува транспарентност

Маск исто така уверуваше дека активностите на неговиот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ) се транспарентни и разбирливи. Сите активности се објавуваат на платформата X и на веб-страницата на ДОГЕ, рече тој. „Сите наши акции се максимално транспарентни“, изјави Маск. Тој вели дека е во секојдневен контакт со Трамп и постапува само по наредба на претседателот.

ДОГЕ досега не објави никакви документи за наводно расфрлање со пари или заштеди, туку се објавуваа само тврдења на Маск. Одделот со кој тој раководи нема мандат од Конгресот на САД, кој ги одобрува владините трошоци. Министри за правда од повеќе американски сојузни држави  и синдикати поднесоа тужби против дејствијата на ДОГЕ и издејствуваа привремено стопирање на мерките на тој оддел. Трамп вчера (11.02) потпиша уредба со која од институциите се бара поголема соработка со ДОГЕ.

Парализирана развојната помош на САД

Постапките на Маск, меѓу другото, доведоа и до делумно затворање на агенцијата за развојна помош УСАИД. Агенцијата треба драстично да се намали и од неодамна е под раководство на американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио. Маск организираше и огромна програма за отпуштања во рамките на која владините службеници можат доброволно да ги напуштат своите работни места во замена за отпремнини.

Протести во Вашингтон против кратењата во УСАИДФотографија: J. Scott Applewhite/AP/picture alliance

Критичарите стравуваат дека Трамп сака да го искористи овој пристап за да се ослободи од владини функционери кои размислуваат критички и да ги замени со нему лојални луѓе за да добие моќ над институциите. Маск и другите луѓе од доверба на претседателот ја бранат оваа стратегија велејќи дека мнозинството граѓани на САД го избрале токму за да се донесат големи промени, вклучително и во административниот апарат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми