1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаШпанија

Масовни протести против туристите на Мајорка

АРД
27 јули 2026

Шпанија очекува рекордна туристичка сезона оваа година, а многу туристи ќе се упатат кон Мајорка. Но, тоа е премногу за жителите, кои излегоа на протести.

Шпанија, Палма де Мајорка 2026 | Протест против масовниот туризам и гентрификацијата
Демонстранти носат транспарент за време на протестот против масовниот туризам на МајоркаФотографија: Francisco Ubilla/REUTERS

Десетици илјади жители на Мајорка вчеравечер (26.07) протестираа во Палма де Мајорка против последиците од туризмот на нивниот остров, во екот на главната туристичка сезона. Со тапани и свирчиња тие се одѕваа на повикот на платформата „Помалку туризам, повеќе живот“, која го организираше протестот под слоганот „Мајорка на граница на издржливоста“.

Туризмот одамна ги надмина границите што островот може да ги издржи, објаснува еден од учесниците на протестот. „И ние што живееме тука мора да можеме да живееме на својата земја. Сообраќај, климатски промени, издувни гасови, расфрлање ресурси – има повеќе од доволно причини да излеземе на улица и да кажеме: ‘Доста е’.“

На рачно изработените транспаренти пишуваше: „Mallorca overbooked“ (Мајорка е преполнета), „Нема повеќе капацитет“ и „Туристичкото цунами нè брише од лицето на земјата“. Укажувајќи на проблемот, демонстрантите низ улиците носеа и макета на крузер направена од картон. Со тоа го изразија своето противење на економскиот модел кој, според организаторите, на Мајорка излегол од контрола.

На рачно изработените транспаренти, меѓу другото, пишуваше: „Mallorca overbooked“ (Мајорка е преполнета)Фотографија: Clara Margais/dpa/picture alliance

„Веќе нема ни за нас“

„Секојдневно гледаме како ресурсите се исцрпуваат. Тоа навистина нè погодува сите нас“, вели една жителка на Мајорка. „Веруваме дека е можен поинаков туристички модел. Ваквата пренатрупаност не е неопходна. Квалитетот ни е поважен од квантитетот.“

На Мајорка особено тешка е состојбата на пазарот на недвижности. За толку многу туристи е потребен и персонал, но многумина вработени во туризмот, трговијата или здравството на островот можат да си дозволат само соба во заеднички стан. Многумина живеат во населби со камп-приколки или во сиромашни квартови. Организаторите предупредуваат дека и покрај невидената станбена криза, повеќе од 100.000 станови на Мајорка се користат за туристичко изнајмување, легално и нелегално.

Според нив, претпазливите мерки што конзервативната влада ги презеде на Балеарските Острови – како забраната за нови туристички апартмани во станбени згради или планираното ограничување на бројот на автомобили – не се доволни.

Во 2025 година, Мајорка ја посетиле повеќе од 13 милиони туристи (фото: демонстрант со плакат на кој пишува „Туристи одете си дома“)Фотографија: Clara Margais/dpa/picture alliance

„Туристичко изнајмување, пренатрупаност – веќе не можеме ни да стигнеме до плажа. Зимата можеби им припаѓа на жителите на Мајорка, но летото веќе не“, вели една демонстрантка. „Протестираме за конечно да се воведе ред во овој хаос.“

Во 2025 година, Мајорка ја посетиле повеќе од 13 милиони туристи, повеќе од кога било досега. Островот веќе сега е преполн во екот на сезоната, а се очекува метежот да биде уште поголем. За затемнувањето на Сонцето на 12 август се предвидува огромен прилив на посетители. За учесниците на протестот тоа е уште еден доказ дека туризмот на Мајорка ги преминал прифатливите граници.

Авторка: Ана Мунт, АРД

Мајорка се брани од непристојниот масовен туризам

04:13

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми