1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
6 октомври 2023

Човекот е тој што ги корумпираше и мечките, со својата негрижа и себичност, и затоа треба да разбереме: мечките сме ние - уништувајќи ги, се уништуваме самите себеси. Пишува Ивор Мицковски

Кафеавата мечка во фокусот на македонската јавност деновивеФотографија: Jakub Mrocek/Zoonar/picture alliance

Мечката е заштитена само на хартија, како што ни потврди свирепото убиство на мечката-женка и нејзините две мечиња пред месец дена. Фрлени на депонија, како една од многуте која најверојатно и ги примамила во близина на човекот. Или како што тврдат експертите, мечката кај нас се лови, убива, препарира и продава без казна и заштита. Секако, одговорност за убиената мечка и мечиња не видовме. 

Ние сме тие, поточно повеќето од нас, една сѐ почеста сорта на (не)луѓе и „заштитени мечки“, тие кои уживаат неограничена заштита пред законот, вечна неказнивост, право да градат вили и уживаат во национални паркови, да фрлаат ѓубре кај ќе стигнат, да учествуваат во криволов, да местат тендери, да даваат концесии, да примаат субвенции, да градат под нивото на езерото, да сечат шуми, да прават што сакаат. Вистинските мечки само ни се наоѓаат на патот, и пошто не ни се продуктивни, не ги користиме ниту за генерална прехрана, ниту ловат за нас, автоматски не ни требаат, опасни се и ќе бидат отстрелани и истребени. 

Одлуката на Владата, по реакциите на локалните жители за зголеменото присуство на мечки во населените места на Општина Маврово и Ростуше, да нема отстрел е позитивна, но проблемот е што препораките кои се донесени најверојатно тешко ќе бидат спроведени. Треба да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта кои се во близина на населените места кои се извор на привлекување на мечката. Локалната самоуправа во соработка со НП „Маврово“ треба да го решаваат ова прашање со цел навремено чистење на сметот, односно дивите депонии од сите населени места и од локалните патишта. Во исто време мерките опфаќаат контејнери со заштитен механизам против мечки, електрични огради, звучни и светлосни ефекти, канти со инсталиран солзавец или пак гумени куршуми. Некои од овие проблеми како управувањето со отпадот и намалувањето на притисокот врз живеалиштата на мечката, се системски проблеми на нашата држава,  институции и менталитет, па оттука, тешко е за верување дека ќе се надминат заради заштита на мечките или луѓето. 

Впрочем, повеќе од 20 години не може да се реши проблемот со дивите депонии и ѓубришта во паркот и на територија на општина Маврово и Ростуше, каде насекаде можеме да видиме преполни контејнери и ѓубре фрлено насекаде. Поверојатно е, како што вели еден мој пријател, добар познавач на природата и на НП Маврово, дека сега кога ќе дојде зимата, голем дел од мечките ќе ги снема, нема да ги гледаме по улиците и селата и проблемот ќе стивне. До тогаш, ќе заборавиме и на мечките, и на контенјерите, и на дивите депонии, и на дивосечата, а да не збориме за дивата урбанизација на нашите национални паркови. 

Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Мечката е обожувано животно

Мечката се појавува некои 2 милиони години пред човекот, а нејзината љубопитност и интелигенција секогаш ја правеле животно способно за соживот. Кафеавата мечка (Ursus arctos) е сештојад цицач од семејството мечки и спаѓа во групата на најголеми земски месојади, тесен роднина на мачката, лисицата и кучето, со која ние луѓето, според историчарот Мишел Пастуро, живееме заедно преку 80 илјади години. Дојдена од азискиот континент, според палентолозите потекнува од кучињата или барем има заеднички предок, и ја карактеризира плантиградно движење, односно, на земја го потпира целото стапало или шепа, но знае да се подигне и на двете нозе. 

Во антиката мечката е обожувано животно, поточно креатура, симбол за храбар и непобедлив војник, додека кај Келтите, Германите, па и кај нас Словените е симбол на кралско потекло. Етимолошки, за Словените е јадач, крадач на мед, „Медведи“ на старословенски. Водич и ментор за Шаманите кои ја предвидуваат иднината, обвиткани во нејзиното крзно за време на ритуалите. 

Со други зборови, со мечката споделуваме сличности на некој начин, па дури и семејни врски, како што сведочи едно погребно место од неандерталско време во пештерата Регурду во Франција, каде покрај некој наш далечен предок е закопана и кафеава мечка. Античко божество, стравувано и обожувано во исто време - мечката отсекогаш не восхитувала.

Мечката драстично ќе биде редимензионирана во христијанско време. Поврзана со паганските ритуали кои Црквата сакала да ги задуши, ќе биде обвинета за крволочна и сексуално препотентна. Црквата ќе се спротивстави на култот кон мечката гледајќи во неа закана по фигурата на Исус. Од заштитник на шумата, ќе се претвори во натрапник, евентуално добра за да се сведе на циркуски феномен. Дека култот кон неа ќе биде фундаментален сведочат и Берн и Берлин кои ќе ја издигнат до тотемичен симбол на градот. Подоцна, нејзиното место ќе биде заменето со лавот, христијанско животно пар екселанс.

Кафеава мечка фотографирана во шума во СловачкаФотографија: Milan Kapusta/dpa/picture alliance

Плишаното мече 

Ловот на мечката започнува со Карло Велики, кој ќе ја масакрира нивната популација. Но, мечката преживува и нејзината симболика опстојува. Парадоксално, но не премногу, ќе заврши во дечјите соби. Настанот потекнува од приказната за американскиот претседател Теодор Рузвелт, кој на еден лов не успеал никако да сретне мечка. Помошникот на претседателот ќе зароби и заврзе мечка за дрво, со цел Рузвелт да ја убие. Претседателот ќе одбие тоа да го направи, сфаќајки го како неспортски чин. Поттикнат од тој настан еден куклар ќе добие идеја да направи плишано мече кое ќе го нарече: „Teddy's Bear“. 

За нас и бројни генерации деца незаборавна е анимираната серија „Мечето Ушко“, кое секогаш си легнуваше во соодветно време, а и ние со него, потпевнувајќи ја приспивната песничка: „Pora na dobranoc, bo już księżyc świeci. Dzieci lubią misie, misie lubią dzieci“ - „Време е за добра ноќ, бидејќи месечината веќе сјае. Децата сакаат мечиња, мечињата сакаат дечиња“. Да, нештата од кои се плашиме, понекогаш највеќе ги посакуваме. 

Кој е виновен за настанатата паника и наталожените проблеми? Се разбира човекот и нашите фалшливи институции кои со години ништо не преземаат за човековите проблеми, додека безмилосно ги уништуваме екосистемите, живеалиштата и ресурсите на дивите животни. 

Од друга страна, се поставува и прагматичното прашање: а кој е во право во целата ситуација?! Па, и ние и животните, затоа и проблемот е така комплициран.

Сѐ почесто, сѐ подрско и неконтролирано човекот и се враќа на природата. Но, веќе сме навикнати на комоцијата и претендираме една природа без никакви ризици или природа само за нас. Туристичка природа, викенд природа, стерилизирана и припитомена природа, нешто налик на разгледница, каде ќе живееме или ќе се одмараме и забавуваме. Природа за мотори, за жичари, за минимум напор, ако може само со цвеќиња и без мечки. 

Плишани мечиња на уличен штанд во БерлинФотографија: DW

Одлуки за експертите 

Но, природата не е добра. Природата е театар на постојан конфликт помеѓу животот и смртта. Во природата јадеш и те јадат, постои плен и постојат предатори, кои кај нас се токму мечките, но и волците, лисиците, рисот. Ние пак, сме предаторот број еден, најактивните, најсуровите, најненаситните. Да, природата не е веганска. Во тој сооднос на човек-мечка, во тој натпревар помеѓу ловци, помеѓу човекот со пушка и мечката, всушност нема натпревар, крај на приказната. Но, нашиот однос кон природата, кон екологијата, кон дивите животни не може да се сведе на таа логика. 

Се разбира, односот не смее да забегува ни во друг екстрем, каде многумина имаат проблем да разберат дека најверојатно популацијата на мечките е преголема и тоа им прави проблем на локалците, на пчеларите, на сточарите, на земјоделците. Помеѓу двата екстрема, каде едните животните ги гледаат како проблем и опасност, а другите како животинче за спасување, треба да се вмешаат експертите, зоолозите, природњаците, а не приклепените кризни управувачи, рекреативни ловци, разузнавачи или безбедњаци. 

За тоа треба да одлучуваат засебни институции и стручни луѓе кои кажуваат дека отстрелот не е мерка, но дека мониторингот, отварањето центри за чување диви животни, стопирањето на уништување на екосистемите, прекинот со урбанизирање на шумите, едукацијата и превенцијата, се итна нужност која мора сериозно да се сфати и примени.

Конечно, човекот е тој што ги корумпираше и мечките, со својата негрижа и себичност, и затоа треба да разбереме: мечките сме ние - уништувајќи ги, се уништуваме самите себеси. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми