1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меџити до Ахмети: Историјата не започна со тебе!

11 јануари 2024

По изјавите на Ахмети дека косовскиот премиер се меша во политичката сцена на Албанците во Северна Македонија, Изет Меџити го потсети лидерот на ДУИ за нештата кои ги премолчува

Лидерот на ДУИ Али Ахмети
Али Ахмети, Лидерот на ДУИ, Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Абаз, ако имаш нешто да ни кажеш, мене лично или на Движењето како партија, охрабри се и нападни ме, нападни нѐ, но немој да го правиш тоа на сметка на Косово и Албанија. Ова е јавната порака до лидерот на ДУИ Али Ахмети од Изет Меџити, претседател на Демократското движење кое е дел од опозицискиот Европски сојуз за промени. Реакцијата на Меџити, кој во објава на Фејсбук му се обраќа на Ахмети и со прекарот „Абаз“, следи по изјавата на лидерот на ДУИ за албанска телевизија, дека косовскиот премиер  Албин Курти се меша во политичката сцена  на Албанците во РСМ, а албанскиот премиер Еди Рама никогаш не го правел тоа.

„За разлика од г. Ахмети и ДУИ, лично и во име на партијата и движењето што ги водам, никогаш не сум сметал, не ја сметам и никогаш нема да ја сметам постапката на кој било премиер или претседател на Албанија или Косово како 'мешање' во избори или во прашања поврзани со  Албанците од Северна Македонија“,  посочува Меџити.

Од друга страна, заради веродостојно информирање, тој го потсетува Ахмети дека македонското Министерство за надворешни работи во 2017 година ги обвинило албанскиот премиер Еди Рама и министерот за надворешни работи, Дитмир Бушати за мешање во внатрешните работи на земјата.

Станува збор за реакција од трети април 2017 година, кога амбасадорот на Албанија во Македонија, Фатос Река бил повикан на разговор во МНР заради зачестените навредливи изјави и коментари на официјални лица на Република Албанија, насочени кон Република Македонија. Како што соопшти тогаш МНР „на средбата било потенцирано дека изјавите на претседателот на владата (Еди Рама н.з.) и министерот за надворешни работи на Република Албанија (Дитмир Бушати н.з.) за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија, а етикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија“.

За едно обвинувања, за друго молк

Во однос на Самоопределување, Меџити потсетува на неговата изјава од 27-ми декември 2023 година, дека „политичките партии регистрирани во други земји не можат да дејствуваат на територијата на Република Македонија“, што според него ја појаснува и ја заклучува целата дебата, но оти  Ахмети и ДУИ  упорно инсистираат тоа да биде актуелно. Според Меџити, несфатливо и скандалозно е што Ахмети и ДУИ ја обвинуваат опозицијата и Самоопределување за непостоечки работи, а во исто време молчат што во земјата со години постои и дејствува Српска напредна странка во Македонија, која се опишува како востановена „според моделот на Српска Напредна Странка формирана, со седиште и активна во Србија (на чело со Александар Вучиќ) со која споделуваат заеднички врски и основи на политичката ориентација“.

Изет Меџити (најдесно на фотографијата) во периодот кога беше еден од предводниците на „Огнената група“ во ДУИФотографија: Petr Stojanovski

Меџити оценува дека е тешко да се поверува оти Ахмети и ДУИ немаат информации за посочената партија, односно за сестринската партија на СНС во Србија, која е законски регистрирана во Северна Македонија, ја води Драгиша Милетиќ и имала пратеник во Собранието на Македонија во мандатот од 2011 до 2014 година.

Во соседна Србија изјавата на Ахмети доби медиумско внимание, особено ставот дека по најавите за делување на „Самоопределување“ во Северна Македонија, наводно интерес пројавила и меѓународната заедница.

„Ме ставија во многу тешка ситуација. Зошто Курти се жали кога Вучиќ има политичка активност во Косово, како објаснувате? Ме оставија без зборови“, изјави Ахмети.

Под наслови од типот, „Тогаш зошто се жали од Вучиќ“, српски медиуми ја пренесоа критиката на Ахмети за Албин Курти.

Предизвикот на времето

Според Законот за политички партии „политички партии регистрирани во други земји не можат да дејствуваат на територијата на Република Македонија“. Во РСМ не е формирано движење Самоопределување по модел на косовското, а како  „четврти партнер“ во опозицискиот фронт се рефлектира преку индивидуална активност на македонски државјани, како на пример, стружанецот Беким Ќоку, поранешен македонски пратеник кој сега е советник на косовскиот премиер Албин Курти.

„Абаз, со децении по ред, никој во Северна Македонија не го смета Движењето за Косово како ‘туѓо тело што се меша во Македонија’, туку како дел од приказните, заедничките страдања што ги имавме и ги имаме како Албанци. Абаз, освен тебе и ДУИ, сите ние јасно ги разбравме позициите на пријателите и партнерите на Косово, Албанија и Северна Македонија, кога  во Бањска беше загрозена стабилноста на регионот, не само на Косово, затоа отпорот на Косово беше во одбрана на земјата и на целиот регион (…) Историјата на Албанците во Северна Македонија, Абаз, не започна со тебе и нема да заврши со мене и со Движењето. Ние сме единствените кои од мај ќе го понесеме напред пламенот на славата и предизвикот на времето, да им го предадеме на рацете на генерациите што доаѓаат“, порача Меџити.

Ова не беше негов единствен коментар за поведението на ДУИ. Тој се осврна и на  средбата на холандскиот амбасадор со Ахмети.

„Со флагрантно политичко мешање во судството за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, како одмазда за непослушноста да се врати Никола Груевски во земјава како херој, таканаречениот Европски фронт на ДУИ беше информиран од ЕУ преку амбасадорот на Холандија во земјава Дирк Јан Коп дека ДУИ е главната пречка за  функционирањето на правната држава  и интеграцијата на земјата во ЕУ“, напиша Меџити на Фејсбук.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми