1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Иран ковал план за убиство на Доналд Трамп?

ЖА
17 јули 2024

Доналд Трамп имаше среќа и го преживеа атентатот во Пенсилванија, но според медиумите, и Иран планирал напад врз поранешниот американски претседател. Техеран го демантира тоа.

Доналд Трамп поранешниот американски претседател
Доналд Трамп поранешниот американски претседател на Конвенцијата на Републиканската партија во МилвокиФотографија: Carolyn Kaster/AP Photo/picture alliance

Американските служби добиле информации за наводен ирански план за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп, објавија Си-Ен-Ен и „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на доверливи извори. Поради тоа надлежната американска Тајна служба неодамна ги зголемила  безбедносните мерки за заштита на Трамп.

Но, нема никакви индиции дека Томас Метју Крукс, кој минатиот викенд се обиде да го убие Трамп, е во некаква поврзаност со иранскиот план, се вели во извештаите.

Според Си-Ен-Ен, тимот на изборната кампања на Трамп уште пред неколку дена бил информиран од  Tајната служба за безбедносната закана. Атентаторот од Батлер, Пенсилванија, кој  во саботата пукаше врз Трамп,  според актуелните сознанија на истрагата важи за поединец.

Укажувањата од Тајната служба до тимот на Трамп биле од општа природа, пишува „Њујорк тајмс“, не биле наведени конкретни детали околу иранската закана. Од опкружувањето на Трамп нема коментари на оваа тема, се упатува на Тајната служба, а таа ниту ги потврдува ни пак ги демантира извештаите за ирански комплот. Ни ФБИ, која води истрага по атентатот од саботата, нема коментар.

Доналд Трамп преживеа обид за атентат

00:55

This browser does not support the video element.

Ирански дипломати веднаш ги демантираа медиумските извештаи. „Обвинувањата се без основа и злонамерни“, изјавил претставник на Техеран во ОН.

„Трамп е криминалец против кого се водат кривични постапки и кој мора  да биде казнет на суд  поради смртта на Касем Сулејмани“, истакнал иранскиот амбасадор.

Сулејмани беше командант на бригадите Кудс и на почетокот на 2020 година беше убиен во американски ракетен напад во близина на аеродромот Багдад во Ирак. Сулејмани важеше за една од најмоќните водечки фигури во иранскиот режим.

Иранскиот министер за надворешни работи Али Багери Кани во одговор на најновите медиумски извештаи порачува дека Иран на убиството на Сулејмани ќе реагира со легални и правни мерки.

САД јавно го признаа ликвидирањето на Сулејмани. „Значи, наше природно право е да ги гониме оние кои се обвинети во овој случај, тие треба да бидат изведени пред суд и повикани на одговорност“, изјави Кани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми