1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви се очекувањата во Босна и Херцеговина од изборите во Србија?

Самир Хусеиновиќ
23 октомври 2026

Некои се надеваат на соочување со минатото, а други континуитет на актуелната политика. Соговорниците на ДВ предупредуваат дека промената на власта не гарантира промена на политиката кон соседите.

Поглед на улица во Сараевп
Многумина во БиХ сметаат дека изборите во Србија нема автоматски да донесат промени во односите меѓу двете државиФотографија: Samir Huseinović/DW

Во исчекување на формирањето нова влада по општите избори во Босна и Херцеговина, политичките дискусии на улиците во Сараево деновиве неизбежно ги тематизираат и случувањата во соседството. Меѓу оние кои внимателно ја следат ситуацијата пред вонредните избори во Србија е и жителот на Сараево Един Фејзагиќ. За него односот спрема блиското минато претставува „лахмусова хартија“ за било каква политичка алтернатива во Србија. „Тешко ми е да сфатам дека некој и натаму одбива да ги признае институционалните норми и пресудите на еден меѓународен суд, кој јасно утврди дека во Сребреница е извршен геноцид“, вели Фејзагиќ.

Коментирајќи го движењето „Студентска листа“ кое се појавува како една од водечките опозициски сили во Србија, Фејзагиќ укажува на сложеноста на нивната позиција, но не го оправдува отсуството на јасен став во таборот. Тој напоменува дека Александар Вучиќ веќе 12 години ги контролира власта и медиумите. „Затоа за него е лесно да ја искористи секоја изјава на ’Студентска листа‘ во врска со геноцидот или отфрлање  на величање на злочинот, за преку своите медиуми да им ’нацрта мета‘ на грб“. Слично размислуваат и помладите генерации во Сараево, кои се разочарани што „Студентска листа“ само спорадично се занимава со регионалното помирување. Една девојка од Сараево вели дека „ако ’Студентска листа‘ нема јасен став за 90-тите години, за геноцидот во Сребреница и за воените злосторници, тогаш се чини дека ја следи идеологијата на власта која ги испраќа воените злосторници со државни почести“. 

Един Фејзагиќ вели дека Вучиќ ги контролира владата и медиумите веќе 12 години: „Затоа му е лесно да ја користи секоја изјава на Студентската листа за геноцидот и отфрлање на глорификацијата на злосторството за да им стави мета на челата преку своите медиуми“Фотографија: Samir Huseinović/DW

Прагматичен молк или „Национализам 3.0“?

Прашањето дали неспособноста или неподготвеноста на новите политички актери во Србија да заземат јасен став во однос на Младиќ и военото наследство од 1990-тите е само тактички потег или пак сериозна пречка за градење доверба и тоа останува клучна дилема и за експертите во Сараево. Д-р Асим Мујкиќ, професор на Факултетот за политички науки во Сараево, сугерира дека ваквиот став на „Студентската листа“ може да се гледа низ призмата на изборна тактика, но предупредува на долгорочните опасности од еден таков пристап. „Неодредувањето на студентското движење во однос на Младиќ и националистичките начела може да се толкува како политички прагматизам во вонредна ситуација која од ден на ден е сѐ поблиска до инцидент и која налага што е можно поширока платформа против узурпаторите“, објаснува професорот Мујкиќ за ДВ. Меѓутоа опасноста лежи во она што би можело да следи по евентуалната промена на власта. „Проблемот со секаков вид на политички прагматизам е во тоа што откако ќе ги преземе уздите на државната власт, тој може да почне да воспоставува сопствени вредносни рамки во кои се воспоставува власта и се обликува општествениот живот во Србија  бидејќи се покажал како успешен рецепт. Тоа би довело до вклучување на овие радикално-националистички теми во доминантниот политички и општествен светоглед, па можно е да се случи како впрочем и по 5ти октомври 2000 година, овој радикален национализам од кој произлезе и самиот Вучиќ, повторно да оживее и да прерасне во еден вид ’големосрпски национализам 3.0‘“, предупредува Мујкиќ.

Во едно такво сценарио соборувањето на режимот во Белград не би значело автоматски и раскинување со погубната идеологија од 1990-тите, предупредува професорот. „Тогаш би се нашле во ситуација во која што соборувањето на Милошевиќ и потоа соборувањето на Вучиќ, не се оправдува со фактот дека и двајцата биле на чело на нехуман, узурпаторски, длабоко недемократски и нецивилизиран поредок, туку со тоа дека не ги оствариле одредените националистички цели и ја ’предале‘ националната кауза“, вели Мујкиќ. Тој заклучува дека не може да има вистински напредок без директно соочување со минатото. „Мислам или сакам да мислам дека сериозните поединци во рамки на студентското движење разбираат дека доколку не се расчисти и отфрли радикално-националистичката матрица што однесе стотици илјади невини животи и втурна милиони луѓе, Срби и нивни соседи, во крајна беда, тогаш ништо суштински не е променето, туку само сме отвориле нов круг на пеколот“, вели професорот Мујкиќ. 

Аналитичарите во Босна и Херцеговина веруваат дека соборувањето на владата во Белград нема автоматски да значи раскинување со деструктивната идеологија од 1990-тите, која особено се почувствува за време на опсадата на Сараево (1992-1995).Фотографија: Samir Huseinović/DW

Длабоко вкоренети обрасци и регионални калкулации

Аднан Ќеримагиќ, виш аналитичар во Европската иницијатива за стабилност со седиште во Берлин, укажува на тоа дека билатералните односи не се градат врз желби, туку врз институционалната реалност и длабоко вкоренети политички обрасци. Тој напоменува дека иако контурите на новата влада во БиХ дури сега почнуваат да се оцртуваат, односите меѓу БиХ и Србија првенствено ќе зависат од потезите на Белград, а не од тоа кој во моментот е на власт во Сараево. Односот на Србија спрема БиХ со години следи еден препознатлив образец, вели Ќеримагиќ за ДВ и објаснува дека тој „се состои од неколку постојани елементи: декларацијата на ’Сесрпскиот собор‘ која формулира проект за ’заштита на српскиот народ‘  и де факто за ’српскиот свет‘, потоа отворената поддршка за Милорад Додик, нерешеното прашање за границите и постојаното величање на осудените воени злосторници.“ Заради тоа Ќеримагиќ не очекува дека изборите во Србија преку ноќ ќе ја променат суштината. Тој смета дека во случај на победа на Александар Вучиќ продолжувањето на „познатата динамика“ во која бошњачките претставници на потезите на Белград ќе одговараат со осуди и политички контрамерки, е речиси извесна. „Повлекувањето на речиси целиот дипломатски персонал на БиХ од Белград беше реакција, одговор на еден потег на Белград, имено погребот на воениот злосторник Ратко Младиќ со државни почести“, вели Ќеримагиќ, укажувајќи на неодамнешните потези на министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ. 

Аднан Ќеримагиќ, виш аналитичар во Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) во Берлин, истакнува дека односите меѓу БиХ и Србија првенствено ќе зависат од тоа што ќе прави Белград, а не од тоа кој е на власт во Сараево.Фотографија: Privat

Внатрешни поделби во БиХ и различни очекувања

Ваквите дипломатски натегања само ги одразуваат подлабоките внатрешни поделби во самата БиХ. Кога станува збор за идните односи со Белград, аналитичарите предвидуваат продолжување на воспоставените обрасци. Додека бошњачките политичари реагираат на провокациите, српската страна се залага за политички континуитет во Србија, а Хрватите своите ставови првенствено ги усогласуваат со Загреб. Тоа за ДВ го потврдува и Иван Шијаковиќ, социолог од Бања Лука, кој вели дека „90 насто од Србите од Босна сакаат во Србија сѐ да си остане како што си е, Вучиќ да остане на власт и да одржува добри односи со Милорад Додик. Видовме во претходниот период дека студенти од Србија воопшто ги нема во Република Српска. Слична е ситуацијата и кај босанските Срби кои живеат во Србија. Сите тие, или барем оние постари од 50 години, цврсто стојат зад Вучиќ“. Што се однесува до Хрватите во БиХ, новинарот и публицист Емил Караматиќ за ДВ вели дека хрватската политика во БиХ, „како и до сега, се води од Загреб“, а ставот на локалните Хрвати кон Србија во пресрет на изборите, е условен и од сојузот меѓу Драган Човиќ и Милорад Додик. „Сето тоа е дел од истиот пакет. Мислам дека властите во Загреб, а со тоа и Хрватите во БиХ, исто како и ЕУ, би претпочитале Вучиќ да остане на власт, бидејќи со него знаат на што се. Крајната цел е приближување на Србија до ЕУ и НАТО, а Хрватска е клучниот играч во остварувањето на таа цел“, вели Караматиќ.

Новинарот и публицист Емил Караматиќ за ДВ вели дека хрватската политика во Босна и Херцеговина „ја води Загреб, како и досега“Фотографија: Privat

Економијата пред изборите потисната во втор план

Економскиот аналитичар Игор Гавран за ДВ посочува дека економските текови меѓу БиХ и Србија се релативно стабилни, но дека евентуалната промена на власта во Белград носи неизвесност, бидејќи во тековната предизборна кампања нема детален план за економска соработка со БиХ. „Новата власт би морала да се откаже од протекционизмот и да овозможи соработка на рамноправна основа, од решавање на прашањата за неподмирени долгови и сопственост врз хидроенергетскиот потенцијал на реката Дрина, па сè до можностите во одбранбената индустрија“, наведува Гавран, нагласувајќи притоа дека клучниот проблем лежи во самата БиХ. „Додека Србија ја олесни поврзаноста преку изградба на автопати, властите во БиХ не направија ништо. Никаква промена во соседството нема да ни помогне ако самите не сме способни да ги искористиме можностите“, забележува соговорникот на ДВ.

Изборите во Србија ќе донесат одговор на прашањето во која насока се движи Белград, но реакциите од БиХ покажуваат дека промената на власта сама по себе не гарантира пресврт. Додека едни бараат соочување со минатото, а други во континуитетот препознаваат свој интерес, односите меѓу двете држави остануваат оптоварени со внатрешни поделби.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми