Андраш Пап е професор по уставно право во Центарот за социјални студии во Будимпешта. Во еден подолг текст за Verfassungsblog, глобален форум за научна дебата за соочувањето на академијата и општеството, тој пишува како унгарските популисти и режимот на Виктор Орбан ги поткопуваа академските слободи за потоа да можат да го контролираат и општеството. Пап прво беше отпуштен од еден универзитет од политички причини, а подоцна и од Централноевропскиот универзитет, кога тој беше протеран од Будимпешта во егзил. Оттогаш работи во институција која е преименувана и реорганизирана пет пати.
Во Унгарија нема такви огромни притисоци, апсења или судења како во Турција или Кина. Нема ни масовни отпуштања. Но академските слободи се кршени чекор по чекор додека заедницата не стане очајна. Или не се приклони на властите. Пап дава осум лекции за тоа како е кршен ‘рбетот на академските слободи. Ние ќе пренесеме дел само од една, првата.
„Пред сѐ, унгарскиот случај покажува дека хибридните автократии не ги кршат основните права и индивидуалните слободи очигледно или директно. Тие постепено градат културна хегемонија со зголемување на нивната контрола врз академските институции, што е дел од поширока нелиберална стратегија.
Унгарската влада ја мереше академската слобода во сите нејзини три димензии: настава, истражување и издаваштво. Владата ја стави под своја контрола целата мрежа на независни истражувачки институции што работеа под покровителство на Унгарската академија на науките. Покрај тоа, таа ги презеде националните извори на финансирање за наука и култура. Им дозволи на владините агенции да одбиваат барања од невладини организации за податоци и наметна претерани такси за барања за јавни податоци. Ги цензурираше публикациите и академските настани. Нејзините медиуми оркестрираа кампањи за клевета за да ги заплашат критичарите на владата. Ги намали и укина програмите на буџетските институции. Го однесе Централноевропскиот универзитет во егзил и полуприватизираше голем дел од секторот за високо образование.
За неколку години, уделот на студенти кои студираат на традиционалните државни универзитети се намали од 87 отсто на 22 проценти, а кога беа реструктуирани повеќе од дваесет универзитети, само четири останаа државни. Поради оваа ‘промена на моделот’, вработените на универзитетите го изгубија статусот на државни службеници, што ја намали нивната сигурност на работното место бидејќи отпуштањето стана полесно. Новоформираните фондации кои управуваат со средства од јавен интерес се изложени на директно или индиректно влијание на извршната власт, што е некомпатибилно со академската слобода. По неуспешните преговори, ЕУ им оневозможи на тие универзитети да учествуваат во академски мрежи финансирани од неа, како што се Хоризонт Европа и Еразмус+“.
Збивање на редовите
Тоа е како се поткопува академската заедница за да може да се владее со децении. Но некогаш истекува и тој рок на траење. Во април 2026 Унгарија оди на избори на кои партијата Фидес и премиерот Орбан ќе го бараат петтиот последователен мандат. Последнава година работите не изгледаат добро за Фидес. Инсајдерот од нивните редови, поранешен маж на поранешната министерка за правда, кој се одметна од коруптивните и нелиберални кругови, Петер Маѓар, веќе десетина месеци заедно со неговата партија Тиса води во анкетите меѓу седум и 10 отсто.
Затоа, популистичките баталјони мора да ги збијат редовите. Фидес ги стави на повисоко ниво врските со главната опозициска партија во Полска, Право и правда, во исто време кога односите меѓу владите се на најлошата точка во последните години. Полскиот премиер Доналд Туск е еден најмалку саканите луѓе меѓу структурите на Орбан. Но камарилата околу лидерот на Право и правда, Јарослав Качински, е пречекувана со фанфари. Па некои од неа дури добиваа и политички азил.
Во понеделникот вечерта, во историското уметничко кино „Уранија“ во Будимпешта имаше фестивалска атмосфера. Беа насобрани 400 поддржувачи на Фидес, а гостин беше поранешниот полски министер за правда, Збигњев Зиобро. Тој беше пречекан како херој од френетичната толпа. Зиобро, кој моментално е под истрага во Полска, се појави на сцената заедно со Гергели Гуљаш, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Настанот беше ко-организиран од поддржаниот од владата, потоа „Матијас Корвинус Колегиум“, конзервативен колеџ и тинк-тенк, и неговиот неделник „Мандинер“. Нема ништо политички спорно што две идеолошки блиски партии се помагаат. Спорно е што тие две партии (едната сѐ уште на власт, другата сега не) го подјармија судството и образованието да служат на партиските интереси и структурите во врвот на власта. Парадоксално е што вечерта се фокусираше на проекција на документарниот филм „Преземање на власта“, во кој се тврди дека владата на полскиот премиер Туск ја презела контролата врз полските државни институции преку нелегални средства. Документарецот беше како „Филмски новости“ за политичкиот театар што следеше. Зиобро и Гуљаш ја на сцената го потврдија она што го нарекоа „стратешки сојуз“ помеѓу Фидес и Право и правда.
Таму беше уште еден полски „херој“, Марчин Романовски, поранешен заменик на Зиобро. Публиката и него го пречека со френетичен аплауз. Романовски се соочува со 11 различни обвиненија во Полска, вклучувајќи учество во организирана криминална група и обид за проневера на речиси 40 милиони евра од фонд за жртви. Откако го изгуби парламентарниот имунитет и се соочи со налог за апсење, Романовски исчезна и повторно се појави во Унгарија кон крајот на 2024 година. Будимпешта му додели азил, тврдејќи дека се соочува со ризик од нефер судење во Полска.
Аферата со азилот сериозно ги затегна официјалните односи меѓу владите на Унгарија и Полска. Тие се обележани со остри размени на социјалните медиуми меѓу министрите за надворешни работи Радослав Сикорски и Петер Сијарто. Шефот на кабинетот на Орбан, Гуљаш, исто така инсистираше дека одлуката за азил била неутрална, тврдејќи дека „правните случаи политички се судат во Полска, па затоа барањата за азил треба да им се одобрат и на нашите пријатели и на противници“.
Мотористите на мрачната страна
Малку погоре, на северозапад, еден близок политички пријател на Орбан, чешкиот милијардер Андреј Бабиш се подготвува повторно да биде премиер по четири години пауза. Неговата изборна победа предизвика егзалтација во Будимпешта. Владата на Орбан сака да ја искористи победата на Бабиш и неговата десно-популистичка партија АНО, да ја поврати структурата на Вишеградската група, која речиси се распадна. Полска, Унгарија, Чешка и Словачка го формираа политичкиот и културниот сојуз во 1991 година за да промовираат соработка во регионалниот развој, политиките на ЕУ, безбедноста и заедничките интереси во Централна Европа. Орбан сега го нуди партнерството Фидес-ПиС како 'рбет на обновената Вишеградска група. Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, веќе е во генералштабот на Орбан. „Од четири земји, веќе имаме три и чекаме најголемата земја, Полска, да се придружи во следните најмногу две години“, рече Гуљаш на собирот во понеделникот.
Но меѓу овие популистички баталјони има некаков ред-неред. Бабиш одби да се приклучи на антиукраинската коалиција на Унгарија и Словачка и овие денови е во визита на повторно запознавање во Брисел. Сега сака да се претстави во попозитивно светло и ако може да денфува некои од обвинувањата за злоупотреби на европски средства од неговата компанија.
Двете помали партии кои се негови веројатни коалициски партнери се поекстремни од неговaта. Тоа се крајно десничарската Партија на слободата и директната демократија, предводена од чешкиот националист со делумно јапонско потекло, Томио Окамура, и партијата со ексцентрично име Мотористи за себе. Мотористите го номинираа поранешниот reли возач Филип Турек за министер за надворешни работи. Тој има многу непријатно досие, вклучително и со нацистички поздрави во јавноста. А коалицијата го номинираше Окамура за претседател на парламентот.
Турек до неодамна беше член на Европскиот парламент. Тој јавно ја слави нацистичката идеологија. Неколку пати е фотографиран со десната рака крената во воздух и поседува разни колекционерски предмети со нацистички симболи. Објавени се и копии од неговите коментари на Фејсбук од 2013 година па наваму, во кои тој испраќа луѓе кои мисли дека не се подобни во гасни комори, ги нарекува убиствата на муслиманите „чистење“, ги величи Мусолини и Хитлер, а вториот го нарекува свој златен татко. Тој исто така објави дека секогаш полни 88 литри гориво, а бројот 88 е симбол за нацистичкиот поздрав „Хајл Хитлер“.
По октомвриските избори, весникот „ДеникН“ објави дополнителни, сега избришани, објави од Турек на социјалните мрежи, каде тој самиот се претставува како тежок екстремист, расист, ксенофоб, хомофоб, насилник и мизогинист.
И АНО и Мотористи припаѓаат на групата Патриоти за Европа во Европскиот парламент, заедно со австриската Партија на слободата, шпанската Вокс, Фидес на Виктор Орбан и Национален собир на Марин Ле Пен.
Анализирајќи го случајот на Мотористите и Филип Турек, историчарот Рудолф Кучера потсетува дека по Првата светска војна, фашистите на Бенито Мусолини станале мајстори на нова игра, кога, благодарение на развојот на технологијата, вовеле сензационализам и визуелен елемент во политиката, а јавната дебата ја замениле со ефект. Тие го користеа филмот за да создадат митови за водачот, масовните паради како спектакл и, пред сè, радиото како алатка за директна, емоционална комуникација. Денешната радикална десница ја продолжува оваа традиција, истакнува Кучера. Но, нејзината сцена се социјалните платформи, каде што кратките, ефективни видеа им овозможуваат на политичарите директно да им се обратат на своите следбеници и да им дадат чувство дека некој ги разбира.
За Кучера, Турек не е само осамен провокатор, туку производ и актер на постфашистичкиот свет. Неговиот имиџ е бренд на животен стил за незадоволните – модерен оклоп составен од цинизам, впечатлив луксуз и агресија, сето тоа засилено со алгоритми на социјалните медиуми. Неговите гласачи се главно помлади мажи кои се импресионирани од мачо изгледот на Турек.
Зракот од Холандија
Но не е сѐ така популистички мрачно. Изборите во средата уште поназапад и понасевер од Прага, во Холандија, покажаа дека и најсилниот бренд на европските популисти може да биде запрен. Само ако подготвиш умна и креативна позитивна политика. Шампионот на европските популисти, Герт Вилдерс, беше запрен во Холандија од центристичката партија Д66 на харизматичниот Роб Јетен. Неговиот успех може да служи за образец како да се пробијат и потиснат популистичките баталјони.
Во четвртокот кога се пребројуваа последните гласови и кога според холандските медиуми Д66 ќе освои повеќе гласови од ПВВ на Вилдерс (иако изгледа подеднаков број мандати – 26) Јетен испрати порака на течен англиски јазик кон центристичките сојузници во Европа и во светот.
„Мислам дека сега му покажавме на остатокот од Европа и на светот дека е можно да се победат популистичките движења ако се води кампања со позитивна порака и многу сум горд на овој историски резултат за Д66“, рече тој.
Слична порака имаше и во средата вечерта по објавувањето на излезните анкети. Јетен рече дека поддршката за неговата проевропска, проклиматска партија го означи крајот на доминацијата на крајната десница врз холандската политика - и му покажа на остатокот од Европа дека центарот може да издржи.
„Ја свртивме страницата за [Герт] Вилдерс“, рече тој. Главните партии, додаде тој, докажаа дека е „можно да се победи популистичкото движење и да се победи крајната десница“.
Вилдерс, кој освои 37 од 150 места во Долниот дом на Холандија во 2023 година, овој пат стигна до 26 места, според проекциите. Партијата Д66 на Јетен имаше само девет места пред две години, а сега 26. Изборите беа свикани зашто партијата на Вилдерс ја урна коалициската влада во која учествуваше.
Оние кои добро го познаваат Јетен велат дека тој е вистински оптимист кој не се плаши од тешка дебата и прагматичар кој може да ја обедини расцепкана политичка сцена. Работел како менаџер во националната железница пред да влезе во политиката и го запознал својот партнер, аргентинскиот хокеар на трева Николас Кинан, во супермаркет. Тој ќе биде првиот премиер на Холандија кој ќе се изјасни како геј.
Партијата учеше последниве години од популистичкиот сет алатки со едноставна порака „да, можеме“ („het kan wél") во стилот на Обама.
„Демократските центристички партии имаат тенденција да ја направат својата порака многу церебрална, додека популистите ја прават емотивна, возбудлива, со јасен херој - самите себеси - и јасен непријател: политичката елита“, вели Рој Крамер, автор на книгата „Зошто Вилдерс победува“. „Јас велам: започнете со здрав разум со луѓето во средината“.
Тоа беше тонот на кампањата. Појавувањето во телевизиското шоу „Најпаметниот човек“ го претстави Јетен на милиони луѓе. Во дебатите тој беше угладен и безмилосен кога го напаѓаше Вилдерс.
Можеби тоа можно во општество како холандското. Прашање е дали со угладеност и безмилосни и точни напади тоа може да се изведе во други средини каде популистичкиот наратив изгледа доминантен. И дали има луѓе, политичари, кои ќе можат тоа да го направат.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
