1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стапици и порази во систем на сврзани садови

25 август 2023

Меѓу посетата на Курти и изјавите на Вучиќ, рефлексиите на регионалните состојби кои се прелеваат на македонско тло, го изместија фокусот од клучните приоритети.

Nordmazedonien Skopje Hitzewelle
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со голем интерес во македонската јавност се очекуваат пораките што денес ќе бидат испратени по средбите на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, со премиерот Димитар Ковачевскии лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Разговорите за интеграцијата на РСМ во ЕУ, за регионалните состојби и долгорочниот просперитет на Западен Балкан, се одвиваат во период кога токму рефлексии на регионалните состојби по систем на сврзани садови се прелеваат и на македонско тло.

Во последните две недели причина за тоа стана иконографијата при дочекот на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово и Чаир, што беше остро искоментирано и од српскитот претседател Вучиќ. По прекршочните пријави од македонското МВР за градоначалниците на Тетово и Чаир, засегнатите ги обвинија властите дека се на иста линија со Србија, односно „вазали на Белград“.

Вишна врз шлагот стави Александар Вучиќ, кој по неформалната средба на лидерите на Западен Балкан во Атина изјави дека „македонскиот премиер Ковачевски многу остро,јавно и отворено реагирал кон Курти пред сите, што изненадило многумина“.

Уставни измени или избори 

Овие настани и изјави, навидум неповрзани со најактуелниот процес во моментов - спроведување уставни измени, го изместија фокусот од тој услов без кој РСМ не може да ја одржи Втората меѓувладина конференција и да ги продолжи преговорите со ЕУ, но станаа и катализатор на повиците за брзи избори. Во македонскиот опозициски блок изборите се единствен излез од сегашната ситуација. Акцентот во албанскиот опозициски блок е ставен на неопходноста од промени, расчистување со (про)српска сервилност на власта и обединување во здружен опозициски блок за следните парламентарни избори, кога и да бидат тие. 

Премиерот Димитар Ковачевски не ја разјасни дилемата околу изјавата за КуртиФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевскини вчера не даде директен одговор дали е точно дека остро реагирал кон косовскиот премиер на вечерата што по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја организираше минатата недела во Атина.

„Динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на интеграција во ЕУ. Тоа го потврди и мојот разговор со претседателот на Србија, посебно неговата изјава, меѓутоа во изминатите денови можевте да бидете сведоци и на косовскиот премиер кој кажа дека исклучително ја цени и почитува Северна Македонија и се` она што е значајно за нашите добрососедски односи“, рече Ковачевски.

Ставот на премиерот дека „динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на интеграција во ЕУ“, не укажува дали тоа е индиректно признание оти имал некаква поединечна изјава кон Курти но оти тоа не влијае на добрососедските односи, или пак тоа е кажано во општа, генерална смисла.

Провокација или стапица 

Посетата на Курти и оценката на лидерот на Беса Билал Касами дека таа е потврда на неговата поддршка за албанскиот опозицискиот блок во РСМ, ја исцрта линијата на разграничување меѓу партии и лидери кои ги следат идеите на Еди Рама и Вучиќ во Отворен Балкан, и оние кои препознаваат и биле против инсталирање на просрпска политика затскриена зад таа инцијатива (Курти, Ѓукановиќ...), но и опозициските партии на Албанците во РСМ.

Но, и остра линија кон претставници на власта кои повикаа на санкции против градоначалниците на Тетово и Чаир,како пример за рецидиви од одамна минати времиња. По судската покана што ја добил и ја објави на Фејсбук тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами, (поради неспроведување на Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ при пречекот на косовскиот премиер на 11- ти август во Тетово), овој случај го посочи како доказ за стравот на власта од окрупнување на опозицијата.

„Уште еден обид за заплашување и молчење, што ме прави да разберам колку се плашат од албанската опозиција. Со овие дела ни ја зголемувате храброста. Повторувам, времето на заплашување и уцена на Албанците е мртво, како што умира и вашиот режим. Тоа го должиме само на граѓаните и на овој народ, бидејќи за вакви режими не се плашевме ниту во комунистичката ера ниту сега. Деновите ви се избројани“, порача Касами.

Али Ахмети, кој претходно беше прозиван „зошто молчи“, неговиот став го обелодени во интервју за косовската телевизија КТВ, откривајќи ги старите формули за играње врз национална крата.

Али Ахмети: Предвремените избори не се решение, бидејќи опозицијата не нуди никакво решениеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не еднаш, македонската опозиција побара од мене да ги навредам, за да им го зголемам рејтингот кај македонската заедница. Но, јас не го направив тоа. Им реков на претседателот и на премиерот - не брзајте затоа што паднавте во стапицата што е подготвена. Убеден сум дека премиерот и претседателот на Македонија, ниту премиерот Курти не го знаеја ова и дека оваа ситуација доби меѓудржавна димензија која не е корисна за никој“, изјави Ахмети.

Големи и мали 

Лидерот на ДУИ испрати и порака до опозицијата, во однос на пораките дека е време ДУИ да замине во опозиција.

„Опозицијата мора да бара избори секој ден, опозицијата мора да кажува секој ден дека ќе победи на изборите, но тоа може да го стори само на сон. Времето ќе покаже дека тоа е само сон и ќе покаже колку се толку мали и ситни во политичка смисла на зборот. За да се турне ДУИ од власт и да се однесе во опозиција, СДСМ пред неколку години на чело со Зоран Заев спроведе цела кампања, но не успеа. Не само што ДУИ не загуби на изборите, туку освои 50 отсто повеќе мандати од претходно. ДУИ нема да стане опозиција, затоа што сите овие години постигнуваме опипливи работи и, да нагласам, со ДУИ Албанците беа факторизирани на државно и институционално ниво“, рече лидерот на ДУИ.

Според него, стравот што им се наметнува на Македонците дека со уставните измени ќе го изгубат идентитетот или државата, се прави за дневни политики, со цел опозициските партии за да ја одведат земјата на предвремени избори, но предвремените избори не се решение, бидејќи опозицијата не нуди никакво решение.

Опонентите на ДУИ пак велат дека токму во Мала Речица се исплашени од пораз и затоа под палка на оваа партија се иницира формирање на одредени партии. Тоа се правело преку лица уфрлени во опозициските редови од страна на интегративците, кои потоа по нивен налог се отцепуваат и формират наводно независни партии, кои всушност биле планирани да послужат како „резервни мрежи“ за ловење гласови во корист на ДУИ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми