Пораки: Образованието на Ромите е темел на еднаквоста
8 април 2026
По повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, највисоките државни институции, меѓународните партнери и Народниот правобранител упатија пораки против дискриминацијата и најавија мерки за подобрување на правата, образованието и социјалната инклузија на ромската заедница.
Образование без поделби
Премиерот Христијан Мицкоски, на настанот „Од невидливост кон еднаквост – одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница“, што се одржа во Собранието, нагласи дека образованието е темел на еднаквоста.
„Ова не е ден само на зборови, туку и на одлуки – за визија и храброст. Нашата визија почнува со образование достапно за секое ромско дете, со училишта без поделби и со систем што отвора врати“, порача Мицкоски. Тој посочи дека интеграцијата не значи асимилација, туку еднакви можности, правичност и услови секој човек да го оствари својот потенцијал.
Активни политики за права, вработување и домување
Според Мицкоски, Владата работи на низа конкретни мерки како подобар пристап до образование преку стипендии и поддршка за ученици и студенти, намалување на раното напуштање на училиштата, вклучување на Ромите на пазарот на труд преку активни мерки за вработување и подобрување на условите за живеење преку инвестиции во инфраструктура, домување и основни услуги.
Дискриминацијата е тест за владеењето на правото
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оцени дека и покрај напредокот во законодавството, ромските граѓани и натаму се соочуваат со дискриминации, особено во пристапот до образование и вработување.
„Невидливоста не значи отсуство на права, туку отсуство на правда. Тоа е недостиг на реални можности и застапеност, за што сите носиме одговорност“, истакна Гаши.
Високиот претставник на ОБСЕ во Скопје, Едвард Андерсон, нагласи дека инклузијата бара координиран пристап и заедничка одговорност. „Нашата цел е ниедно дете да не биде изоставено и институциите да бидат ефикасни и одговорни“, рече Андерсон.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека крајно време е да сфатиме дека ромската заедница е најранливата и најмаргинилизирана категорија граѓани, а како таква заслужува најголемо општествено внимание и заштита.
„Осми април е вистинскиот ден за мерење и преиспитување на квалитетот на животот на нашите сограѓани Роми во сите области и на сите нивоа. Еднаш мора да ни стане јасно дека не е доволно да се повикуваме на Шуто Оризари, туку да обезбедиме пристоен живот на Ромите каде и да се“, посочува претседателката во честитката.
Народниот правобранител – образованието е клуч за интеграција
По повод Меѓународниот ден на Ромите, народниот правобранител Фатон Сељами упати апел за надминување на стереотипите, укинување на сегрегацијата и еднаков пристап до правата.
„Местото на ромските деца е во училишните клупи, не на улиците. Само преку квалитетно и инклузивно образование можеме да зборуваме за правна и просперитетна држава“, нагласи Сељами.