1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСрбија

Меѓународен ден на Ромите: „Образованието е пат до слобода“

8 април 2024

Меѓународниот ден на Ромите секој 8 април ги свртува рефлекторите кон оваа заедница. Сликата за Ромите во Србија уште е еднолична, но репортерка на ДВ запиша и поинакви приказни.

Ниш - Меѓународен ден на Ромите
Ниш - Меѓународен ден на РомитеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Туркијан Реџепи живее во ромското Белград маало во Ниш. Овде се доселил од Косово во 1999 година. По доаѓањето во Ниш прво се обидел да направи куќа во друга населба, но откако соседите го пријавиле за бесправна градба, на наговор на сопругата и децата сепак преминал во ромско маало.

„Нашите луѓе велат – кога овца ќе се одвои од стадото, ја јаде волкот“, се смее денес Туркијан кој веќе 25 години е во Ниш.

Со градот го врзуваат бројни почетоци, па и денешната професија – во Ниш случајно станал радио-глас, а потоа и спикер на локалната телевизија во информативната емисија на ромски јазик.

Подоцна со пријателите основал невладина организација која се занимава со  ромски прашања,  а потоа и медиум кој известува за Ромите.

За Туркијан Реџепи интересот на заедницата е секогаш над неговиот личен интересФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Во очи на еден Меѓународен ден на Ромите, беше осквернавен споменикот на Шабан Шаулиќ на нишкиот кеј, на него напишале ’смрт на циганите’. Јас зедов камера и снимав, се собраа бројни активисти, тука ја направив првата приказна. Не знаев многу за монтажа, но направив нешто и испратив први информации во етер“, раскажува Туркијан за ДВ.

Тогаш се избориле за поставување камери околу споменикот. Тие ситни победи, вели тој, му дале поттик и натаму да ја помага заедницата од која брзо стекнал доверба.

Помага колку ќе стигне

Иако се занимава со работа која не донесува ни приближно доволно пари за издржување на шестчленото семејство, за Туркијан интересот на заедницата е секогаш над неговиот личен интерес. Во од ги учел потребните вештини за новинарски, снимателски, монтажерски, до раководни проекти.

„Парите никогаш не беа на прво место, и самиот сум  припадник на заедницата  за која се борам, секогаш се трудев да им помогнам на луѓето. Ако благодарение на некој текст или видео се замени барем една сијалица, сепак е тоа добро дело, тоа и денес ме одржува и радува“, вели тој.

Денес се занимава со многу поважни прашања во ромските населби. Учествува во Ромактед проектот на Советот на Европа и ЕУ и низ него им помага на бројни ромски семејства. Некои од нив добиле шпорети или огревно дрво, нова дограма и слично. Преку проекти на својата организација собира документација за легализирање куќи, за почеток, од едно ромско маало во Ниш.

Како помага ЕУ

Европската унија преку работата на бројни организации  и` помага на ромската популација  со децении, а една од нив е и германската Хелп, чии целни групи се загрозените категории на населението. Уште од 1999 година, кога Хелп почна со работа во Србија, до денес се поддржани околу 4 илјади ромски семејства.

„Се обидовме помошта што ја даваме да се заснова и на образование и обука, кои беа најпотребни, на обезбедување решенија за домување и на можноста за набавка на опрема со која може да се изврши некоја деловна активност“, вели за ДВ Станислава Кулиџан, регионална советник за Југоисточна и Источна Европа.

Таа додава дека со помош на германската влада во 2018 година започнале проект кој вклучувал економско зајакнување, образование и обезбедување станбени решенија.

Обучени се близу илјада луѓе, поддржани мали бизниси кои „хранат“ над четири илјади луѓе. Во последните пет години се реновирани речиси осумстотини куќи. За сето тоа се потрошени околу десет милиони евра, вели Кулиџан.

Соговорниците на ДВ се согласуваат дека образованието е едно од клучните прашања во ромската заедница. Сепак, оваа слика полека се менува на подобро. Не е мал бројот на млади кои завршуваат факултет и се вработуваат во струката.

Некои успешни приказни

Анита Цекиќ денес е психолог со бројни едукации и сертификати од областа на психотерапијата. Никогаш не живеела во ромско маало, но никогаш не криела дека  припаѓа на ромското национално малцинство.

Иако нејзината мајка завршила само основно училиште, и таа и нејзините две сестри имаат факултетски дипломи. Таа денес со гордост вели дека, иако не наполнила уште четириесет години, постигнала сѐ што сакала.

Несиме - ромската хероина од Прилеп

04:28

This browser does not support the video element.

„Кај нас се подразбираше, иако нашата мајка немала можност да учи, ние секогаш знаевме дека ќе студираме. Нѐ тераше да учиме, а тоа беше нашата единствена обврска, кога ќе пораснеме да имаме свое парче леб“, вели Анита.

„Секогаш бев одлична, и во основно и во средно училиште. Завршив факултет на 23 години, а некои не го завршуваат ни на 30“, вели таа.

„Ја сакам својата работа повеќе од било што на светот, имам многу можности за развој, за лично усовршување“, објаснува таа.

Анита Цекиќ, психолог од Ниш: Единствен излез од стигмата е образованиетоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Кога го завршив факултетот, мислам дека дури тогаш почнав да работам на себе. Завршив обука за психодрама и имам сертификат за советник, сега ја завршувам специјализацијата како семеен и брачен психотерапевт. Тоа е доживотно учење и мислам дека никогаш нема да престанам. Така го воспитувам и моето дете“, вели Анита, која работи во основното училиште „Вук Караџиќ“ во Ниш, каде што одат претежно деца Роми.

„Реалноста многу ме боли“

Претходно таа  работела во други училишта, но потоа решила со својот пример да им покаже на децата Роми, особено на девојчињата, колку е важно образованието.

„Морам да кажам дека реалноста многу ме боли и дека медиумите не ја прикажуваат вистинската слика. Ме боли што и денес има девојчиња кои се мажат на возраст од дванаесет до петнаесет години. Една да се омажи е многу за мене, а камоли голем број“, вели Анита за ДВ.

„Сè уште постои вкоренето размислување, 'традиција' дека треба да се склучи брак, дека образованието, особено за женско дете, е непотребно. Дури и кога детето има волја, родителите не ја поддржуваат таа волја за образование, го обезвреднуваат училиштето бидејќи 'нема работа', како што велат", вели Анита.

Таа додава дека едно девојче од нејзиното училиште го прекинало образованието поради брак и заминало во Италија пред да заврши осмо одделение. Таа, според законот, случајот го пријавила во Центарот за социјална работа.

„Апелирам до родителите на тие деца дека единствен излез од сиромаштијата и стигмата од таа погрешна слика што ја испраќаме на мнозинското население и на луѓето воопшто е исклучиво и само образованието. Тоа е начин да се биде и еднаков и рамноправен, едноставно слободен. Јас сѐ успеав сама. Си помогнав себеси со диплома, работа и труд“, вели Анита и додава:

„Некои родители сè уште не разбираат дека диплома за средно образование, да не зборуваме за универзитетска диплома, ви ја дава сета слобода на светот, и ставовите, и мислите, и пријателите, и можност да патувате, ви дава сè - можеш сè да си обезбедиш“, заклучува Анита.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми