1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Германија ги отфрла обвинувањата за помош во геноцид

Лусиа Шултен
10 април 2024

Во Ден Хаг започна рочиштето за улогата на Германија во конфликтот на Блискиот Исток. Никарагва ја обвини германската држава за „пружање помош во вршење геноцид“. Германија решително ги отфрли обвинувањата.

Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг - Никарагва против Германија
Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг - тужба на Никарагва против Германија Фотографија: Robin van Lonkhuijsen/ANP/picture alliance

Германија во вторникот пред Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг ја изнесе својата одбрана против обвинувањата на Никарагва дека пружа помош во кршењето на Конвенцијата за геноцид. Германската претставничка во процесот, Таниа фон Услар-Глајхен истакна дека обвинувањата немаат ни фактичка, ни правна основа. Освен тоа, таа ѝ префрли на Никарагва едностран поглед на конфликтот на Блискиот Исток.

Во  својата тужба од 1 март  Никарагва тврди дека Германија, посебно преку испораката на оружје на Израел, како и со суспендирањето на парите за организацијата на ОН за помош на палестинските бегалци, УНРВА, врши „помош во извршувањето геноцид“. Или дека барем ги крши своите обврски да направи сѐ за да спречи геноцид.  Никарагва притоа се повикува не само на Конвенцијата за геноцид  од 1948 година, туку и на Меѓународното хуманитарно право, како Женевската конвенција и други одредби.

Во почетокот на процесот оваа недела меѓутоа во прв план се „привремените мерки“, исто така побарани од Никарагва, со кои се бара Германија веднаш да ја прекине својата поддршка на Израел и да ја ревидира својата одлука во поглед на УНРВА. Од Меѓународниот суд се бара да наложи Германија да ги преземе сите можни напори за да осигура веќе испорачаните оружја на Израел да не бидат противрправно користени.

Никарагва тврди – Германија е свесна за ризикот од геноцид

Германија „знаеше и знае за најмалку еден ризик за вршење геноцид“, изјави никарагванскиот правен застапник Карлос Хозе Агуело Гомез. Најдоцна од моментот кога Меѓународниот суд на правдата наложи привремени мерки против Израел, кај Германија требаше да заѕвонат сите алармни ѕвона, истакна никарагванскиот амбасадор во Холандија.

Никарагванскиот правен застапник Карлос Хозе Агуело Гомез на рочиштето во Меѓународниот суд на правдата во Ден ХагФотографија: Robin van Lonkhuijsen/ANP/IMAGO

Минатата година Јужноафриканската Република поднесе тужба против Израел, обвинувајќи го за повреда на Конвенцијата за геноцид. На 26 јануари Меѓународниот суд на правдата воведе привремени мерки против Израел, барајќи од државата „да ги преземе сите мерки во нејзина моќ за да се избегне геноцид врз Палестинците во Газа.“ Во март Меѓународниот суд на правдата повторно упати повик до Израел, за да овозможи доставување поголема помош во Појасот Газа.

Германските испораки на оружје за Израел пред суд

„Германските власти издадоа приоритетни извозни дозволи за воена опрема за Израел во вредост од речиси 300 милиони евра со оглед на посебната ситуација на израелската војна во Газа“, изјави правникот Даниел Милер, кој е претставник на Никарагва, според кого оружена опрема од 20 милиони евра е воено оружје. Во Израел меѓу останатото беа испратени 3.000 противтенковски оружја, 500.000 парчиња муниција за автоматско оружје и 44 погонски полнења, изјави Милер, повикувајќи се на бројките објавени од германската влада.

Германија, покрај САД, се смета за најблизок сојузник на Израел и според  Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм, СИПРИ,  по САД е втор по големина испорачувач на оружје на Израел во периодот од 2019 до 2023 година. Никарагва не може директно да ги тужи САД, зашто САД не ја признаваат јурисдикцијата на Меѓународниот суд на правдата.

Германија е свесна за својата историска одговорност

По терористичкиот напад на милитантно исламистичкиот Хамас од 7 октомври ланската година, во кој беа убиени околу 1200 луѓе, Израел започна воен судир со организацијата. Во нападите во Појасот Газа според наводи на здравствените власти, контролирани од Хамас, се убиени повеќе од 33.000 луѓе. Израел се повикува на своето право на самоодбрана и решително ги негира обвинувањата за геноцид.

Одлуката на Меѓународниот суд на правдата се очекува за неколку недели.Фотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

И Германија го потенцира правото на Израел на сопствена одбрана, истовремено инсистирајќи на придржување кон меѓународното хуманитарно право. Во последно време, во овој поглед  гласот на Германија, исто како и на САД, е сѐ поостар.

На почетокот на одбраната пред судот, германската застапничка Таниа фон Услар-Глајхен ја потенцираше посебната одговорност на Германија кон Израел: „Нашата историја е причината поради која безбедноста на Израел е во фокусот на германската надворешна политика“.  Но, германската страна сака да ги уточни наводите на Никарагва, посебно во поглед на бројот и квалитетот на испораките на оружје на Израел, рече Таниа фон Услар-Глајхен.

Видот на испораките на оружје

Во изнесувањето на германскиот аспект на фактичката состојба експертот за меѓународно право Кристијан Тамс изјави дека при испораките на оружје мора да се прави диференцијација меѓу воено оружје и друга оружена опрема. Во дадените дозволи за извоз на оружје на Израел од 7 октомври досега, во 98 проценти станува збор за друга воена опрема, која има подредена улога и дефанзивна функција.

Од октомври 2023 година не се дадени дозволи за извоз ниту на артилериски гранати, ни на муниција за Израел, објасни Тамс. Кај дозволениот извоз на кој се повикува Никарагва, всушност во најголем дел станува збор за тест- или тренинг муниција, која не е погодна за воени акции.

Германските процедури за одобрување, истакна Тамс, посебно се насочени кон придржување кон меѓународните хуманитарни обврски и дури ги надминуваат меѓународните норми.

Суспендирањето на средствата за УНРВА е без влијание

Тамс се обиде да го побие и обвинувањето за стопирањето на средствата за УНРВА. Привремената одлука од 27 јануари за суспендирање на уплатите нема конкретни последици затоа што во тој момент не претстоеле никакви исплати. Германија дури, па и преку други организации, ја зголеми својата  хуманитарна помош за Палестинците.

Натамошен аргумент на Германија беше и тоа дека без учество на Израел не е можна постапка. Германија побара да не се воведуваат никакви привремени мерки и судот да го отстрани случајот од регистарот. Одлуката на судот се очекува за неколку недели.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми