1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мемоари на бившата канцеларка - Меркел ќе стане милионерка

26 ноември 2024

Мемоарите на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел уште пред нивното објавување ја разбрануваа јавноста во Германија, земја која е на почеток на изборната кампања.

Мемоарите на Ангела Меркел, насловени „Слобода“ (Freiheit)
Мемоарите на Ангела Меркел, насловени „Слобода“ (Freiheit)Фотографија: ROPI/picture alliance

Ретко кое германско политичко дело предизвикало толкаво внимание: мемоарите на Ангела Меркел, насловени „Слобода“ (Freiheit), се појавуваат во книжарниците оваа недела. Книгата ќе биде објавена истовремено во триесетина земји, не само на Запад, туку и во Кина.

Билетите за вторничката книжевна вечер во Германскиот театар во Берлин, каде за првпат ќе биде претставено делото од 736 страници, се распродадоа онлајн за неколку минути.

Мемоарите со поднаслов „Сеќавања 1954–2021“  носат осврт на нејзиниот живот, од детството и младоста во ГДР, преку обединувањето на Германија, нејзиниот политички подем во  Сојузна Република Германија,  до крајот на нејзиниот 16-годишна канцеларска кариера кон крајот на есента 2021 година.

Книгата и аудиоизданието ќе бидат објавени истовремено на повеќе јазици, а одамна е планирана турнеја на 70-годишната авторка низ големите европски градови.

Промоција со Обама во Вашингтон

Во извадоци од книгата објавени досега (меѓу другото во неделникот „Цајт“ и во „Јидиш алгемајне“ на тема Израел), како и во неколку интервјуа (особено исцрпното во списанието „Шпигел“), Меркел се осврнува на политички актуелни и контроверзни прашања: меѓу другото, за нејзиното искуство со американскиот претседател Доналд Трамп (2017-2021), доминацијата на мажите во германската политика,  контроверзното прифаќање бегалци...

Таа детално зборува за  нејзината политика кон Русија и Украина и за  нејзиниот став кон Владимир Путин.  Токму по ова прашање, многумина во политичкиот Берлин денес се критички настроени кон неа.

Сосема друго време - Меркел во 2006 година со рускиот претседател Путин во Дрезден Фотографија: Matthias Hiekel/dpa/picture-alliance

Тие изјави на поранешната канцеларка за медиумите во Германија паѓаат во време кога започна кампањата во пресрет на вонредните избори за Бундестагот. Како што тврди новинарот Ралф Болман за ДВ, крајот на владејачката т.н „семафор - коалиција“, составена од Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП), во моментов фрла сенка врз перцепцијата на нејзината книга. Болман, член на редакцијата на неделното издание на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, самиот пред неколку години напиша опширна биографија за  Ангела Меркел.Сепак, тој укажува и на меѓународната резонанца, како и на промената во Белата куќа што претстои во јануари. Болман потсетува на првиот мандат на  Доналд Трамп за време на  мандатот на Ангела Меркел како канцеларка.

„Во тоа време таа беше славена во САД како либерално-демократски противник на Трамп. Сега тоа сигурно ќе ѝ помогне во промовирањето на книгата“.

Поранешната канцеларка на Германија на 2 декември ќе престојува во Вашингтон, каде ќе го претстави своето дело заедно со поранешниот американски претседател Барак Обама.

Кандидатите се борат за гласачите на поранешната канцеларка

Болман смета дека е погрешна проценката на берлинската политичка сцена дека Меркел сега „секаде е на лош глас“ поради нејзината политика кон Русија. Напротив, тој тврди дека таа се уште има  „многу симпатизери во земјава“  и дека книгата добро ќе се продава.

Тој смета дека нејзиниот „недостиг на волја за реформи на домашен план“ е попроблематичен од нејзините надворешнополитички одлуки. Како примери, тој ја наведува нејзината воздржаност да покренува тешки прашања, како што е модернизацијата на Бундесверот или спроведувањето на вистинска климатска транзиција.

Дали книгата сега станува дел од предизборната кампања? Болман е резервиран по ова прашање: „Сите ќе цитираат што им одговара." Сепак, забележливо е дека сите тројца кандидати за канцелар се обидуваат на свој начин да им се допаднат на поранешните гласачи на Меркел: Олаф Шолц од (СПД), Фридрих Мерц. ЦДУ/ЦСУ) и Роберт Хабек (Зелени).

Ангела Меркел и сопругот Јоахим Зауер со Фридрих Мерц, лидерот на ЦДУ, на 70. роденден на Меркел Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Книгата ги содржи, секако, ставовите на Ангела Меркел. Ретко кој „врвен политичар бил изложен на толку недиференцирани критики и омраза како Ангела Меркел“, посочува политикологот и публицист Андреас Питман за ДВ и додава: „Токму затоа е важно работите да ѝ се претстават на пошироката јавност од нејзина перспектива. "

Многу милиони за книгата?

Како што е вообичаено со вакви проекти, не се знае колку ќе добие поранешната канцеларка. Деновиве, меѓутоа, неколку германски медиуми шпекулираат за можната сума: „Келнер штат-анцајгер“, без да наведе извор, пишува за „исклучително висок аванс“, наведувајќи ја двоцифрената милионска сума како „извонредна сума на пари за германско издаваштво“. Берлинскиот „Тагесшпигел“ ја прецизираше сумата - 12 милиони евра.

Никој не мисли дека Меркел во иднина ќе се расфрла со пари. Во интервју за „Шпигел“, каде што ја нарекоа идна „мултимилионерка“ и ја споредија со финансиски моќната фондација на  Барак Обама,  Меркел на прашањето за ова навести дека планира да основа своја фондација.

Со Барак Обама, Меркел посебно добро се разбираше Фотографија: Michael Kappeler/AP Photo/picture alliance

„Нема да можам да направам нешто толку големо како Обама - но ќе видиме“, рече таа. Нејзината сопствена фондација секако би имала предност што, ниту сега, ниту во иднина, нејзиното наследство нема да зависи од партискиот апарат на нејзината ЦДУ.

Сеќавање на ГДР

Меѓу стотиците автори што издавачката куќа - традиционално наклонета кон лево-либерални ставови - ги наведува на својата веб-страница, има многу уметници, театарџии и други културни личности, но само четворица со значење на сојузно политичко ниво: поранешниот канцелар Хелмут Шмит (1918–2015), и „зелените" политичари, Даниел Кон-Бендит (79), Јошка Фишер (76) и Роберт Хабек. Понекогаш, како што изгледа, изборот на издавач може да одразува и некаква идеолошка определба.

Изборот на место за промоција може да има слична симболика: „Германскиот театар“ (Deutsches Theater) е совршен за презентација на книгата на Ангела Меркел. За време на Берлинскиот ѕид, Меркел живеела на само неколку минути пешачење од таму, на Мариенштрасе, во близина на тогашната линија на поделба помеѓу Истокот и Западот. „Германскиот театар“ е веројатно најважната сцена за сериозниот театар  во Берлин,  а тука често доаѓаат Меркел и нејзиниот сопруг Јоахим Зауер.

Меѓу извадоците од книгата што „Цајт“ однапред ги цитираше, се наоѓа и едно сеќавање од нејзиното детство: Меркел пишува дека како девојче со родителите одела во театар еднаш годишно во Берлин, вклучувајќи го и „Германскиот театар“. Како што наведува, „тоа секогаш ќе ѝ остане во сеќавање“.

Сега барем за една вечер ќе биде главна ѕвезда токму на таа сцена. Во ансамблот на тој театар своевремено играла и Корина Харфух, една од најпочитуваните современи германски актерки. Харфух, врсничка на Ангела Меркел, родена во Тирингија, е наратор на аудио изданието на книгата „Слобода“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми