На Денот на германското обединување, 3 октомври, канцеларот Фридрих Мерц повика на нов дух на оптимизам и заеднички напор од сите, за Германија да може да се докаже во светот што се менува.
Канцеларот Мерц бара од граѓаните да се осмелат на нов почетокФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance
Реклама
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во својот говор по повод Денот на германското обединување, побара од граѓаните да се насочат кон нов почеток. „По 35 години германско единство и во тежок период за нашата земја, треба да се прегрупираме и да гледаме напред со самодоверба и енергија“, рече канцеларот на централниот собир по повод Денот на обединувањето што се одржа во Сарбрикен. „Да вложиме заеднички напор за ново единство во нашата земја“, побара Мерц.
Луѓето, според него, треба се осмелат на промени и да не дозволат да бидат парализирани од страв. „Да се осмелиме на нов почеток“, побара Мерц: „Да се потсетиме на самодовербата со која нашите источногермански сонародници се осмелија да се впуштат во својот нов почеток пред 35 години“. Позитивниот дух може да ослободи сила, додека „песимизмот и кукањето“ трошат енергија, рече канцеларот.
Реклама
„Одлучувачки момент“
Во својот говор, Мерц накратко се осврна на храброста на луѓето во ГДР за време на мирната револуција од 1989 година и обединувањето на Германија на 3 октомври 1990 година. Канцеларот рече дека во текот на изминатите 35 години имало многу дискусии за „меѓусебните недоразбирања“ и можностите за избегнување на грешките. Сепак, тој е меѓу оние кои фундаментално го сметаат германското обединување за успех. На ова се гледа „со благодарност“ и во странство, рече Мерц.
Поголемиот дел од својот говор канцеларот го посвети на фундаментални прашања. „Есента 2025 година ја доживуваме како одлучувачки момент за нашата земја“, рече тој: „Нашата нација е во важна, можеби одлучувачка фаза во својата модерна историја“. Мерц потсети на новите сојузи меѓу автократиите, дигиталната револуција и новата глобална економија со царински бариери и егоизам. „Многу работи мора да се променат“, нагласи тој.
Канцеларот го повтори својот повик за реформи: „Многу работи мора да се променат ако сакаме многу работи да останат добри или дури и да се подобрат, како што беше досега во нашата земја“. Оваа димензија, според него, мора да ја разберат сите. „Сите сме Германци“, рече Мерц. Германија сака да остане демократска, уставна, економски силна и социјално одговорна, како и европска земја.
Тој го дефинираше проширувањето на одбраната како задача и го комбинираше со апел за преземање одговорност и доброволно пријавување за воена служба. Мерц, исто така, ги повтори целите за враќање на економската сила со најнова технологија, намалување на владиното „покровителство“ и реформирање на социјалната држава за да им се помогне на оние на кои навистина им е потребна помош.
Берлин пред и по повторното обединување на Германија
Денеска кога Германија слави 34 години од повторното обединување, неодминлив е погледот кон главниот град- симболот на поделена Германија. Фото-прошетка низ Берлин: некогаш и сега.
Бранденбуршката порта
Бранденбуршката порта е една од најпознатите знаменитости на Берлин. Изградена во 1791 година, таа подоцна за време на поделбата на Германија, ја маркираше границата меѓу источен и западен Берлин. Таа се наоѓаше непосредно зад граничната линија во источниот дел на градот и беше затворена за посетители до есента 1989 година. Оттогаш плоштадот пред неа е полн со посетители.
Злогласниот затвор Хоеншенхаузен
Хоеншенхаузен служеше како централен истражен затвор на Германската Демократска Република до 1989 година. Тука беа затворани политичките затвореници кои се соочуваа со психолошка и физичка тортура. Тајниот затворски комплекс дури не се појавуваше на ниту една карта. По повторното обединување, Хоеншенхаузен конечно беше затворен и претворен во спомен-куќа отворена за посетители.
Берлинскиот ѕид
28 години, Берлинскиот ѕид го делеше градот на исток и запад. Многу луѓе загинаа обидувајќи се да пребегаат преку строго чуваните ѕидови долги 155 километри - точниот број на жртви не е познат. Галеријата Ист Сајд, најдолгото преостанато парче од Ѕидот, беше насликано од уметници од Германија и од странство годината кога се обедини земјата.
Од 1970 до 1991 година, колосот од црвен гранит висок 19 метри стоеше во населбата Фридрихшајн во источен Берлин. Тоа беше скапоцен камен на круната на плоштадот посветен на советскиот лидер Владимир Ленин. Но, по падот на Железната завеса, режимот падна, а статуата беше демонтирана. Денес, Плоштадот на Ленин, како што се нарекуваше некогаш, сега е Плоштад на Обединетите нации.
Од Палата на Републиката до Берлинскиот дворец
Во поранешната Германска Демократска Република, Палатата на Републиката претставуваше симбол на моќ. Откако ги отвори вратите во 1976 година, беше седиште на Народната комора и беше домаќин на различни политички конференции. Во 2006 година беше урната, бидејќи претставуваше закана поради азбестот во неа. Берлинскиот дворец во моментов е во изградба на истата локација.
Интершоповите на ГДР
„Интершоп“ беше истакнат синџир за малопродажба во ГДР, продавница во која не можеше да се плаќа со пари од ГДР, туку само со девизи. Како резултат, стоката во голема мерка беше недостапна за многу луѓе кои живееја на Исток. Првиот Интершоп се наоѓаше на станицата Фридрихштрасе во Источен Берлин (на сликата). Денес тој плоштад е популарен малопродажен центар со кафулиња и продавници за облека.
Детски игралишта
Ништо не го отсликува безгрижното детство како игралиштата. Овие метални конструкции можеле да се најдат на речиси секое игралиште во поранешниот Исток. Денес, тие обично се направени од јаже - па затоа не боли толку многу кога младите (и старите) ќе налетаат на нив додека играат. Повеќе слики од Берлин-некогаш и сега- може да се најдат на Фејсбук: #GermanyThenNow and #BerlinThenNow.
Интерхотел Метропол
13-катниот Интерхотел Метропол на улицата Фридрихштрасе беше отворен во 1977 година. Тој беше луксузен хотел, популарен меѓу деловните луѓе, дипломатите и познатите личности. Сепак, граѓаните на ГДР без можноста да плаќаат со девизи, можеа да му се восхитуваат само однадвор. Денес, луксузниот синџир на хотели Маритим се наоѓа тука и е достапен за сите посетители - се разбира, за соодветна цена.
Стоковна куќа KaДeВe
Стоковната куќа на Западот (Kaufhaus des Westens), накратко KaДeВe, е најпозната стоковна куќа во Германија. Втора по големина во Европа, по Херодс во Лондон. Луксузната продавница е отворена во 1907 година, го преживеа уништувањето за време на Втората светска војна и остана во западен Берлин во годините кога престолнината беше поделена. Денес е популарна и меѓу туристите и меѓу локалните жители.