1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака дипломатско вклучување во конфликтот со Иран

10 април 2026

Германија повторно воспоставува директен контакт со Иран, најави канцеларот Фридрих Мерц, објаснувајќи ја улогата на Берлин во мировните напори за ставање крај на конфликтот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц на вонредна прес-конференција во Берлин
Во Берлин, канцеларот Фридрих Мерц ги нарече заканите на американскиот претседател Трамп против Иран „претерани“ - по долги денови молчењеФотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Германскиот канцелар  Фридрих Мерц на вонредна прес-конференција во Берлин соопшти дека Германија има намера повторно да воспостави директен контакт со иранската влада, со цел да придонесе кон мировно решение на  војната со Иран.

Само неколку минути по почетокот на прес-конференцијата, која беше свикана во краток рок, Мерц изненади со оваа најава. Во координација со администрацијата на САД и европските партнери, Германија сака активно и по дипломатски пат да се вклучи во напорите за ставање крај на конфликтот.

„По долг период на молк, за кој постоеја сериозни причини од наша страна, како сојузна влада  одлучивме повторно да ги обновиме разговорите со Техеран“,  изјави Мерц. Тој потсети дека со години односите меѓу Германија и режимот во Техеран важеле за релативно добри, што, според него, можеби ја убедило американската администрација дека германска улога во разговорите има смисла.

Мерц: Заканата на Трамп беше „неумерена“

Канцеларот се осврна и на улогата на САД. Според Сојузната прес-служба, Мерц за време на целиот велигденски викенд бил во контакт со „сите релевантни актери“ околу ескалацијата на Блискиот Исток, вклучувајќи го и американскиот претседател  Доналд Трамп.

Сепак, до тој момент Мерц јавно не се огласуваше, особено поради изјавата на Трамп, дадена пред постигнувањето на договор за привремено примирје, во која американскиот претседател зборуваше за можноста да се „избрише цела цивилизација“ во Иран. Тој молк предизвика збунетост кај јавноста и аналитичарите.

По поздравувањето на постигнатиот прекин на огнот, Мерц изјави: „Најавата за неумерена ескалација што висеше во воздухот во последните денови засега е спречена“. Оценката дека заканата на американскиот претседател била неумерена укажува на ново ниво на затегнатост во односите меѓу Берлин и Вашингтон.

Обид за надминување на трансатлантските тензии

Подоцна, одговарајќи на новинарско прашање за впечатокот што го оставила изјавата на Трамп, Мерц додаде дека не верува оти американскиот претседател навистина сметал дека една држава како Иран може целосно да биде уништена.

Канцеларот Фридрих Мерц (лево) секогаш се стреми да одржува добри контакти со Доналд Трамп - ова ќе стане потешко во војната во ИранФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Цврсто сум убеден дека до тоа немаше да дојде. Тоа беше дел од неговата стратегија во односите со Иран“, рече Мерц, со што очигледно се обиде да ја намали политичката штета и да изгради мост во трансатлантските односи.

Остра критика кон Израел поради нападите во Либан

Додека меѓу Иран и САД владее  кревко примирје, Израел продолжува со воените напади врз цели во Либан. Германскиот канцелар изрази сериозна загриженост поради тоа.

„Интензитетот со кој Израел води војна таму може да го загрози целиот мировен процес. Тоа не смее да се случи“, изјави Мерц.

Тој потсети дека уште во средата по Велигден испратил кратка писмена изјава по електронска пошта, во која позитивно ја оцени првичната согласност за прекин на огнот меѓу САД и Иран. Германија, според него, ќе придонесе „на соодветен начин“ за обезбедување на слободната пловидба низ Ормускиот Теснец, без да навлезе во детали.

Германско вклучување само со меѓународен мандат

На прес-конференцијата во четвртокот, Мерц беше нешто поконкретен. Тој потврди дека во телефонски разговор со претседателот Трамп повторно изразил подготвеност Германија да помогне по постигнувањето мировен договор, на пример преку  обезбедување безбедна пловидба низ Ормускиот Теснец.

Сепак, канцеларот нагласи дека за Берлин тоа може да се случи само со јасен меѓународен мандат, по можност од Советот за безбедност на Обединетите нации. Дополнително, за такво учество би бил неопходен и формален мандат од германскиот Бундестаг.

Итна средба за високите цени на енергентите

Уште пред настапот на Мерц, дел од германските медиуми објавија дека канцеларот одржал кризна средба со министерката за економија Катарина Рајхе (ЦДУ) и заменик-канцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл (СПД). Темата биле драстично зголемените цени на горивата како последица од војната со Иран.

Мерц и Рајхе се залагаат за зголемување на даночната паушала за луѓето кои патуваат до своето работно место, мерка која би им донела олеснување на граѓаните дури наредната година. Клингбајл, пак, предлага воведување горна граница за цените на горивата, по примерот на Белгија, како и таканаречен данок на екстра-профит за нафтените компании, каков што беше воведен краткорочно и по руската инвазија на Украина во 2022 година. Овие предлози Мерц и Рајхе категорично ги отфрлаат.

Канцеларот ги подготвува граѓаните за долготрајно високи цени

Говорејќи за можните мерки, Мерц изјави дека сè уште не е донесена конечна одлука. „Ние ги штитиме граѓаните и компаниите во Германија, но не можеме да ги заштитиме од сите потреси на глобалните пазари“, рече канцеларот.

Пораката е јасна: германските граѓани ќе мора да се подготват дека високите трошоци за енергија ќе потраат уште извесно време.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми