И покрај разликите-Мерц и Ердоган се за поблиско партнерство
31 октомври 2025
Кога Берлин минатата недела го отвори патот за испорака на 20 борбени авиони „Еврофајтер Тајфун“ за Турција, новиот курс беше јасен: канцеларот Фридрих Мерц се залага за реалполитика што далеку ја надминува онаа на неговите претходници, Ангела Меркел и Олаф Шолц.
„Да го искористиме огромниот потенцијал на овие односи“, изјави Мерц за медиумите по состанокот во Анкара, објаснувајќи: „Во геополитички времиња, каде што големите сили ја обликуваат политиката, Германија и Европа мора да ги прошират своите стратешки партнерства“. Притоа, нема начин да се избегне Турција, вели Мерц.
Особено сега, кога некои конфликти на прагот на Европа се закануваат да ескалираат, германската влада очигледно пробува нов пристап кон тешките партнери.
Критики по посетата
Турција се смета за таков тежок партнер. Берлин и Европа во моментов можат само да гледаат како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги користи сите средства, вклучително и недемократските, за да ги потисне своите политички противници со цел да ја консолидира својата моќ. Затоа, коментарите на Мерц предизвикаа и критики во Германија.
Неговата изразена реалполитика кон Анкара не им се допадна на некои политичари. Претседателот на германско-турската парламентарна група, Сердар Јуксел, го обвини Мерц дека ѝ ветува на Турција поблиски врски со ЕУ, но „не кажал ниту збор за политички затвореници, за ограничена слобода на печатот или за демократски опозициски личности како Екрем Имамоглу“. Ова испраќа погрешен сигнал, смета политичарот од СПД.
Мерц за време на прес-конференцијата навистина не го спомена опозиционерот и политички ривал, кој е затворен со месеци. Кога беше прашан од новинар за условите за пристапување во ЕУ и во овој контекст, Мерц одговори: „Ја изразив мојата загриженост дека независноста на судството не ги исполнува нашите очекувања“, рече Мерц.
Реалполитиката води кон промена на мислењето
Германската влада, во светлина на внатрешнополитичките цели, е решена да ја прошири соработката со Турција, особено за прашања како што се миграцијата и враќањето бегалци. Турција ги контролира главните миграциски рути во Европа - Мерц и неговите министри тоа го гледаат како голема шанса.
Дали планот на германската влада ќе успее и дали Анкара навистина ќе биде подготвена за значително поголем обем на враќање на бегалци, останува да се види. Во секој случај, јавно се достапни само малку конкретни информации. За наредните месеци се планирани натамошни состаноци на министерско ниво.
Фридрих Мерц правеше видливи напори за позитивна атмосфера за време на неговото патување во Анкара. Турција беше првата земја надвор од ЕУ и САД што тој ја посети - и ова требаше да биде посебен гест, како и вклучувањето на неговата сопруга, Шарлот Мерц, на патувањето.
Добрата волја во билатералните односи беше јасно очигледна и во тонот на дискусиите. По години германска неподготвеност во врска со членството на Турција во ЕУ, новиот канцелар барем зборуваше за поблиски врски меѓу Турција и Европа. „Сакаме и натаму да го трасираме патот кон Европа“, рече Мерц, кој тоа сепак го поврза со одредени критериуми - имено демократија и владеење на правото. Од перспектива на Анкара, ова беше голем чекор напред, кој Ердоган може првенствено да го искористи за внатрешнополитички цели.
Турција како посредник
Друга причина зошто Мерц е толку заинтересиран за поблиски односи е улогата на Турција во меѓународните конфликти. Особено во Газа, нејзиното вешто посредување со Хамас и нејзината поддршка за мировниот процес се гледаат позитивно. Берлин во тоа гледа шанса за реализација и на сопствените интереси.
Турскиот претседател одржува добри односи со Москва и Киев, се согласува добро со Доналд Трамп и има добри врски со Хамас и новото раководство во Дамаск. Покрај тоа, Анкара на Блискиот Исток следи иста политичка цел како и Германија: решението за две држави.
Фридрих Мерц сакаше во Турција конструктивно да го искористи овој заеднички именител. Но, по прашањето на Газа, неговите и ставовите на Ердоган за регионот отворено се судрија.
Жестока размена на мислења
Додека Мерц јасно застана на страната на Израел, Ердоган повторно ја обвини таа земја за „геноцид“. Ердоган постојано му противречеше на канцеларот и го обвини Израел за ситуацијата во Газа. Потоа Мерц ја повика Турција да „го принуди Хамас сега да влезе и во втората фаза од овој договор“.
Дали турското влијание навистина е доволно за да се постигне разоружување на исламистичкиот Хамас, останува нејасно. Истото важи и за прашањето за меѓународна мисија на војници за обезбедување мир во Газа. Турција и неколку арапски земји се подготвени, но тие како услов бараат мандат на ОН - што Израел го отфрла.
Сѐ додека не е можно спроведување на мировниот план, далечна перспектива останува уште една од аспирациите на Берлин - еден ден да учествува во реконструкцијата на Појасот Газа.
Направен е барем обид
Надвор од меѓународните конфликти, на дневен ред беа и голем број економски проекти. Тие вклучуваа зголемена соработка во одбранбената индустрија, како и во транспортните и инфраструктурните проекти. За Ердоган е клучно Турција, како земја-членка на НАТО, да има полесен пристап до европско оружје, борбени авиони и друга воена опрема.
Во Германија живеат околу три милиони луѓе од турско потекло. Германија е најважниот трговски партнер на Турција и најголем инвеститор. Трговскиот обем моментално изнесува приближно 55 милијарди евра и продолжува да расте секоја година. Затоа, визното олеснување за претставниците на бизнисот беше исто така високо на дневен ред.
Денес е тешко да се каже дефинитивно што ќе остане од првата посета на Фридрих Мерц на Анкара. Дали ќе означи нов почеток или ќе остане запишано во историјата како грешка? Со оглед на многуте кревки состојби на маргините на Европа, тоа беше барем сериозен обид. Особено затоа што во моментов недостасуваат ветувачки алтернативи.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик