1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц критикуван поради изјавите за насилството и миграцијата

27 март 2026

Канцеларот Мерц прави врска помеѓу насилството врз жени и миграцијата. Дали тој ги засилува предрасудите? Експертите предупредуваат на опасноста од сомнителни генерализации.

Германија Дрезден 2025 | Полициски истраги по наводен напад со нож на Винер Плац
Дали постои врска помеѓу зголемениот насилнички криминал и имиграцијата? Канцеларот Фридрих Мерц го разбуди ваков впечаток во Бундестагот во својот одговор на прашање за насилството врз женитеФотографија: Lucas Friedenhain/xcitepress/dpa/picture alliance

„Има експлодирачко насилство во нашето општество и во аналогната и во дигиталната сфера“, се пожали канцеларот Фридрих Мерц во средата (25.03) во германскиот Бундестаг. Тој додаде: „Мора да се разговара и за причините и за тоа од каде потекнува таквото насилство. А, потоа мора да се осврнеме и на тоа дека значаен дел од ваквото насилство доаѓа од групи на имигранти во Сојузна Република Германија.“

„Ова насилство не е доселено“

Врската што германскиот канцелар ја инсинуира меѓу насилничкиот криминал и доселувањето предизвика огорченост кај опозицијата во Бундестагот. Особено затоа што неговата контроверзна изјава беше одговор на прашање за сексуализирано насилство врз жени.

„Ова насилство не е доселено, тоа отсекогаш постоело – сите жени во оваа земја го знаат тоа“, рече пратеничката од Левица, Клара Бингер во четвртокот, за време на дебата за казнивоста на сликовно засновано сексуализирано насилство.

Врската што германскиот канцелар Мерц ја инсинуира меѓу насилничкиот криминал и доселувањето предизвика огорченост кај опозицијата во БундестаготФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

И Турската заедница во Германија (ТГД) остро го критикуваше Мерц. „Со своите изјави господин Мерц покажа дека нему не му е до заштита на жените, туку до политичка инструментализација“, изјави претседателката на ТГД, Мехтап Чаглар, за германската агенција ДПА.

„Оној кој што го тематизира насилството само тогаш кога може да го припише на мигранти, ја остава на цедило секоја жена во Германија на која ѝ е потребна заштита од патријархално насилство – без разлика од каде доаѓа сторителот.“

Повеќе осомничени не-Германци

Чисто статистички гледано, Мерц има поента, како што покажува и Полициската статистика за криминал (ПКС) за 2024 година. Според неа, бројот на лица не-Германци осомничени за насилнички дела се зголемил за 7,5 проценти, додека кај осомничените Германци речиси стагнирал. Оваа статистика е стара една година. Актуелни податоци Сојузната криминалистичка служба (БКА) ќе објави на средината на април, дознава ДВ.

Независно од развојот во изминатите дванаесет месеци, вреди да се потсетиме како претседателот на БКА, Холгер Минх, ги интерпретираше податоците за насилничките дела: „Не се работи за потеклото, туку за натрупаноста на ризик-факторите.“

Како шефот на БКА го објаснува насилничкиот криминалитет

Тој укажа на честопати мизерните услови за живот на бегалците, кои често мора да живеат во колективни сместувалишта и не смеат да работат. Минх ги наведе, според него, клучните причини за поголема криминалност кај странците: „Тоа се психички оптоварувања. Тоа се искуства со насилство кои кај доселениците се појавуваат почесто, особено во детството. И почести се позитивните ставови кон насилството.“

„Не се работи за потеклото, туку за натрупаноста на ризик-факторите“, вели шефот на BKA, Холгер Минх, во врска со растечкиот насилнички криминалФотографија: Hans Pfeifer/DW

Вкупно биле регистрирани 217.000 случаи на насилнички криминалитет. Под тоа се подразбираат многу различни дела: убиство и силување, но и тешки случаи на грабеж и телесни повреди. Во Германија политички дебати предизвикуваат особено нападите со нож во случаи кога осомничените немаат германски пасош. Тогаш неминовно се поставува и прашањето дали повеќе миграција и доселување водат до повеќе криминал?

Збунувачки поим: „криминалитет на странци“

Од научна гледна точка одамна е јасно дека поимот „криминалитет на странци“ води кон заблуда и може да ги засили предрасудите. Сузан Претор од Полициската академија во Долна Саксонија со години истражува на оваа тема. За своите сознанија таа зборуваше во 2025 година на прес-конференција на новинарскиот сервис специјализиран за теми поврзани со миграцијата и интеграцијата, Медиендинст Интеграција.

Нејзиниот заклучок за причините за раст на насилничката криминалност се совпаѓа со оценката што ја даде шефот на БКА, Минх: „На крајот не е државјанството, не е потеклото, туку условите под кои луѓето живеат во Германија.“

Oвој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Марсел Фирстенау Писател и новинар од Берлин кој известува за политички и општествени теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми