Мерц нацист? Тензии меѓу Германија и Израел
16 април 2026
Се чинеше дека ќе биде рутински разговор на почетокот на неделата, кога германскиот канцелар Фридрих Мерц телефонски се слушна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Потоа портпаролот на Мерц, Штефан Корнелиус преку електронска пошта ја сподели информацијата со јавноста. Последните две реченици гласеа дека „за време на разговорот, канцеларот изрази длабока загриженост заради развојот на настаните на палестинските територии. Де факто анексија на Западниот Брег не смее да се случи.“ На платформата X зборовите на канцеларот беа објавени на германски и на англиски јазик. „Јасно ставив до знаење: не смее да има де факто анексија на Западниот Брег“, се вели во објавата.
Ништо од ова не е ново. По телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери кон средината на месец јули 2025 година, беше наведено дека „канцеларот нагласи оти не смее да се преземат чекори во правец на анексија на Западниот Брег.“ И во тој случај германската страна јасно стави до знаење дека е категорично против еднострано дејствување од страна на Израел. Берлин се придржува кон решението за две држави меѓу Израелците и Палестинците. Израелската политика таквото решение за две држави го отфрли долго пред терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година.
„Нема повторно да нè присилат назад во гета“
Овој пат на германското предупредување следуваше вербална ескалација. Министерот за финансии Безалел Смотрих остро го напаѓа Мерц. „Господине канцелар, времињата во кои Германците им диктираа на Евреите каде смеат да живеат, а каде не, се минато и нема да се вратат. Нема повторно да нѐ присилувате во гета, а уште помалку во нашата земја“, пишува 46-годишниот министер во врска со објавата на германскиот канцелар на платформата X. Смотрих, внук на преживеан од Холокаустот, е еден од неколку десно екстремни политичари во кабинетот на Нетанјаху. Тој е роден на Голанската Висорамнина окупирана од страна на Израел, а која е дел од Сирија, и сега живее на Западниот Брег окупиран од Израел. Тој постојано паѓа во очи со расистички, ксенофобични и хомофобични изјави. Тој повремено и демонстративно му контрира на израелскиот Врховен суд.
На парламентарните избори во Израелз а шест месеци, Смотрих сака да се натпреварува против Нетанјаху. Смотрих забелешките за Мерц ги даде во вторникот, 14 април, кога во Израел се одбележувашр Јом Хашоа, Денот за сеќавање на Холокаустот и на шесте милиони Евреи убиени од нацистичка Германија. На тој ден животот во Израел замира за неколку минути. Преживеаните се во фокусот на комеморациите, што исто така е дел од контекстот во кој Смотрих го напаѓа канцеларот и зборува за гета. Неговата објава завршува со зборовите „Народот на Израел живее“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху до сега не го коментираше таквиот напад врз друг шеф на влада. Само амбасадорот на Израел во Германија, Рон Просор, зазеде став. Мерц е „голем пријател на Израел“, нагласи дипломатот на израелската телевизија Кан.
Израелскиот амбасадор во Берлин: „Нештата се сосема искривени“
„Можно е и сосема легитимно да се расправа со Германците - особено на овој многу емотивен ден“, истакна амбасадорот, но изјави како оние на Смотрих биле „токму она што го поткопува сеќавањето на Холокаустот и целосно ги искривува фактите“. Со други зборови, Просор, кој и лично често ги напаѓа критичарите на политиките на Израел во германските дебати, го обвинува израелскиот министер за инструментализирање на масовното убиство на Евреите. Мерц пак се соочува со значителна меѓународна критика бидејќи не зазема став во однос на потерницата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) против Нетанјаху. Нетанјаху, доколку дојде во Германија, би требало да биде уапсен и екстрадиран во Хаг.
Овој напад без преседан од страна на израелски министер врз канцеларот има своја предисторија. Слична конфронтација се случи пред нешто повеќе од три недели кога израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар остро реагираше на објавата на X на германскиот амбасадор Штефен Зајберт. Дипломатот претходно спомена, меѓу другото, насилство од доселениците врз палестинските селани на Западниот Брег (кој беше окупиран од Израел во 1967 година).
Зајберт, чиј мандат во Тел Авив истекува летово, не е типичен критичар на израелската политика. За поранешниот портпарол на германската канцеларка Ангела Меркел, функцијата во Израел се чинеше како нешто што му лежи на срце. Тој научи хебрејски и жестоко се залагаше за ослободување на заложниците киднапирани од терористите на Хамас во Појасот Газа.
Тоа што се случува на платформата X не е само пример за прегревање на т.н. социјални медиуми, туку покажува и растечко отуѓување меѓу Германија и Израел кое почна многу пред 7 октомври 2023 година. Прв пример за тоа се германско-израелските владини консултации кои започнаа во 2008 година. Канцеларката Меркел претходно се обрати пред Кнесетот, израелскиот парламент, како прв германски канцелар што имал таква можност. Таа зборуваше на германски јазик. Некои пратеници ја напуштија салата. Во тоа време лидер на опозицијата, Нетанјаху критикуваше што дошло до настап на Меркел. Форматот на владините консултации, во кои учествуваат шефовите на влади и сите министри, се смета за израз на многу интензивна соработка. Германија таков формат негува со околу десетина земји. Но, седмите и до денес последни германско-израелски владини консултации се одржаа во 2018 година, односно веќе осум години наназад немало таква средба. Последната таква голема средба лежи само со Русија и Турција во уште подалечно минато.
Вториот пример датира од октомври 2025 година, кога Мерц се дистанцираше од концептот на „државен резон“, кој од германска перспектива се користеше најдоцна од изјавата на Меркел во 2008 година. За тогашната канцеларка пред сѐ се мислеше на „посебната политичка одговорност“ за безбедноста на Израел. Мерц за весникот „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ изјави дека „од секогаш имал проблеми со овој термин бидејќи никогаш не биле дефинирани целокупните импликации“. Од тогаш, прашањето како Германија ја конкретизира нејзината одговорност спрема Израел подолго време е предмет на дискусии. Критиките за природата и начинот на кој Израел ја води војната во Газа и дебатата за германскиот извоз на оружје во Израел беа составен дел од оваа дискусија, додека (прилично теориското) прашање за германското учество во меѓународните мировни сили за Појасот Газа, не беше.
Трет пример е тоа што Израел и Германија одамна се согласија дека не се согласуваат по прашањето за решение за две држави меѓу Израелците и Палестинците. Портпароли на германското Министерство за надворешни работи постојано ги карактеризираат новите израелски проекти за населување на Западниот Брег како кршење на меѓународното право. Израелската влада отфрла државност за Палестинците, а со постојаното проширување на населбите можностите за палестинска држава сè повеќе и повеќе се намалуваат. Обединетите нации исто така ги сметаат контроверзните израелски населби за главна пречка за постигнување мировен договор. Во напади врз палестински села, радикални израелски доселеници во повеќе наврати убиваа палестински цивили. Германскиот канцелар ја изрази својата загриженост во овој контекст, а потоа беше нападнат од страна на израелскиот министер за финансии. Британскиот весник „Гардијан“ по нападот од Смотрих ја цитира експертката за Израел од Меѓународната кризна група, невладина организација со седиште во Брисел. Мајрав Зоншајн на платформата X наведува дека израелската влада повеќекратно ја напаѓа Германија „затоа што таа се повикува на основните човекови права на Палестинците“. Таа понатаму наведува дека „тие го прават тоа дури и со ризик од отуѓување од својот најсилен европски сојузник“.
Зоншајн ја повика германската влада да го преиспита својот став спрема владата на Нетанјаху.