1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц: Нарушувањето на литванскиот воздушен простор е намерно

ЕМФ | агенции
24 октомври 2025

Два руски воени авиони вчера го нарушиле литванскиот воздушен простор, соопшти литванската армија. Германскиот канцелар Мерц оценува дека тоа е намерна провокација.

Авион СУ-30 на руската армија
Руски авион СУ-30: Литванија тврди дека авион од таков тип го нарушил нејзиниот воздушен просторФотографија: Alexander Strela/Zoonar/picture alliance

По нарушувањето на воздушниот простор на Литванија, германскиот канцелар Фридрих Мерц оценува дека станува збор за намерна провокација од страна на Русија. „Ова е уште едно сериозно нарушување на воздушниот простор, кое не се случува случајно на денешниот ден“, изјави Мерц по самитот на ЕУ во Брисел. Тој додаде дека Русија со тоа ја провоцира целата Европска Унија.

На самитот на ЕУ, шефовите на држави или влади разговараа за натамошна поддршка за Украина. Непосредно пред тоа, беше усвоен и нов пакет санкции против Москва.

Според литванската армија, два руски воени авиони вчеравечер (23.10) влегле во воздушниот простор на балтичката земја членка на ЕУ и НАТО. Воздухопловните сили, како што се вели во Вилнус, откриле нарушување на државната граница во близина на Кибартај од страна на руски авион СУ-30 и авион танкер ИЛ-78 околу 18:00 часот по локално време.

Москва ги отфрла обвинувањата

Германскиот канцелар Мерц рече дека на инцидентот ќе се реагира „одмерено, како во последните недели“.

Поради неодамнешните нарушувања на воздушниот простор од страна на руски борбени авиони и камикази дронови, НАТО во септември ја започна операцијата „Источна стража“, првенствено насочена кон мобилизирање на дополнителни капацитети за надзор и воздушна одбрана.

Министерството за одбрана во Москва го отфрли извештајот на Литванците и објави преку Телеграм дека борбените авиони СУ-30 извршиле закажани летови за обука над руската енклава Калининград. Не се прекршени граници на други држави, се вели од Москва и се додава дека тоа го потврдиле „средствата за објективна контрола“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми