Мерц во Кина: Знаци на нов светски поредок
24 февруари 2026
Посетата на германскиот канцелар Фридрих Мерц во Кина, прилично доцна по неговото стапување на функцијата, носи голема тежина – и геополитички и економски. Во време кога САД ја губат својата традиционална улога на стабилен партнер, Берлин бара нови глобални сојузништва.
На отворањето на Минхенската безбедносна конференција, Мерц предупреди на драматични промени во светскиот поредок. „Во ерата на големите сили, нашата слобода повеќе не е разбирлива сама по себе – таа е загрозена", рече тој, посочувајќи ја и Кина, која според него бара глобална политичка и воена рамноправност со САД. Во исто време, канцеларот предупреди дека Вашингтон веќе не е сигурен партнер.
Таквиот вакуум го искористи кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој во Минхен понуди токму она што Берлин смета дека недостига од САД под Доналд Трамп: мултилатерализам, поредок заснован на правила и слободна трговија. Мерц оцени дека тоа претставува можност и најави разговори за „стратегиски партнерства" во Пекинг.
Променет економски однос: стариот модел не важи повеќе
Германија и Кина имаат годишна трговска размена од над 250 милијарди евра, што ја прави Кина најголем германски трговски партнер. Но балансот е драстично нарушен. Германскиот трговски дефицит кон Кина достигна рекордни 90 милијарди евра во 2025 година, со раст од 30 милијарди за само една година.
Мерц предупреди на „развоен јаз" со Кина и потреба Германија да стане поконкурентна. Автомобилската индустрија – долго време германски адут – веќе не успева да го задржи приматот на кинескиот пазар. Преодот кон електрични возила ги стави германските производители во неповолна позиција: нивните електромобили се прескапи за кинеските потрошувачи, додека Кина масовно извезува евтини модели во Европа.
„Премногу долго се потпиравме на старите успеси", вели експертот за Кина, Еберхард Сандшнајдер. „Германците се гордееја дека прават автомобили, не ‘возечки мобилни телефони'. Но токму тоа го прават Кинезите – и победуваат." Тој додава дека Кина веќе е „технолошка сила", а Германија ќе се бори да ја стигне.
Критични зависности и геополитички ризици
Намалувањето на зависноста од Кина беше приоритет и на претходната германска влада. Кина држи речиси монопол над ретките минерали – клучни за производство на електричните автомобили – а кинеските извозни ограничувања веќе предизвикаа привремени стопирања на германското производство во 2025 година.
Покрај економските ризици, експертите предупредуваат и на безбедносни опасности: кинески пристап до податоци преку телекомуникациски мрежи, како и растечката геополитичка агресивност во Пацификот. Американскиот државен секретар Марко Рубио повика Европа да ѝ се приклучи на САД против кинеското влијание. Сандшнајдер предупредува на создавање нов биполарен свет, во кој Германија би била присилена да избира меѓу САД и Кина.
Предизвици на дипломатски терен
Мерц планираше во Пекинг да го повика претседателот Ши Џинпинг да ја прекине поддршката за Русија во војната против Украина – чекор што експертите го сметаат за нереален. „Кина нема интерес Русија да загуби", вели Сандшнајдер. „Мерц нема да го промени ставот на Ши, особено затоа што доаѓа многу доцна."
Тоа задоцнување е двојно: прво, Мерц доаѓа во Кина повеќе месеци по стапувањето на функцијата; второ, многу други западни лидери, меѓу кои Макрон, Стармер и Карни, веќе беа таму. Сите со истата цел – да обезбедат нов економски простор, ограничен од заострената политика на САД.
Посетата беше планирана за октомври, но дипломатски недоразбирања ја одложија. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул ја критикуваше Кина за агресија во Пацификот и следуваше студен прием во Пекинг. Одложувањето на посетата остави трага која сега Мерц мора да ја надмине.
И самиот Мерц неодамна ја критикуваше кинеската политика во Тајван: „Кина агресивно гради бази во Јужното Кинеско Море, го опкружува Тајван и отворено зборува за можноста за присилно обединување." Таквите изјави, дадени само денови пред патувањето, може дополнително да го оптоварат разговорот со кинеското раководство.
Се очекува внимателна дипломатска игра – во која секој збор ќе има тежина.