1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц бара рамноправен дијалог со Трамп

3 март 2026

Германскиот канцелар во Вашингтон пристигнува во момент кога доминира распламтената војна на Блискиот Исток по нападите на САД и на Израел врз Иран. Тоа несомнено ќе ги турне во заднина останатите важни теми на агендата.

Фридрих Мерц и Доналд Трамп - фотографија од  2025 година
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во посета кај американскиот претседател Доналд Трамп - фотографија од нивната средба во 2025 годинаФотографија: Celal Gunes/Anadolu Agency/IMAGO

Германскиот канцелар  Фридрих Мерц  (ЦДУ) последните недели вложуваше напор да го коригира впечатокот дека е пред сè „надворешнополитички канцелар“. Забележливо повеќе се фокусираше на внатрешната политика, што беше значајно и во контекст на неговиот реизбор како претседател на конзервативната партија – што успешно се случи минатиот викенд. Но веднаш потоа, Мерц повторно се врати во улогата на активен светски дипломат.

Со посетата на Кина,  речиси цела недела ја посвети на зајакнување на односите со кинеското раководство, нешто што внимателно се следеше и во Вашингтон.

Прва станица на турнејата низ големите сили: Фридрих Мерц и кинескиот премиер Ли Кијанг во ПекингФотографија: Michael Kappeler/REUTERS

Токму таму, кај американскиот претседател  Доналд Трамп, Мерц  во посета ќе остане до среда. Овојпат германскиот канцелар има намера да настапи поофанзивно и  да разговара со Трамп „на рамноправно ниво“.

Во САД пристигнува во период кога доминира распламтената војна на Блискиот Исток по нападите на САД и на Израел врз Иран. Ова несомнено ќе ги турне во заднина сите други теми кои беа најгорливи пред ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Надеж за промена на царинската политика

Минатата недела Трамп претрпе значаен пораз кога Врховниот суд на САД ја ограничи неговата агресивна царинска политика кон  Германија и Европската унија. Мерц тоа го коментираше веднаш по завршувањето на конгресот на ЦДУ во Штутгарт, нагласувајќи:

„Интересна одлука, која многумина ја очекуваа – Врховниот суд ѝ постави граници на владата во Вашингтон.“

Сепак, клучните и спорни прашања остануваат. Врховниот суд се изјасни само за општиот царински систем, но не и за специфичните секторски давачки. Американската влада веќе воведе нови 10% царини за повеќето земји врз друга правна основа и најавува можни стапки до 15%.

Царинската политика на американскиот претседател веројатно ќе биде најспорното прашање на патувањето на германскиот канцелар во ВашингтонФотографија: agrarmotive/IMAGO

Поради тоа, трговските односи ќе бидат една од главните теми во разговорите Мерц–Трамп. Како што потврди владиниот портпарол Штефан Корнелиус, „времето можеби е поволно за разговор со усогласена позиција на Европската Унија“.

Пофреквентен и поофанзивен настап на Мерц

Минатата година, по стапувањето на функцијата во мај, Мерц беше претпазлив во односите со Трамп и како успех го сметаше тоа што првата посета на Белата куќа помина хармонично. Подоцна активно лобираше за Украина заедно со други европски лидери.

Почетокот на 2026 година покажа дека поофанзивниот пристап кон Трамп понекогаш дава резултат.

Гренланд - пример за успешен притисок

Кога Трамп изрази желба САД да го купат Гренланд од Данска, тоналитетот на Европа се смени. Германија и другите членки на НАТО му дадоа  јасна поддршка на Копенхаген и на жителите на Гренланд. Под тој притисок, Трамп привремено го тргна прашањето од агендата.

Слична реакција уследи кога американскиот претседател го омаловажи учеството на германските војници во Авганистан. Мерц од говорницата во Бундестагот му одговори:

„Нема да дозволиме да се потценува или навредува ангажманот што го дадовме и во интерес на нашиот сојузник –  Соединетите Американски Држави.“

Украина – драматична состојба и неизвесни перспективи

Останува крајно неизвесно дали Украина ќе може да постигне барем привремен мир. Дури и претседателот Володимир Зеленски  признава дека земјата би морала барем привремено да се откаже од делови од територијата ако сака целосно запирање на огнот. Но категорично одбива да отстапи области што Русија сè уште ги нема окупирано.

Мерц во Вашингтон сигурно ќе ја нагласи важноста на поддршката за Украина.  Руската инвазија трае полни четири години, но не е извесно дали Трамп ќе биде подготвен да го слушне неговиот апел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми