Мерц се сомнева дека зад инцидентите со дронови стои Русија
6 октомври 2025
Канцеларот Фридрих Мерц смета дека зголемениот број инциденти со дронови во Германија претставува „сериозна закана за нашата безбедност“. Покрај аеродромот во Минхен, во последните денови биле погодени и Франкфурт и Копенхаген, рече Мерц за време на интервјуто за германската ТВ станица АРД. „Наша претпоставка е дека Русија стои зад повеќето од овие инциденти со дронови“, рече тој, додавајќи дека таа закана доаѓа „од оние кои сакаат да нè тестираат“.
Неодамна се забележани летови на дронови над безбедносно критични објекти во неколку земји на Европската Унија и НАТО. Русија, пак, ги негираше наводите за такви активности. На аеродромот во Минхен во повеќе наврати дојде до прекин на авионскиот сообраќај поради појава на дронови. Досега не се потврдени медиумските извештаи дека дроновите биле користени за воени цели.
Досега немало инциденти со вооружени дронови
Мерц рече дека „масовноста“ на инцидентите со дронови во последните недели е нешто сосема ново. За среќа, досега немало „ниту еден инцидент или операција со вооружен дрон“. Тој изјави дека тоа се „обиди за шпионирање“ и „обиди за вознемирување на населението“.
Одбраната од дронови во Германија е во зоната на одговорност на полицијата. Сепак, според Мерц, полицијата сè уште не е доволно опремена за такви интервенции. Дроновите во Германија, исто така, треба да може да ги соборува и Бундесверот (германската армија), доколку е потребно. Сојузната влада затоа планира оваа недела да иницира измена на Законот за сојузна полиција. Ќе биде ревидиран и Законот за сојузна безбедност во авијацијата со цел да се разјаснат одговорностите на Бундесверот во одбраната од дронови.
Мерц: Русија сака да го уништи повоениот поредок
Канцеларот Мерц за време на гостувањето во емисијата на АРД се изјасни и за брза набавка на системи за одбрана од дронови. „Во светот постојат технологии кои овозможуваат одбрана од тој вид – и тие ни се потребни.“
Мерц предупреди на заканата што Русија ја претставува за Европа. „Русија сака да го уништи целиот повоен политички поредок, а ние сега мораме да се браниме од тоа, и тоа го правиме“, рече германскиот канцелар.
Кога станува збор за помошта за Украина, тука секогаш се работи и за „одвраќање на Русија од напаѓање на други земји во Европа“, рече тој. „Тоа наскоро би можело да ја погоди Молдавија, но и балтичките држави, како и Полска“, предупреди Мерц. „Ние мораме да го направиме НАТО толку силен за Русија да биде заплашена.“