1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц: Нема преговори за суверенитетот на Украина

24 ноември 2025

Германскиот канцелар за ДВ изјави дека Европа не може да поддржи елементи од контроверзниот план на САД за Украина. Замрзнатите руски средства во ЕУ не може да бидат исплатени на САД, тврди канцеларот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во разговор со новинарката на ДВ, Михаела Кифнер
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во разговор со новинарката на ДВ, Михаела КифнерФотографија: DW

Германскиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, презентираше свои предлози за мир во Украина. На маргините на самитот на Г20 во Јоханесбург, Јужна Африка, германскиот канцелар во разговор со дописничката на ДВ, Михаела Кифнер, изјави дека во пресрет на средбата во Јоханесбург имал телефонски разговор со американскиот претседател  Доналд Трамп  во врска со контроверзниот план од 28 точки за завршување на  војната во Украина.  „Му реков дека може да се согласиме за некои точки, но не за сите. И му реков дека стоиме зад Украина и дека суверенитетот на земјата неспорен", вели Мерц.

Мерц: „Не може сите точки од мировниот план да бидат договорени до четврток“

Средбата во Јужна Африка падна во сенка на фактот дека неколку шефови на држави и влади, пред сѐ Доналд Трамп и кинескиот претседател Ши Џинпинг, го откажаа присуството. Освен тоа, разговорите ги диктираше мировниот план за Украина, кој во голема мера ги задоволува барањата на Русија.  Планот меѓу другото предвидува територијални отстапки  за големи области во источна Украина, ограничување на бројот на украински војници и откажување од членство во НАТО. Трамп постави ултиматум  за Украина да го прифати планот до следниот четврток. Мерц смета дека „не е можно да се постигне договор за сите 28 точки од планот до четврток. Затоа сакаме да откриеме кои делови од планот може едногласно да се постигнат од Американците, Европејците и Украина од една страна, и  Русија  од друга. Тоа ќе биде екстремно комплицирано“, заклучува германскиот канцелар. Преговарачи на Украина,  САД  и европските држави моментално го дискутираат планот во Женева, Швајцарија.

Мерц не мисли дека Европа е маргинализирана во преговорите

Во интервјуто за ДВ,  Фридрих Мерц  додава дека војната во Украина, која трае веќе речиси четири години, претставува латентна закана и  за ЕУ.  „Препознаваме сериозни закани за нашата инфраструктура и за нашата сајбер безбедност. Ова е многу сериозна опасност за целиот политички поредок на нашиот континент. Затоа толку и се ангажираме“, вели Мерц. Канцеларот се спротивстави на перцепцијата дека  Европејците не се ни потребни,  ни консултирани во мировните преговори. 

Европа преговара за судбината на Украина: британскиот премиер Кир Стармер и канцеларот Фридрих Мерц во Јоханесбург во саботатаФотографија: Henry Nicholls/AFP/Getty Images

Замрзнатите руски средства во ЕУ не може да бидат исплатени на САД, тврди канцеларот, а тоа е една од 28-те точки во мировниот план. Имено, 100 милијарди долари  замрзнати руски средства  треба да се инвестираат во напорите за  реконструкција и инвестиции во Украина  предводени од САД, а САД треба да добијат половина од профитот. Мерц во интервјуто за ДВ сумира дека „ако овој план треба да се реализира, дефинитивно ќе биде потребна поддршката од Европејците."

„Африка во иднина ќе игра поголема улога“

Преостанатите шефови на држави и влади на Г20, односно водечките развиени и земјите во засилен развој, веќе објавија завршна декларација во саботата, експлицитно против желбите на САД. Во неа се фиксира намерата да им се помогне на посиромашните земји во светот да ги надминат своите должнички кризи и да им се олесни пристапот до нови заеми. Мерц вели дека „никој од нас не ја напушта Африка без длабокото убедување дека овој континент ќе игра значително поголема улога во иднина. Тоа е најбрзо растечкиот континент во светот, со млада популација.“

Мерц најавува посета на Кина на почетокот на новата година

На маргините на состанокот, канцеларот имаше можност да разговара и со кинескиот премиер Ли Чијанг за неговата долгоочекувана посета на Пекинг. Покрај лидерите на САД, Саудиска Арабија и Мексико, присуството го откажа и кинескиот претседател Ши Џинпинг и наместо тоа го прати премиерот во Јужна Африка. Мерц сега најави дека планира посета на Кина во јануари или февруари следната година. „Имав долг разговор со кинескиот премиер за да се подготвам за моето патување во Пекинг следната година. Кина може да го зголеми притисокот врз Русија за да се стави крај на војната во Украина. И доколку тоа е потребно, ќе биде и тема на разговорите следната година, иако се надевам дека уште пред тоа ќе се постигне примирје и дека ова прашање нема да ја засени мојата посета.“ По учеството на самитот на Г20, канцеларот ќе отпатува на самитот Африка и ЕУ во Ангола. Војната во Украина и можниот крај и таму ќе играат улога во многу дискусии.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми