1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

Мерцедес не се откажува од бензинските и дизел моторите

24 август 2024

Мерцедес ги коригираше сопствените планови во врска со електричните автомобили. Што значи ова за иднината, а што за планираната зелена транзиција во секторот на патниот сообраќај?

Знак Мерцедес
Знакот на МерцедесФотографија: Adobe Stock

Целта беше амбициозна: Мерцедес планираше да произведува само електрични автомобили од 2030 година. Веќе наредната година германскиот производител планираше да продаде ист број електрични автомобили и хибриди како возила со класичен мотор со внатрешно согорување.

Но, Мерцедес е многу далеку од постигнување на таа цел. Стратегијата за целосна транзиција кон електрични автомобили ја „закопа“ лично шефот на Мерцедес, Ола Келениус, во февруари годинава, а компанијата од Штутгарт го суспендира и поставувањето на нова платформа за електрични возила.

„Во наредните години ќе ги има и двете: електрични автомобили и ултрамодерни електрифицирани модели со внатрешно согорување. А, ако побарувачката е доволно голема, ќе ги има до триесеттите години на овој век“, рече Келениус пролетоска на Генералното собрание на компанијата - и со тоа уште еднаш јавно ја призна можеби најголемата погрешна пресметка во поновата историја на Мерцедес. 

Ола КелениусФотографија: Mercedes-Benz AG

Продажбата на електрични автомобили стагнира

Уделот на целосно електричните автомобили во вкупниот број регистрирани нови возила во првиот квартал од годинава во Мерцедес изнесува околу десет проценти - исто како и лани. Со хибридите, е-автомобилите на Мерцедес сочинуваат околу 10 отсто од глобалниот биланс, што е многу далеку од прокламираното (50 отсто) до 2025 година.

И тоа има последици: компанијата го запре развојот на нова платформа за електрични возила. Во автомобилската индустрија, платформите се нешто како градежни комплети, во кои се создаваат нови автомобили. Досега, платформите за електрични возила и класичните модели со внатрешно согорување беа исти - без разлика дали се работи за бензин, дизел, електрични модели или хибриди, сè се работеше на иста подвижна лента. Основната структура беше иста за сите модели, а во зависност од типот на возилото, во нив беше вграден соодветен погон.

Платформата „MB.EA-Large“ требаше да го промени тоа и да овозможи за првпат дури и голем луксузен модел да се состави од темел во верзија со е-мотор и тоа со зголемување во ефикасност, на пример во доменот на подобри, посилни батерии. Тоа беше амбициозна инвестиција во иднината на компанијата, но и скап проект. Премногу скапо за сегашните податоци за (слабата) продажба на електрични модели.

Неизвесната иднина на електромобилноста

За германскиот јавен сервис од Мерцедес беше потврдено дека компанијата во секој случај сака да инвестира во електрична мобилност во иднина. Во моментов, како што беше официјално објавено, во прашање е само споменатата платформа, но не и електричните автомобили. Мерцедес, како што е потврдено, ќе продолжи со понатамошен развој на батерии, мотори или софтвер.

ФолксвагенФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Мерцедес всушност само го следи трендот во автомобилската индустрија. Дури и БМВ, по сопствено признание, не се откажува од моторите со внатрешно согорување, слична е ситуацијата и со Фолксваген. И тоа и покрај фактот што продажбата на Фолксваген е значително подобра од Мерцедес.

Се заканува ли крај на планираната зелена транзиција во секторот за електромобилност?

Несигурност

Производителите на автомобили реагираат само на желбите на клиентите, вели автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер во интервју за АРД. А, клиентите во моментов се прилично неизвесни - поради постапките на политичарите, вели тој. „Има многу негативни пораки кои доаѓаат од политичката сфера, поради тие пораки клиентите станаа повнимателни“, вели Дуденхефер.

Како пример тој го наведува ненадејното суспендирање на субвенциите за електрични автомобили од страна на сојузната влада. Тоа беше пред Божик минатата година. Вреди да се спомене и медиумската помпа со која беше придружена изјавата на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека веќе донесената забрана за продажба на бензински и дизел мотори од 2035 година во ЕУ треба да се преиспита. Сето тоа негативно се одразува на продажбата на е-возила, додава германскиот експерт.

Кина е подготвена да го освои европскиот пазар на автомобили

00:53

This browser does not support the video element.

Дополнително, во автомобилската индустрија има неизвесност поради претстојниот трговски конфликт со Кина. Вашингтон веќе воведе казнени царини од 100 проценти за е-возилата од Кина, поради можното нарушување на пазарната конкуренција. Во ЕУ има сѐ погласни барања да се следи примерот на Американците. Сепак, експертите предупредуваат на можноста за таканаречена „спирала на казнени царини“: доколку Кина воведе и специјални царини, што би можело да има значителни последици за германските производители на автомобили. Имено, Кина е можеби најважниот единствен пазар во моментов - особено во секторот за електромобилност.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми