1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаДанска

Данска: Победа без мнозинство за Фредериксен

ЖА / агенции
25 март 2026

Левиот блок на Мете Фредериксен победи на изборите во Данска, но без апсолутно мнозинство, што отвора пат за сложени коалициски преговори во Копенхаген.

Данска премиерката Мете Фредериксен
Левиот сојуз предводен од премиерката Мете Фредериксен извојува победа, но не успеа да обезбеди апсолутно мнозинствоФотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

На предвремените парламентарни избори во Данска, одржани во вторник, левиот сојуз предводен од премиерката Мете Фредериксен извојува победа, но не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство. Според официјалните резултати, коалицијата на Фредериксен освои 84 места во  данскиот парламент со 179 пратеници.

Фредериксен изјави дека е подготвена повторно да ја преземе функцијата премиер. Земјата, сепак, се соочува со период на комплексни коалициски преговори, кои според неа „нема да бидат лесни“.

Десницата и центарот како можни фактори на рамнотежа

Десниот блок освои 77 пратенички места, додека центристичката партија Умерени, предводена од актуелниот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен, освои 14 места и се очекува да ја има улогата на клучно „јазиче на вагата“. За формирање мнозинство во Данска се потребни најмалку 90 пратеници.

Социјалдемократите најсилни, но со историски слаб резултат

Иако Социјалдемократите на Фредериксен останаа најголема партија, тие го забележаа најлошиот резултат во повеќе од 120 години — само 21,8 проценти, значително помалку од 27,5 проценти на изборите во 2022 година.

Фредериксен сепак истакна дека е подготвена да ја води Данска во следните четири години, но предупреди дека процесот на формирање влада ќе биде „многу сложен“.

Зелената партија забележа значителен раст и со 11,6 проценти стана втора најсилна партија во левиот блок. Лидерката Пија Олсен Дир изјави дека „историскиот резултат“ е доказ за довербата на гласачите. Таа нагласи дека партијата ќе влезе во влада само доколку се гарантира приоритет за социјалната држава и зелената транзиција.

Десничарската и антиимиграциона Датска народна партија повеќе од тројно го зголеми резултатот од 2022 година и освои 9,1 процент. Лидерот Мортен Местерсмит оцени дека тоа е „впечатлива потврда на поддршката од данскиот народ“.

Преговорите ќе бидат тешки и неизвесни

На политичката сцена се очекуваат комплексни коалициски разговори. Расмусен повторно повика на широка владина коалиција која ќе ги надмине традиционалните блокови, нагласувајќи: „Не смееме да бидеме поделени. Мора да соработуваме.“ Либералната партија Венстре, меѓутоа, исклучи можност за повторно коалицирање со Социјалдемократите.

Фредериксен е премиер од 2019 година, а во кампањата и помогна угледот на искусна државничка, особено во контекст на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Гренланд. Главните теми во изборната трка беа инфлацијата, социјалната политика, состојбата на земјоделството и високите нитратни вредности во водата.

Во Данска со шест милиони жители,  миграцијата не е толку контроверзна тема  како во многу други европски држави. Рестриктивната политика кон нерегуларната миграција ужива широк политички консензус веќе неколку години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми