1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Многудетно семејство е највисок патриотски чин

ДТЗ
30 септември 2025

Премиерот изрази стравување дека за 20 години можеме да бидеме држава со под еден милион жители. „Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд“, рече Христијан Мицкоски.

Премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски
Според премиерот, Христијан Мицкоски, формирањето многудетно семејство е решение за демографските предизвициФотографија: Petr Stojanovski/DW

Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност. Многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава - тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, порача премиерот Христијан Мицкоски на настанот за демографски трендови којшто се одржа во Владата. Станува збор за петгодишна програма којашто ќе ја спроведуваат Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), за демографската рецесија којашто ги мачи повеќето земји во светот. 

Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Од 1950 година до денес бројот на новородени деца постојано опаѓа. „Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња. Во 2024 година имаме само околу 16.000 новородени бебиња“, вели премиерот.

Овој пад, според него, има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. „Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии“, вели премиерот, потенцирајќи дека се создаваат услови за нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите во Македонија.

Стравувања за иднината

Според последниот попис, во земјата има над 1,8 милиони жители. „Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери.Реално присутното население, според сите проценки, не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик“, вели Мицкоски.

Од 1950 година па до денес бројот на новородени деца постојано опаѓаФотографија: picture-alliance/dpa

Тој изрази стравување дека „ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен“. „Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд“, рече премиерот.  

Според него, секој оној кој не разбира колку е ова сериозно не ѝ мисли добро на државата.

Приоритет - многудетни семејства

„Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив“, рече Мицкоски.

Со демографски проблеми се соочуваат повеќе земји во Европа, но и САД, Канада, Австралија, Источна Азија.

„Земјите се соочуваат со слични проблеми како Северна Македонија со стапка на плодност која се намалува во некои земји и миграција, а сите земји се соочуваат и со стареење на населението“, рече директорката на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми