Мицкоски: Без поголем наталитет ќе ни требаат странски работници
20 октомври 2026
Кој ќе работи во Северна Македонија за една или две децении? Прашањето повторно го отвори премиеротХристијан Мицкоски,предупредувајќи дека без посилен наталитет и семејни политикиземјата ќе мора сè повеќе да се потпира на странска работна сила за да го одржи економскиот раст.
„Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, за жал македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар“, порача Мицкоски коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година, годишно ни се потребни 50.000 странски работници за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.
Падот на наталитетот и сѐ поголемата потреба од работна сила ќе бидат меѓу клучните предизвици за македонската економија во наредните години. Според премиерот, доколку државата не успее да поттикне демографски раст и да ги зајакне семејните политики, економијата ќе мора сѐ повеќе да се потпира на странски работници.
„Јас кога зборував пред една и пол-две години за семејни вредности, за фертилитет, тогаш ме направија дека сум заостанат, дека сум ретрограден, дека не знам што зборувам и што сè не прочитав за себе, но, за жал, тој предизвик останува и понатаму. И тоа што го укажуваше потпретседателот на Владата и министер за транспорт, можеби е и потценета вредност, можеби ќе ни требаат многу повеќе за да ја задржиме економската активност“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека земјите од Западна Европа веќе се соочуваат со слични предизвици и дека за одржување на економскиот раст секоја година издаваат стотици илјади, а во некои случаи и милиони работни дозволи за мигранти.
„Така што, колку и да сакаат да ме исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките што значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија, која ќе расте“, додаде Мицкоски.
Демографијата како долгорочен предизвик
Ова не е првпат премиерот да испраќа порака дека многудетните семејства се дел од одговорот на демографските предизвици.
„Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, тогаш семејството е одговорот на овој предизвик“, порача Мицкоски и пред една година на настан посветен на демографските трендови што се одржа во Владата.
Според неговите тогашни оценки, проблемот со намалувањето на населениетоќе биде сѐ поизразен во наредните децении.
„Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутното население, според сите проценки, не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10 до 15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почувствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик“, предупреди лани Мицкоски.
Левица: Проблемот не е само демографски
Од Левица реагираа на изјавите на премиерот, оценувајќи дека тој повторно ја промовира својата демографска политика поврзана со многудетните семејства и семејните вредности.
Од партијата посочуваат дека сè уште не е исплатен додатокот за трето дете и дека родителите со недели чекаат средства без одговор од Центрите за социјална работа и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Левица потсетува и на доцнењето на породилните надоместоци, високите трошоци за живот и растот на цените на недвижностите. Според партијата, синдикалната минимална кошница во октомври надминала 70.000 денари, а околу 26.000 денари се потребни само за храна и пијалаци за четиричлено семејство. Во исто време, цената на станбениот квадрат во Скопје достигнува и до 3.000 евра, додека повеќе од 300.000 станбени единици во државата се празни.
Од Левица укажуваат и на состојбите на пазарот на труд. Според податоците што ги наведуваат, во второто тримесечје од 2026 година во Северна Македонија имало 90.000 невработени лица, односно стапка на невработеност од 11 проценти. Истовремено, 101.000 лица работеле неформално, без регулиран работен однос, а бројот на неформално вработените пораснал за повеќе од 7 проценти.
Недостиг на работна сила и во индустријата
Во обид да го ублажи недостигот од работна сила, државата во изминатите години дозволи ангажирање странски работници, пред сѐ од Непал и Бангладеш. Дел од нив веќе работат во различни сектори, особено во туризмот и услужните дејности.
Сепак, дел од странските работници по пристигнувањето ја напуштија државата, користејќи ја како транзитна точка кон земјите од Европа во потрага по подобри услови за живот и работа.
Експертите предупредуваат дека намалувањето на работоспособното население ќе изврши дополнителен притисок врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Помал број работници ќе треба да обезбедуваат средства за функционирање на овие системи, додека понудата на пазарот на труд постепено ќе се намалува.
Статистичките податоци покажуваа дека бројот на работници во индустријата во периодот јануари-февруари 2026 година е намален за 3,5 проценти во споредба со истиот период претходната година. Податоците покажуваат и дека Северна Македонија за пет години изгубила речиси 170.000 работници.
Според статистиката, бројот на активно население се намалил за 165.976 лица во периодот од 2018 до 2023 година. Ако во 2018 година имало 957.623 активни лица, пет години подоцна нивниот број се намалил на 791.647. Само во првите три месеци од 2025 година државата останала без дополнителни 2.738 работници, што дополнително ги отвора прашањата за демографските трендови, миграцијата и одржливоста на пазарот на труд.