Мицкоски: Дата центрите носат иднина
1 септември 2026
Премиерот Христијан Мицкоски се вклучи во актуелната дебата за изградба на дата центри во Северна Македонија, оценувајќи дека станува збор за глобален и неповратен технолошки процес.Тој порача дека Владата ќе продолжи да ја води државата кон економски развој и модернизација.
Изјавата следи по бројните критики во јавноста за можната потрошувачка на вода и електрична енергија, како и за транспарентноста на разговорите со потенцијални инвеститори.
Повикување на Трамп и глобалните трендови
Мицкоски потсети на обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп, во кое, како што рече, биле истакнати придобивките од развојот на дата центрите и нивното значење за економијата.
Според премиерот, Трамп посочил дека оваа индустрија може да придонесе за отворање нови работни места, економски раст и создавање подобри услови за инвестирање. Мицкоски нагласи дека слични развојни трендови се забележуваат и во азиските земји, кои интензивно вложуваат во технолошка инфраструктура и дигитална трансформација.
„Така што јасно е каде оди светот и овој процес е неповратен. Секогаш кога ќе појдете на Исток, особено во азиските земји, кога ќе ги видите хуманоидните роботи, кога ќе видите како функционираат современите сообраќајни решенија и кога ќе се соочите со тие технолошки достигнувања, тогаш се враќате со воодушевување“, рече Мицкоски.
Критики од опозицијата
Темата за дата центрите во изминатиот период предизвика политичка дебата меѓу власта и опозицијата. Додека Владата тврди дека ваквите инвестиции ќе придонесат за економски развој, технолошки напредок и нови работни места, опозицијата упатува критики и бараат повеќе информации за проектите, нивните финансиски аспекти и потенцијалните ефекти врз државата.
Мицкоски, пак, порача дека Владата останува посветена на реализација на политики што, според него, ќе ја насочат државата кон просперитет и иднина.
„Тие нека продолжат со својата политика на противење, а ние знаеме каде ја водиме државата и ќе ја водиме кон просперитет и иднина“, нагласи премиерот.
Аргументи „за“ и „против“ дата центрите
Поддржувачите на инвестициите наведуваат неколку клучни аргументи: привлекување значителен странски капитал, отворање нови работни места во ИТ и сродните индустрии, развој на дигиталната инфраструктура, зголемување на интересот на меѓународни компании за инвестирање и подобрување на технолошката конкурентност на државата.
Критичарите, пак, предупредуваат на неколку потенцијални ризици како што се недоволна транспарентност во процесот, голема потрошувачка на електрична енергија, а ја истакнуваат и потребата од детални анализи за долгорочните ефекти.