Мицкоски: Нема уставни измени без две гаранции
29 јануари 2026
Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница порача дека уставни измени нема да има ако не се исполнат два клучни услови: Македонците во Бугарија да ги добијат своите загарантирани права, согласно меѓународното право и конвенциите за човекови права и гаранции дека Македонија нема да се соочува со нови блокади и опструкции од субјективни причини.
Оваа неговата изјава беше дадена како одговор на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи, кој го отвори прашањето за динамиката и условите за уставните измени.
„Додека сум премиер, уставни измени без овие две гаранции нема да има“
Мицкоски нагласи дека додека тој ја води Владата, процесот нема да се движи без исполнување на јасно поставените услови.
„Уставни измени нема да има додека сум јас премиер ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права. Вториот услов се однесува на гаранции дека нема да има билатерални вета, омаловажувања и понижувања од субјективни причини“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека државата може да прифати критики доколку тие се засновани на реални недостатоци, како нерешени случаи поврзани со владеење на правото, но не и нови блокади засновани на политички притисоци.
Повик до пратениците: „Не поддржувајте измени без гаранции“
Мицкоски упати порака до сите 120 пратеници, вклучително и до оние кои во иднина можеби би предложиле измени без исполнување на условите.
„Ги советувам сите пратеници да не го поддржат ставот за уставни измени без да добиеме гаранции.Кога нема јас да бидам премиер, можеби ќе има друг кој ќе ви одговори поинаку“, изјави тој.
Премиерот: Македонците во Бугарија се лишени од основни права
Во продолжение Мицкоски зборуваше за состојбата на македонската заедница во Бугарија, наведувајќи дека на Македонците им се одземени речиси сите културни и јазични права.
„Македонците во Бугарија бараат само да можат да се здружуваат, да го чуваат својот јазик, култура, песни и обичаи. Организацијата ОМО Илинден – Пирин треба да има право да ги застапува нивните интереси. Многу ли е тоа?“, праша Мицкоски.