1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Европа е немирен вулкан, потребни се мудрост и единство

Даниела Трпчевска-Зафировска
23 октомври 2026

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека растечката нестабилност во Европа и на Балканот носи ризици и за Северна Македонија, повикувајќи на единство, мудрост и отпорност кон провокации.

Премиерот Христијан Мицкоски 23.06.2025
Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека растечката нестабилност во Европа и на Балканот носи ризици и за Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во време кога протестите, политичките тензии и безбедносните предизвици стануваат сè повидливи низ Европа и регионот, Северна Македонија мора да остане внимателна, мудра и обединета. На Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, премиеротХристијан Мицкоски предупреди дека континентот влегува во период на зголемена нестабилност и оти не може да се исклучат обиди дел од регионалните проблеми да се пренесат и во земјава. Воедно, тој порача дека државата мора трпеливо и мудро да го продолжи патот кон Европската Унија,без отстапување од националните интереси.

Европа станува „немирен вулкан“

Осврнувајќи се на актуелните случувања во Европа и регионот, Мицкоски оцени дека континентот се соочува со сè поголеми безбедносни иполитички предизвици.

„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека Балканот и натаму останува простор во кој различни интереси и влијанија се активни.

„А, на Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, изјави премиерот.

Според него, постојат и домашни актери кои би можеле да учествуваат во такви сценарија.

„А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават“, рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и вештачки наметнати поделби. Мицкоски додаде дека нема да дозволи политички авантури и нечесни игри кои би можеле да ја загрозат стабилноста на државата.

Патот кон ЕУ и односите со Бугарија

Премиерот рече дека ја разбира загриженоста и измореноста на граѓаните од долгото чекање за членство во Европската Унија, оценувајќи дека Северна Македонија го минува најдолгиот и најтешкиот евроинтегративен пат.

„Но, иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост“, порача Мицкоски.

Тој рече дека Северна Македонија не треба да се откажува од преговорите со Европската Унија бидејќи е важно земјата да биде дел од клубот каде се носат одлуките.

Во тој контекст, се осврна и на односите со Бугарија, посочувајќи дека прашањата поврзани со историските личности и добрососедските односи се отвориле дури по влезот на источниот сосед во Европската Унија.

„Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав“, рече Мицкоски.

Според него, токму затоа е важно Северна Македонија да стане дел од Европската Унија и рамноправно да учествува во процесите на одлучување.

„Ете затоа е важно да бидеме и ние таму и таа наша борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство“, истакна премиерот.

Тој додаде дека Владата нема да реагира импулсивно на притисоци и провокации.

„Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон ќе победиме како многупати досега“, порача Мицкоски.

Осврнувајќи се на историските прашања, премиерот порача дека никој не може да го избрише македонското историско паметење.

„Нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење“, рече Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми