1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски ги брани реформите, СДСМ брои неисполнети задачи

30 април 2026

Пратенички прашања за реформите: Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Македонија фаќа чекор со регионот во исполнувањето на задачите од реформската агенда

Христијан Мицкоски, 27.02.2025
Христијан Мицкоски уверува дека Македонија фаќа чекор со регионот во исполнувањето на задачите од реформската агендаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По критиките на опозицијата дека Македонија каска со реформската агенда, премиерот Христијан Мицкоски од Собранието порача дека од Брисел многу бргу ќе дојде информација дека од „последни во регионот - земјата сега е рамо до рамо со фронтранерот Црна Гора“.

„Успешно се завршени 16 или 17 од 22 индикатори  за извештајниот период кој заврши кон крајот на 2025 година. Таа информација ќе дојде деновиве и ги предупредувам во СДСМ да не се истрчувааткако прле пред магаре“, рече премиерот, одговарајќи на пратеничкото прашање на Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ како ги коментира обвинувањата од опозициската партија дека недоволно се реализирареформската агенда.

Тој даде поширок контекст за реализацијата на реформската агенда, нагласувајќи дека на крајот на јуни завршува таканаречениот „грејс-период“ за индикаторите што требаше да бидат исполнети до јуни 2025 година.

„Првиот е во делот на енергетиката и предвидува државата повеќе да не учествува со целосната количина на електрична енергија на тендерот што снабдувачот го распишува еднаш годишно“, истакна Мицкоски. Овој индикатор подразбира престанок на субвенционирањето на струјата за домаќинствата, чекор кој, според него, би предизвикал зголемување на цената на електричната енергија за повеќе од 35 проценти.

„Јавно и јасно кажувам дека овој индикатор немаме намера да го завршиме. Во спротивно, ќе следува ценовен шок кој ќе повлече и други негативни последици“, нагласи премиерот, додавајќи дека вредноста на овој индикатор изнесува 8,5 милиони евра, од кои третина се грант, а остатокот кредит со отплата од 2032 година.“

СДСМ ја критикува владата за неисполнетите задачиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Работа на подзаконски акти и економски реформи

Мицкоски информираше дека Министерството за енергетика, заедно со експерти ангажирани по препорака на Европската комисија, работи на финализирање на подзаконските акти со цел Законот за енергетика да стане целосно функционален.

Во однос на економските индикатори, премиерот посочи дека се работи за измени на закон донесен пред повеќе од една деценија, кои според Министерството за финансии претежно имаат семантички, а не суштински карактер.

Четвртиот индикатор, како што објасни, се однесува на формирање регистар на правни лица каде што државата учествува како целосен или делумен сопственик – процес што го спроведува Министерството за економија и труд со поддршка на надворешни експерти.

Во делот на правосудството, Мицкоски се осврна на законите за Судскиот совет и за независноста на судиите и јавните обвинители, посочувајќи дека постојат одредени забелешки кои ќе бидат коригирани и доставени до пратениците. Тој нагласи дека со новите решенија, плановите за вработување и унапредување во судството нема да зависат од Владата, туку од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со што, како што рече, се исполнуваат клучни барања на ЕК.

Критики од СДСМ за неисполнети задачи

Изјавата следи откако СДСМ обвини дека од 10 клучни реформски точки само две се целосно исполнети. Партијата преку соопштение наведе дека осум приоритети се неисполнети или делумно исполнети, вклучувајќи ги уставните измени, борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и енергетската транзиција.

СДСМ јавно го постави прашањето како Владата планира да ги затвори преостанатите осум точки во краток рок, кога, како што наведуваат, за исполнување на две биле потребни две години.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми