1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски го турка унгарскиот кредит, опозицијата е загрижена

ДТЗ
25 јули 2024

Откако Владата го задолжи Министерството за финансии да изготви закон за заемот, претседателот на СДСМ Венко Филипче побара тој што поскоро да биде доставен во Собранието. Се договара ли нешто тајно со Унгарија?

Христијан Мицкоски, Виктор Орбан
Премиерот е дециден дека не се договара ништо тајно со Виктор Орбан, но опозицијата сака што поскоро да го види законотФотографија: Regierung Nordmazedonien

Унгарскиот заем кој го најави премиерот Христијан Мицкоски и понатаму ја бранува јавноста. Откако Владата го задолжи Министерството за финансии да изготви закон за заемот од половина милијарда од Унгарија, претседателот на СДСМ, Венко Филипче побара тој што поскоро да биде доставен во Собрание. Тој на брифинг со новинарите, Филипче изрази загриженост дека се договара фирми од Унгарија да купуваат меѓу другото и медиуми во земјата. За лидерот на опозицијата е нелогично што за првпат во историјата на земјава се зема кредит од друга држава, а не од банки и финансиски институции, кои имаат гаранции кога станува збор за задолжување.

Но, премиерот е дециден дека не се договара ништо тајно. Тој по одбележувањето на 102 години од Стопанската комора рече дека веќе наесен очекува да влезат дел парите од унгарскиот заем во стопанството. За таа цел министерката за финансии била задолжена да го потпише договорот со нејзиниот колега од Унгарија, согласно процедурите.  

„Ништо не криеме“

„Ние не криеме. Ние шверцерски ништо не поминуваме. Тоа се условите, тоа е сумата. Кога би било? Па очекувам таму некаде првиот месец од есента дека ќе бидат на располагање на компаниите, а веќе следната година останатите 250 милиони евра да бидат на располагање на општините“, рече Мицкоски.

Компаниите што ќе ги исполнат условите ќе добијат пари од кредитот. „Тие што ќе ги исполнат условите ќе ги користат овие поволности. Не се само овие 250 милиони евра. Има една кредитна линија која што е на располагање, долго време не се користи, тоа се уште дополнителни стотина милиони евра од ЕИБ и како Влада ја разгледуваме можноста да Владата ја плати каматата да може бизнисот да го користи кредитот, односно главницата. Тоа се 350 милиони евра и ценам дека оваа помош, барем со уште 350 дополнителни милиони евра што ќе дојдат од бизнисот, ќе заокружи една инвестициска активност од 700 милиони евра што ќе влијае врз БДП, ќе влијае на пазарот на трудот, ќе отвори нови работни места. Така што станува збор за еден комплексен процес“, рече Мицкоски. 

За лидерот на опозицијата е нелогично што за првпат во историјата на земјава се зема кредит од друга држава, а не од банки и финансиски институции, кои имаат гаранции кога станува збор за задолжување.Фотографија: SDSM

Кое е потеклото на парите?

Премиерот деновиве во телевиско интервју за Телма рече дека не знае од каде Унгарија ќе ги обезбеди средствата коишто и ги вети како заем на Македонија. Првично стануваше збор за една милијарда евра, за тоа ветувањето да се „стопи“ на половина милијарда евра.

Во меѓувреме унгарски медиум „Портфолио“ објави дека унгарската Влада тајно позајмила една милијарда евра од кинеските банки оваа пролет. Медиумот се повикува на ажурираната статистика на Центарот за јавно менаџирање на јавниот долг. Унгарските власти го зеле кредитот од кинеските развојни банки, а треба да го вратат до април 2027 година.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче е загрижен. Вели дека е нелогично зошто една земја која нема пари да даде, туку се задолжува од друго место со многу поголема каматна стапка, а нас ни дава заем со помала каматна стапка.

„Се прашуваме дали се крие нешто зад тоа? Инсистираме Владата што побрзо да го даде законот за заем во Собрание, но и да се каже кое е потеклото на парите. Дали зад тоа можеби се крие некаква друга тенденција? Дали можеби идеја од некои компании во Унгарија да се преземаат тука кај нас, медиуми или компании, и тоа е дел од некаков договор? Зошто посегнуваме за првпат во историјата на нашата земја во билатерален договор да позајмуваме пари кога ние имаме аранжмани со Светска банка, соработуваме со Европска инвестициона банка, имаме потпишано програма со Меѓународниот монетарен фонд“, рече Филипче на брифингот со новинарите.

Мицкоски по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон обелодени дека унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада 500 милиони евра. Позајмицата е со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми