Мицкоски и Филипче го украдоа „шоуто“ за локалните избори
2 октомври 2025
Трет ден од почетокот на официјалната кампања, и повеќе од еден месец како партиите неформално ги започнаа средбите со граѓаните и теренските активности за локалните избори во Македонија во октомври, повеќе од извесно е дека лидерите на најголемите политички партии „го украдоа „шоуто“, па изборните ветувања на кандидатите за градоначалници место да се најдат во фокусот - паднаа во сенка.
На сцената доминираат препукувањата меѓу премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и првиот човек на опозициската СДСМ, Венко Филипче, а одвреме-навреме „лута стрела“ ќе полета и кон албанскиот блок, особено кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Нема да ти ја земам македонштината“
Копјата највеќе се кршат околу резолуцијата за црвените линии за влез во ЕУ, која што во екот на предизборната кампања ја стави на маса лидерот на СДСМ. Премиерот ваквиот потег го оцени како „нов бонбона - бизнис“ со Бугарија.
Но, Филипче од Македонски Брод го повика Мицкоски да ги надмине личните и партиските интереси по ова прашање.
„Христијан, тргни ја суетата, еднаш во животот, за една тема. Тргни ја суетата и издигни се над партиските интереси и дај да ја турнеме оваа држава напред. Ова го должиме и ова граѓаните го бараат и го очекуваат од нас“, рече Филипче и додаде:
„Еве, ако сакаш смени нешто внатре, нека не се вика резолуција на Филипче или на СДСМ. Немој да мислиш дека Филипче сака да ти ја земе македонштината. Нека биде ваша, само дај конечно да ја завршиме таа работа оти ќе останеме последна држава на Балканот без интеграција, на периферија на Европа, нема да остане еден човек во оваа држава“.
Судството на тапет
Коренитите промени во судството, коишто премиерот ги најавува уште од стартот на неговиот мандат, кулминираа и во предизборниот период. Мицкоски деновиве и од Демир Капија и од Струга, порача дека по локалните избори ќе се занимава со судството и обвинителството, затоа што мора еднаш засекогаш да се стави крај со овој перманентен бастион на криминалот.
Филипче од Македонски Брод му порача на премиерот: „Мицкоски не се заканувај, никој не ти се плаши“, откако тој изјави дека „лакеите на СДСМ грчевито се борат да се опструираат истрагите поткрепени со докази, за да не можат поранешните функционери во владата на СДСМ и ДУИ, кои ја крчмеа, распродаваа и разнебитуваа Македонија, да одговараат“.
„Но, имам лоша вест. Локалните избори за еден месец ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети, а потоа ќе дојдат вистински судии и обвинители и вие ќе одговарате. Обрачот се стега и нема бегање од одговорност. А, сите ваши лакеи во обвинителството и судството ќе бидат разрешени и ќе одговараат за попречување на правдата“, рече премиерот.
Ваквите изјави следат откако Филипче упати серија критики дека ВМРО-ДПМНЕ се прочитани како буквар, бидејќи не спровеле ниту една судска реформа. „Сè што сакаат е да го контролираат судството, да зачуваат свои роднини, пријатели, сопружници на градоначалници, на коалициски партнери, сè со цел да имаат свои луѓе и да може да влијаат на судски процеси. Ништо повеќе не сакаат од тоа. За жал, повторно партизирана држава како во нивниот претходен мандат до 2017 година“, вели лидерот на СДСМ.
Остра реторика меѓу двајцата лидери провејува и во однос на одговорноста за трагедијата во Кочани, но и за економските проблеми коишто ја тиштат земјата, а за коишто опозицијата смета дека Владата нема конкретни решенија.
По некоја „стрела“ и кон ДУИ
Одвреме-навреме некоја стрела ќе полета и кон ДУИ, за коишто Мицкоски смета дека се дел од план „под маса“ за формирање на тајни коалиции за изборите.
„На секој митинг ги слушам од раководството на ДУИ како ме нарекуваат ваков, таков, па споменуваат орли, зајаци, за да последно ме наречат албанофоб. Еве, јас тука од Неготино, би сакал и на нив да им одговорам. Јас не сум албанофоб ниту, пак, човек што е ксенофоб, кој има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина Македонија. Но, да. Јас сум криминалофоб и ги презирам политичките криминалци што во политиката влегоа голтари, а излегоа од политиката милионери“, рече премиерот од Неготино.
Тој влезе во дуел и со Ахмети, но и со Бујар Османи, којшто е во трка за градоначалник на Чаир. Османи на прес-конференција рече дека Мицкоски по природа е албанофоб и ги мрази Албанците, откако премиерот му „гарантираше политичка пензија на Ахмети ои изборите“.