1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја компромитира работата на Историската комисија?

ДТЗ
3 септември 2024

Историчарот Драги Ѓоргиев на новите членови што ги најави Мицкоски им порачува да се држат што подалеку од партиите и од политиката. Според него, премиерот ја компромитира работата на идната историска комисија

Драги Ѓоргиев
Мицкоски и Ѓоргиев меѓусебно се обвинуваат за компромитирање на работата на Историската комисија со БугаријаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски не смета дека го компромира македонскиот тим во историската комисија со Бугарија. Напротив, вели дека првиот човек на Комисијата, Драги Ѓоргиев сам се компромитирал изминатите години „коленичејќи пред министерки и премиерски кабинети“. Најави дека на една од наредните седници на Владата на дневен ред ќе се најде и предлогот за нов состав на комисијата.

Изјавата следи откако Ѓоргиев, во разговор за БИРН, на новите членови што ги најави Мицкоски им порачува да се држат што подалеку од партиите и од политиката. Според него, премиерот ја компромитира работата на идната историска комисија, откако деновиве изјави дека мешовитата историско-образовна комисија со Бугарија не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ. 

Неаргументирана и неодговорна изјава 

„Според мене, таа изјава може да се дефинира како неаргументирана и неодговорна. Неаргументирана бидејќи во неа не постои никаков аргумент кога и на кој начин Комисијата „не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ“. Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици“, вели Ѓоргиев во интервјуто. 

Мицкоски вели дека Драги Ѓоргиев сам се компромитирал изминатите години „коленичејќи пред министерки и премиерски кабинети“. Фотографија: Government of North Macedonia

Тој додава дека изјавата е полна со популизам затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат. „А,со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат“, вели Ѓоргиев. 

Нов состав на владина седница 

Мицкоски одговарајки на новинарски прашања на прес-конференција во Владата му одговори на Ѓоргиев.

 „Жалам што самиот тој се компромитира, бидејќи немаше потреба никој да го компромитира изминативе години, коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети, место да си ја гледа работата. Но, тоа е негов избор. Денеска комисијата не беше на дневен ред на владина седница, но на некоја од наредните седници ќе се најде со новиот предложен состав“, најави премиерот.

Мицкоски најави дека на една од наредните седници на Владата на дневен ред ќе се најде и предлогот за нов состав на комисијата.Фотографија: Government of North Macedonia

Драги Ѓоргиев седум години го води македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија. Комисијата беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.  Досега усвоија препораки за заедничко чествување на  Кирил и Методиј, Наум Охридски, Климент Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми