1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Имаше обид да ме поткупат за Коридорот 8

ДТЗ
27 август 2024

„Се додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер“, порача Мицкоски. За случајот биле информирани сите надлежни институции и Брисел

Христијан Мицкоски
Мицкоски: Имаше обид да ме поткупат за Коридорот 8Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата рече дека имало обид за поткуп за Коридорот 8 со цел  да ја прифати тендерската документација што истекува на 17 септември.

„Се додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер“, порача Мицкоски. За случајот биле информирани сите надлежни институции и Брисел. Премиерот на новинарските прашања не даде прецизен одговор кој стои зад обидот за поткуп. „Се знае како оди тоа, преку канали за комуникација“, вели Мицкоски, кој додаде дека е доволно искусен за да наслути дека тоа била целта на соговорникот. 

„Нема да го прифатам овој тендер“ 

Информираше дека за случајот ги известил партнерите од ЕУ со кои имал состанок. „Тие со разбирање ги прифатија аргументите. Дијалогот со бугарската страна ќе се одвива во Брисел на високо ниво, а процесот ќе го фасилитира Европската комисија“, вели премиерот. 

„Завршија времињата на таков тип комуникација со претседателот на Владата, можеби со некои други имало така, со овој нема така. Сите институции се информирани. Нормално дека тоа не оди транспарентно и со докази, преку документ. Се знае дека тоа е канал за комуникација, но сум доволно искусен за да предвидам дека целта на соговорникот е таа за која зборував“, додаде Мицкоски. 

„Не можам никогаш како претседател на Владата да ставам потпис на проект, да потрошам половина милијарда пари на моите граѓани за проект што завршува на половина тунел во слепа улица“, рече Мицкоски Фотографија: Fotolia/mlehmann78

„Слепа улица“ 

Премиерот е дециден дека Коридорот 8 и Коридорот 10 се од големо значење за земјата. 

„Што се однесува до Коридорот 8 имавме пред почетокот на седницата на Влада комуникција со официјални лица од Брисел, од ЕК, но и од банките што даваат грант или заем за овој проект. Тоа се ЕБОР и ЕИБ и мислам дека по денешниот состанок дури и на нив им е прилично јасно дека вака како што е конципиран проектот претставува сериозен проблем. Не можам никогаш како претседател на Владата да ставам потпис на проект, да потрошам половина милијарда пари на моите граѓани за проект што завршува на половина тунел во слепа улица“, рече Мицкоски и додаде: „ Бидејќи бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект, јас кажав дека ваков каков што е, никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските“, вели Мицкоски.

Тој очекува посветеност и загриженост за изградбата на коридорот и од бугарска страна. 

„Очекуваме другата половина од тунелот да биде завршена, но и оние 5-6 километри со кои ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна зашто нам ни треба целиот Коридор, а не да потрошиме половина милијарда евра овде, а тие да не направат ништо. Ќе ве потсетам на граничниот премин Клепало кога од македонска страна се’ беше завршено и патот и граничниот премин, а од бугарска страна немаше ништо завршено, рече Мицкоски.

Транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор 8) се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел на овој 315-километарски паневропски коридор минува низ Северна Македонија.

Бугарија уште во јули реагираше по најавите дека македонскиот премиер нема да потпише изградба на пруга која завршува во слепа улица.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми