1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка за секој глас за уставните измени

ДТЗ
15 август 2022

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бара собраниската седница за уставни измени да се закаже веднаш по одморите. Неизвесно е дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за влез на Бугарите во Уставот

Северна Македонија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара веднаш по одморите да се закаже седницата на Собранието за уставни измени. Ако над 80 пратеници гласаат за измени на Уставот со цел да се впишат и Бугарите, тој најавува дека следниот ден ќе се повлече засекогаш од политиката. Во спротивно бара да се одржат предвремени парламентарни избори.

„Верувам во секој пратеник од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во рамките на парламентот дека под овие околности нема да гласа за промена на Уставот и дека доколку се случи такво нешто ќе заминам трајно од политиката. Затоа што имам полна доверба во сите“, рече Мицкоскикој деновиве има средби и со коалициските партнери за прецизирање околу прашањето за референдумот и можната седница за уставни измени. Тој од Тетово ја повика Владата, веднаш откако парламентарците ќе се вратат од годишниот одмор, првата точка на првата седница во парламентот да биде предлог за измена на Уставот.

Стравувања 

Без уставни измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав, надежите за ЕУ лесно би можеле да се распрснат како меур од сапуница. Ваквите стравувања ја прават особено неизвесна и тензична следната фаза од патувањето кон Унијата, особено ако се има предвид во каква тензична атмосфера поминаа предлог-забелешките за францускиот предлог, за кои беше потребно само просто мнозинство во парламентот. За уставните измени, пак , е потребна двотретинска поддршка од пратениците, што најавува беспоштедна битка за секој глас, кој ќе мора да се бара и во опозициските редови

Дека работите нема да одат лесно најавува и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски кој во два наврати порачува дека ќе ја стави на коцка и својата политичка кариера. 

Разбранувана политичка сцена

Ваквата реакцијата следеше откако првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, ја разбранува политичката сцена со изјавите дека кај опозицијата има луѓе кои сакаат да се продолжи со евроинтеграцијата на земјата и да ги поддржат уставните измени во парламентот.

Според него, темата за референдумот ја туркаат политичари кои се обидуваат да го продолжат опстојувањето во политиката. „Мојот личен став и ставот на Владата е дека нема алтернатива за европска Македонија. И затоа придонес треба да дадат сите, бидејќи апсолутно сите граѓани, сите заедници, сакаат да ја видат нашата држава како членка на Европската Унија. На ист начин, како што бевме заедно кога ја зачленувавме земјата во НАТО. Па така, треба да разговараме со пратениците од опозицијата кои ќе гласаат за уставните измени, а такви има. За ова треба да се разговара, а не за дневно-политички теми како што е референдумот, кои им служат на одредени политички актери за одржување во живот“, изјави Груби викендов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара веднаш по одморите да се закаже седницата на Собранието за уставни измени. Фотографија: Petr Stojanovski

Но, Мицкоски е дециден - дека такви пратеници нема.

„По цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема. Ќе си заминам и никогаш повеќе нема да се занимавам со политиката, ако додека сум претседател, под овие услови, биде променет Уставот“, изјави вчера Мицкоски (14.08).

Дестабилизација

Од владејачката СДСМ му порачаа на Мицкоски дека може веднаш да си поднесе оставка, да не чека и да ја напушти политиката, откако му пропаднаа сите обиди да ја закочи и да ја дестабилизира државата. „Мицкоски, кој самиот се прогласи за анти ЕУ политичар, уште еднаш потврди дека референдумот кој го најавува, а за кој не ја знае ниту формата, ниту прашањето, му е само за внатрепартиска и лична употреба. Барањата за референдум, против македонскиот јазик, на Мицкоски уследија откако му потонаа сите обиди да ја закочи државата, да ја блокира европската иднина, со крвавите сценарија за дестабилизација и предизвикување етнички конфликт“, реагираат од СДСМ.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој имаше резерви и за францускиот предлог, не очекува дека ќе се обезбеди поддршка од 80 пратеници за уставните измени. Неговата поддршка за промена на Уставот е условена со признавање на правата на Македонците во Бугарија.

Процедурата на уставните измени ќе започне по летните одмори, најави Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

„Мислам дека тие најави дека дел од пратениците од опзицијата ќе се премислат се шпекулации и не очекувам дека во овој парламентарен состав ќе се случат тие промени, веројатно ќе се одржат предвремени избори”, изјави рече Трајанов во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

Според него, регистрацијата на здруженија кои носат имиња на докажани фашисти е на штета на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија. „Мислам дека одговорноста лежи кај државните институции кои дозволуваат регистрација на здруженија на граѓани со различни имиња кои апсолутно не се прифатливи за граѓаните, за јавноста, бидејќи се работи за поранешни соработници на Хитлер, на фашизмот, или, пак, во тоа време извршувале високи државни функции во Бугарија”, рече Трајанов.

Процедурата на уставните измени ќе започне по летните одмори. Земјата има обврска за вметнување на Бугарите во Уставот, пред да се одржи следната меѓувладина конференција на која ќе се отворат кластерите. Според најавите на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, скринингот на Северна Македонија со Европската Унија ќе започне во септември и ќе трае 16 месеци, најдоцна до ноември 2023 година. Станува збор за анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното со законодавството на Унијата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми