1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Бугарски пасоши се вадат поради економски причини

ДТЗ
29 јули 2024

Премиерот смета дека ако не се одложеше приемот на земјата во ЕУ, ниту еден македонски граѓанин немаше да посака да земе бугарски пасош. Документите се вадат поради економски причини.

бугарски пасоши
Бугарски пасоши се вадат поради економски причини, вели МицкоскиФотографија: Dessie/Fotolia

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека граѓаните кои имаат бугарски пасоши ќе ги искинат првиот ден откако земјата ќе стане дел од Европската Унија. Според него, бугарскиот пасош не се зема за некој да стане Бугар, туку тоа се прави од чисто економска причина, со цел полесно да се најде работа во земјите членки на ЕУ.

Тој во понеделникот во Скопје (29.07) одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара од македонските граѓани да се откажат од бугарски пасош, рече дека тоа е индивидуална одлука. Според него, вистинското прашање е зошто македонските граѓани не барале бугарски пасош пред Бугарија да биде дел од ЕУ и оцени дека зад тоа во најголем дел се кријат економски причини.

„Бугарскиот пасош не е поради етничка припадност или национална. Јас како што знам бугарски пасоши во Македонија имаат различни етнички заедници во Македонија, и Македонци - Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, сите имаат поради економски причини, мислат дека на тој начин полесно ќе добијат работната дозвола за да работат во земјите од ЕУ. Треба да ја кажеме вистината. Не затоа што се чувствуваат како Бугари, сигурен сум дека не е тоа причината. И сигурен сум дека најголемиот дел од нив утре би се откажале ако не се случеше оваа неправда две и пол децении да чекаме да почнеме преговори“, вели Мицкоски.

Тој смета дека „ако земјата имаше нормален пат како сите нови членки во ЕУ, ниту еден македонски граѓанин немаше да посака бугарски пасош“.

„Ви гарантирам, ви потпишувам. Многу повеќе заслужуваме од многу повеќе земји членки коишто станале дел од европското семејство. Првиот ден кога ќе станеме, јас ви гарантирам дека тие ќе ги искинат“, рече Мицкоски по средбата со претставници на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија.

Премиерот смета дека граѓаните барале бугарски пасоши поради економски причиниФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Одложено дејство како алтернатива

Мицкоски го повтори ставот во однос на преговарачката рамка и уставните измени, кои се услов за продолжување на евроинтегративниот процес. За нив прифатлива алтернатива е усвојување амандмани на Уставот, но соодложена примена, односно да стапат во сила тогаш кога за државата ќе биде донесена одлука да стане полноправна членка на ЕУ.

Ваквата позиција неодамна ја соопшти министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски : „Може да се вметнат Бугарите како етничност во нашиот Устав, заедно со Хрватите, Црногорците..., но тоа да има одложена примена, до пред да се ратификуваат протоколите за членство на земјата во ЕУ. Тоа е за да имаме гаранција дека во тој период ќе бидеме оценувани единствено по објективни и мерливи критериуми".

Мицкоски е дециден дека „нема намера да прифаќа грешки од минатото коишто се катастрофални“. „За жал, тие грешки биле прифатени од некои политичари од меѓународната заедница и сега сите ние сме заглавени“, вели премиерот.

Според него, политичарите треба да престанат да прават преседани и да се фокусираат на водење политики, оти постојат институции кои кажуваат чии права се нарушени.

Чии права се загрозени?

„Која е причината Бугарите да бидат дел од нашиот Устав? Нека ми објасни некој која е причината и зошто тоа го прифатиле? Дали нечии права се нарушени? Што ќе правиме со 14 пресуди за правата на Македонците во Бугарија, треба некој и за тоа да ни даде одговор затоа што ние сме во Европа“, вели Мицкоски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Слободна Европа, изјави дека во Брисел нема волја зе менување на Преговарачката рамка. Во однос на уставните амандмани, тој посочи дека веќе имаме решение на маса.

„Се сеќавате уште во јули 2022 година многу внимателно ги следев преговорите што се водеа приближно меѓу есента 2020 година и тој договор што беше постигнат на 22 јули не беше лесен процес, или за која било страна, беа направени компромиси. И како резултат на тоа, мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа Влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение, рече Гир. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми