1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Мицкоски најави беспоштедна борба со криминалот

ДТЗ
23 август 2024

„По секоја цена мора да се исчистиме од криминалот од секоја пора на општеството - дали на улиците, дали во институциите, дали во власта. Секаде криминалот мора да биде поразен и ќе го поразиме“, изјави Мицкоски

Христијан Мицкоски
Мицкоски најави беспоштедна борба со криминалотФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Христијан Мицкоски најави  беспоштедна борба со криминалот во сите пори на општеството. Вели дека Македонија мора да се исчисти од криминал, ако сака да оди напред.

„Мора криминалот да биде неисплатлива професија ако сакаме да одиме напред. Во спротивно ќе продолжиме да тонеме во ова политичко мочуриште. Како Влада сме жестоко посветени по која било цена се исчистиме од криминалот од секоја пора на општеството - дали на улиците, дали во институциите, дали во власта. Секаде криминалот мора да биде поразен и ќе го поразиме“, изјави Мицкоски по посетата на Агенцијата за катастар на недвижности во Општина Гази Баба. 

Изјавата следи по информациите за повеќе бегства на осуденици од затворите, а двајца од бегалците се поврзуваат со неодамнешното сурово убиство кај трговскиот центар „Мавровка“, кога беше застрелан 59-годишен скопјанец, пред очите на неговата сопруга. 

Професијата криминалец треба да ја направиме неисплатлива 

Премиерот вели се идентификувани три групи во Скопје, коишто „за жал имаат своја логистика и во некој од затворите“, а се занимаваат со изнуда, тероризам, рекетирање, со тежок облик на криминал.

„Точно ги знаеме кои се и очекувам многу скоро и за нив бавењето со криминал да биде неисплатлива професија“, вели Мицкоски. Порача дека „секоја криминална битанга којашто мисли дека со криминалот може да профитира“, многу скоро ќе се разочара  - ќе биде пронајден.  

„Секој оној којшто мисли да се занимава со криминал ќе биде фатен и ќе биде испратен онаму каде што му е местото - позади решетки. Мора професијата криминаци и криминал да ја направиме неисплатлива, ако сакаме да се ослободиме од криминалците и криминалот. Без разлика дали станува збор за безочни убијци или за политички криминалци, дали станува збор за друг тип на криминал и корупција. Ние мораме како влада и како држава сериозно да се занимаваме со битката против ваквите елементи и ваквото девијантно однесување и тоа е мој личен приоритет“, дециден е Мицкоски.  

„Секој што мисли да се занимава со криминал ќе биде фатен и ќе биде испратен зад решетки, вели МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski

„Политички глодари со монструозни сценарија“ 

Премиерот вели дека постојат и политички глодари „коишто мислат дека на таков начин ќе спечалат некој политички поен, на сметка на загубените животи“. „Но, жалам што таков тип на политички глодари не го гледаат минатото и не гледаат што оставија и што правеа додека беа тие во владата и што всушност ние денеска мораме да поразиме, што е оставштина и наследство од тоа време кога владата на СДСМ и ДУИ беше во Владата. Но, ќе се бориме и ќе победиме. Треба на сите да им е јасно, дека не се само тие. Набљудуваме неколку групи и овде во Скопје и во неколку други градови низ државата“. вели Христијан Мицкоски. 

Тој најави бројни истраги наесен, за коишто се комплетираат доказите. 

„Очекувам дека ќе имаме оваа есен прилично многу досиеја, со цврсти докази, неколку и од Агенцијата за катастар ќе произлезат, ќе биде интересно јавноста да ги слушне имињата кои што се инфилтрирани. Кога сето тоа ќе биде поткрепено со докази, на граѓаните ќе им биде јасно зошто се овие конструкции, зошто имаме се уште активни политички глодари коишто сакаат да креираат монструозни сценарија. Но, ние сме тука, ќе се бориме, мораме Македонија да ја исчистиме од криминал ако сакаме да одиме напред“, вели Мицкоски. 

Како дел од нерегуларностите коишто се истражуваат, според него, се случаите во МНРповрзани со некои од амбасадорите, за „злоупотреба на средства“.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми