1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски на самитот ЕУ-Западен Балкан

18 декември 2024

Од седмиот самит во овој формат треба да произлезе заедничка декларација. Мицкоски во Брисел ќе има средби со Калас, Санчез и Туск.

Северна Македонија | Христијан Мицкоски
Премиерот Мицкоски во Брисел ќе има средби со Калас, Санчез и Туск Фотографија: Government North Macedonia

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска попладне (18.12.) во Брисел ќе присуствува на седмиот самит ЕУ-Западен Балкан, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

Самитот на ЕУ и Западен Балкан се одржува од 2018 година на инцијатива на тогашниот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, а последниот се одржа во Брисел во декември 2023 година.

Во рамки на дводневна работна посета на Брисел, Мицкоски ќе оствари средба со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез и со премиерот на Полска, Доналд Туск, а ќе учествува на Самитот на Европската народна партија.

Со денешниот самит ЕУ-Западен Балкан за првпат ќе претседава новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, а покрај лидерите од регионот на состанокот ќе присуствува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Главни теми ќе бидат натамошната интеграција на Западен Балкан во ЕУ, спроведувањето на Планот за раст, продлабочување на политичкиот ангажман на ЕУ со Западен Балкан во повеќе области - надворешната и безбедносната политика, зајакнувањето на отпорноста на регионот и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, зајакнувањето на безбедноста и одбраната, одговорот на хибридните и сајбер закани, продлабочување на соработката во управувањето со миграцијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Заедничка декларација

Најавувајќи го самитот, од Европскиот совет посочија дека тоа е можност да се продолжи новиот моментум за стратешко партнерство меѓу ЕУ и регионот, како и за размена на идеи за тоа како да се продлабочи тоа партнерство и заедно да се напредува кон ЕУ.

Со денешниот самит ЕУ-Западен Балкан за првпат ќе претседава новиот претседател на Европскиот совет, Антонио КоштаФотографија: Wiktor Dabkowski/picture alliance

Самитот ЕУ-Западен Балкан почнува попладне по 17 часот, а Кошта и Фон дер Лајен треба да одржат прес-конференција околу 19 и 30 часот. По 20 часот ќе се одржи работна вечера, на која лидерите ќе разговараат за геополитичкиот контекст и предизвиците што ги засегаат ЕУ и Западен Балкан. На крајот од самитот лидерите од ЕУ и од Западен Балкан треба да усвојат заедничка декларација во која, според медиумски увиди во нацрт-документот, би било наведено дека постои нова динамика на проширувањето и дека процесот на пристапување ќе биде забрзан, но врз основа на резултати. Лидерите ќе бидат повикани да ги спроведуваат темелните вредности и принципи на ЕУ, особено со основните права и владеење на правото, за усогласување на надворешната и безбедносната политика на земјите од регионот со онаа на ЕУ, а ќе се повика и на јакнење на меѓусебната соработка и негување на добрососедските односи.

Незаврешни обврски

Во пресрет на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан, министрите за надворешни работи на ЕУ на вчерашното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК), усвоија заклучоци за секоја од земјите во регионот. Од оние што се однесуваат за Македонија, се поздравува определбата на новата Влада дека интеграцијата во ЕУ е нејзина стратегиска цел, но се потсетува на неспроведените обврски.

Повторувајќи го повикот на Европскиот совет до Северна Македонија да го забрза спроведувањето на уставните измени, Советот ја потврдува подготвеноста да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом земјата ќе ја спроведе својата обврска, во согласност со нејзините внатрешни процедури.

„Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со рамката за преговори“, се вели во еден од заклучоците.

Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување на билатералните договори со добра волја, вклучително и на Договорот од Преспа со Грција, и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со преговарачкара рамка.

Во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан, министрите за надворешни работи на ЕУ на заседание на Советот за општи работи на Унијата усвоија заклучоци за секоја од земјите во регионот, меѓу нив и Северна МакедонијаФотографија: DW/M. Maksimovic

Во контекст на потребата од независност, професионализам, ефикасност и непристрасност на судството, во еден од заклучоците се посочува дека Судскиот совет треба да биде зајакнат во согласност со препораките на Оценската мисија на ЕУ од 2023 година, и да биде зајакната борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Советот и понатаму е сериозно загрижен за измените на Кривичниот законик, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво. Советот ја повикува Северна Македонија да усвои нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди“, се наведува во заклучокот.

Силно пофалена

Советот „силно ја пофалува Северна Македонија" за нејзината доследна соработка на надворешнополитички прашања и особено за цврстата и долгогодишна целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со рестриктивните мерки на ЕУ – што е силен сигнал за стратегиската посветеност на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Советот го поздравува и континуираното активно учество на Северна Македонија во мисиите и операциите на ЕУ во рамките на на заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и новото безбедносно и одбранбено партнерство меѓу ЕУ и земјата, кое го отвора патот за зголемена соработка во клучните области.

„Во однос на економските критериуми, Советот го поздравува доброто ниво на подготовка и одредениот напредок постигнат од Северна Македонија во развојот на функционална пазарна економија и ја охрабрува да продолжи со напорите да напредува во нејзиниот капацитет за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили во Унијата и да ги спроведе неопходните структурни реформи“, се вели во заклучоците за проширувањето.

Советот ја поздравува земјата и за континуираната добра соработка во однос на справувањето со миграцијата, управувањето со границите и усогласувањето со визната политика на ЕУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми