Мицкоски на средби со луѓе од опкружувањето на Трамп
20 јануари 2025Македонската делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, којашто ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, оствари повеќе средби со новата американска администрација. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „лобира за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања“, а и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски најави „засилување на контактите со новата администрација на Трамп“.
Премиерот имаше средба со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, а сега во новата администрација нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика.
Мицкоски вели дека разговарале за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочува државата и „остварувањето на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија“. „Побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план“, објави премиерот на социјалните мрежи.
Мицкоски имаше вечера и средба и со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов - американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина - бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски, сопственик на Рамбл групацијата.
Бизнис можности
„Разговаравме за можноста за инвестиции во Македонија, за конкретни проекти од бенефит за граѓаните. Меѓу другото ги посочив напорите кои Владата ги дава за стабилизирање на економијата, рекордот кој го остваривме во привлекување на инвестиции во државата и поволностите кои се нудат“, информираше премиерот на Северна Македонија.
Тој вели дека ја искористил и можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за земјата. „Станува збор за високо позиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас“, објави премиерот на Фејсбук.
Во Вашингтон, Мицкоски вели дека имал исклучително продуктивен долг состанок со Крис Павловски сопственик на Рамбл компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и ЏД Венс потпретседател на САД како дел од новата администрација на претседателот Трамп. Капиталот на Павловски од Форбс е проценет на 1.2 милијарди долари.
„Разговаравме за инвестиции на Рамбл во Македонија во делот на дигитализацијата. Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема која е секогаш дел од нашите разговори, зборувавме за предизвиците кои се дел од сегашноста, но и иднината.Се бориме за напредок и иднина на нашите граѓани и татковината“, вели Мицкоски.
Тој разговарал и со американскиот новинар, Такер Карлсон, познат по своите десни конзервативни ставови, кого го поканил да ја посети Македонија. Новинарот е познат по тоа што правеше интервју со рускиот претседател Владимир Путин.
Поддршка за евроинтеграциите
Мицкоски ја предводи делегацијата која присуствува на инаугурацијата на Трамп и е придружен од вицепремиерот Изет Меџити, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, како и заменичката министер за европски прашања, Викторија Трајков. Муцунски неодамна порача дека средбите во Вашингтон ќе ги искористат и за поддршка на САД за македонската евроинтеграција.
„Доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Сакаме ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО Алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат“, рече Муцунски минатата недела во гостувањето во Топ Тема на Телма телевизија.