Нова траса за коридорите ако УНЕСКО не даде зелено светло?
1 април 2026
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата е подготвена да разгледа нова траса за коридорите доколку УНЕСКО не даде зелено светло за проектите што поминуваат низ заштитени подрачја, нагласувајќи дека инфраструктурниот развој ќе продолжи, но со целосно почитување на меѓународните обврски.
„Трасата што е повлечена поминува низ периметар заштитен од УНЕСКО.Доколку таа траекторија и натаму биде спорна, ќе бараме друго решение. Коридорите ќе се градат, но по правила“, рече тој.
„Никој нема да биде заборавен“
Премиерот при посетата на Гази Баба испрати сигнал дека коридорите 8 и 10Д остануваат приоритет, но не по секоја цена. Во фокусот на неговото обраќање беше дилемата – развој или правила, односно дали државата ќе ги почитува обврските кон УНЕСКО или ќе ризикува нови проблеми со меѓународните институции.
„Граѓаните од Струга треба да бидат спокојни, бидејќи оваа влада е влада на целата територија на државата и нема намера никого да остави заборавен, вклучително и граѓаните од Кичево, Вевчани, Дебарца, Охрид и сите општини долж коридорите 8 и 10Д. Никој нема да биде заборавен“, порача Мицкоски.
Трасата поминува низ заштитено подрачје
Спорната траса поминува низ дел заштитен од УНЕСКО. „Сега треба да одлучиме дали ќе ги почитуваме правилата или не и ќе го третираме ова како шведска маса, па ќе го почитуваме само тоа што ни одговара. Таква непринципиелна политика оваа влада нема да води“, вели Мицкоски.
Во наредниот период ќе се бара решение за проблемот којшто бил посочен од страна на УНЕСКО. „Ќе знаеме во јуни конечно што ќе се случува“, рече Мицкоски. Тој додаде дека шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски е во Париз, каде што ќе разговара со раководствпото на УНЕСКО.
„Тие ќе дојдат во Македонија и доколку траекторија којашто ја предвиделе, сѐ уште е спорна за УНЕСКО, ќе се бара друг начин. Граѓаните нема да останат неповрзани“, нагласи Мицкоски.
Но, според него, добро е ова прашање да се постави и на политичарите во Албанија. „Таму автопатот нема да биде до Ќафасан, нема да биде ни експресен пат, туку ќе биде на 20-25 километри пред Ќафасан. Тоа е вистинското прашање“, вели Мицкоски.
Обвинувања за аванси и провизии
Во исто време, Мицкоски ја обвини претходната влада дека зад себе оставила само аванси и провизии, без реална реализација на проектите за коридори. „Од реализацијата на коридорите 8 и 10Д, во три години беше реализиран само аванс и, најверојатно, наплатена провизија“, истакна премиерот.
Тој порача дека нема да дозволи етничка поларизација, обвинувајќи дека такви обиди доаѓаат од опозициските партии.„Додека сум премиер, нема да дозволам етничка поларизација во државата“, рече Мицкоски, додавајќи дека во Вевчани, Дебарца и Охрид мнозинството население е македонско.
Во делот на економијата, премиерот нагласи дека изградбата на коридори е клучна за економскиот раст. „Како Влада ни одговара да се гради, затоа што на тој начин се зголемува БДП и економијата“, посочи Мицкоски.
Реакцијата следи откако ратеникот Зијадин Села обвини дека Владата се подготвува да направи девијација на Коридор 8, повикувајќи се на заштитата на подрачјето под УНЕСКО. Тој оцени дека отстапувањето од предвидената траса претставува продолжување на политиките од минатото и дека вистинската закана за УНЕСКО не се коридорите, туку дивоградбите и угостителските објекти долж крајбрежјето.