1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски најавува борба со корупцијата со чисти раце

ДТЗ
7 мај 2025

Во државата нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединци, туку со тоа дали правдата стигнува и до најмоќните, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Христијан Мицкоски
Мицкоски најавува борба со корупцијата и криминалот со чисти рацеФотографија: Government North Macedonia

Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред. Одлучни сме, како Влада, како институции, но пред сè како општество – дека оваа борба мора да се води со целосна посветеност, со вистински партнери и со чисти раце, порача премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај. 

Мицкоски упати честитка до сите полициски припадници за нивната посветеност и храброст, додавајќи дека „имаше време кога институциите се користеа како алатка за лични и политички интереси, а не за правда“.

„Пораките ’ќе средиме’ и ’ќе се јавам’ беа погласни од законот. Во државата нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите – без разлика дали се работи за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединците, туку со тоа дали правдата стигнува до сите – и до најмоќните, и до најмаргинализираните. Нема компромис со криминалот“, дециден е Мицкоски. 

Според него, „правдата може да биде бавна, но никогаш не треба да биде слепа". „Наша задача е да и ги отвориме очите – преку професионална, етичка и непоткуплива полиција. Полиција која ќе го гони криминалот, без оглед на тоа дали стои зад маска, позиција или пари“, рече Мицкоски, порачувајќи им на припадниците на полицијата дека нивната мисија е света – да го чуваат поредок, но и да вратат доверба кај народот. 

„Кога правдата замолчува, неправдата станува гласна“, рекол еден мудар човек. Но, со вас – со вашата работа, посветеност и пожртвуваност – неправдата останува без простор. Таа се повлекува пред чесната, решителна и модерна полиција, вели Мицкоски. 

МВР повеќе не е затворена институција, туку работи рамо до рамо со граѓаните, вели Панче ТошковскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Безбедноста како темел на секое општество

И премиерот и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски се согласни дека да се биде полицаец не значи само носење униформа, туку и посветеност на заштитата на татковината.

Во обраќањето на свеченоста во Центарот за обука на МВР во Идризово, Тошковски ја потенцираше сложеноста на современиот безбедносен контекст и предизвиците со кои се соочува полицијата. „Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било“, рече тој, додавајќи дека МВР активно соработува со бројни европски и регионални партнери.

Осврнувајќи се на резултатите од работата на полицијата во изминатиот период, Тошковски вели дека МВР повеќе не е затворена институција,туку работи рамо до рамо со граѓаните.

„Безбедноста не е привилегија, таа е темел на секое здраво општество. Без неа нема ниту економија, ниту правда, ниту развој“, рече министерот на одбележувањето на Денот на македонската полиција.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми