Мицкоски не ја исклучува можноста за предвремени избори
8 октомври 2025
Премиерот Христијан Мицкоски во Струмица изјави дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, логично би било да се размислува за можноста за предвремени парламентарни избори и нов четиригодишен мандат. Но, за таа одлука, вели премиерот, ќе се водат не од политичкиот, туку од интересот на државата.
„Очекувам по овие локални избори да влеземе во еден циклус на засилен инвестициски бран и оној кој ја следи политиката ќе рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе има силна победа, посилна од таа во 2021 година. Логично е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори за да се обезбеди нов четиригодишен мандат“, вели Мицкоски.
Државниот пред партискиот интерес
Според премиерот, тоа е логично како политичка одлука.
„Но, ако го гледаме од државна логика тогаш поинаку размислуваме. Ние сакаме да ја ставиме државата пред се и интересот на стопанствениците, за да имате предвидлива иднина, да знаете што можете да очекувате, па дури потоа се обидуваме да го ставиме тој наш политички интерес. Но, ќе видиме. Прво да се случат работите, па потоа ќе носиме одлуки“, рече премиерот на Бизнис форум во Струмица, на кој присуствуваа стопанственици од регионот, како и министри од владиниот кабинет.
Премиерот во неколку наврати изминатиот период, кога се отвораше прашањето за одржување на предвремени избори го застапуваше ставот дека „ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на избори уште утре, но прашањето е дали за тоа треба да трошат парите на граѓаните“.